Денешна дата
14/07/2020

Мобилните оператори и ЕВН нé одраа со давачки, државата пет пари не дава

Ги регулира ли некој давачките кон операторите? За повторен приклучок во мрежа поради неплатени сметки, Т-мобиле наплаќа 100 денари, Оне 199, а ВИП 295 денари. ЕВН, пак, околу 2.000 денари. Регулаторните тела засега не го регулираат ценовникот за овие дополнителни услуги

Јас им платив на ЕВН 2.000 денари за повторен приклучок на мрежата, а кој мене ќе ми ја плати штетата поголема од 20.000 денари што ми ја направија дома“, реагира Б.П., педесет и три годишен жител од Кочанско, кому неодамна поради три неплатени сметки му била исклучена струјата.

Кога по еден месец, кочанчанецот Б.П. се вратил дома имал што да затекне –   непријатната миризба, растечени фрижидери, расипана храна.

Јас сум возач на камион и по цел месец не сум дома. Жената заминала на гости кај сестра и, на неколку дена, и куќата останала празна. Јас сум ги загубил последните 2-3 сметки и од дистрибуција, дошле и ме исклучиле. Дома фрижидерите се одмрзнале вода имаше во целата кујна. Месото во замрзнувачот, се одмрзнало, смрдеше дури кај комшиите“, вели кочанчанецот.

За повторно да му ја вклучат струјата, морал да плати 2.000 денари.

Доаѓаат и исклучуваат без при тоа да те известат“, вели неговиот 59-годишен сосед.

Порано се знаеше, кога ќе ти испратат црвена сметка, знаеш дека си пред исклучување. Денес, не се знае ништо, ако заборавиш 2-3 сметки, веднаш ќе те исклучат од мрежата“, вели Благој Георгиев од Кочани.

potrosuvaci

Во Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) велат дека често се случува незадоволните граѓани да реагираат и да бараат одговори:

„Има реакции од долгогодишни претплатници, кои за два месеци заминале некаде настрана и се исклучени од мрежата на ЕВН Македонија. Подоцна тие реагираат на висината на повторниот приклучок“, вели Мирјана Лончар, претседателка на Организаријата на потрошувачи на Македонија.

И покрај настојувањата, од ЕВН не добивме одговор на поставените прашања.

 

За еден час работа, ЕВН ќе ти однесе 2.000 денари

 

Граѓаните, најмногу реагираат на висината на повторниот приклучок што го наплаќа ЕВН Македонија, а тој е над 2.000 денари, во зависност од времето кога сака клиентот да го приклучат.

Георгиев коментира дека оваа е прескапо.

Ќе дојдат со клештите, ќе се качат на бандерата и ќе вклучат една жица за еден час и ќе ти однесат 2.000 денари“, вели Георгиев.

Ефективната работа на електричарите за вклучување и исклучување од мрежата не е повеќе од 90 минути и не чини повеќе од 500 денари, вели електро- инжинер, кој работи на одржување на електричната мрежа во едно јавно претпријатие и кој сакаше да остане анонимен.

На висината на сметките реагираат и од Организацијата на потрошувачи. Мирјана Лончар вели дека често кај нив се жалат граѓани за висината на таксата за повторен приклучок.

Граѓаните не знаат од каде произлегуваат овие високи суми. Треба да се воведе дисциплина во наплатата на услугите на овие оператори, сегашните суми се превисоки“, вели Лончар.

Таа ги повика од Регулаторната комисија за енергетика да реагираат на висината на сметките, но од таму само велат дека никој освен ЕВН Македонија, не го регулирал овој трошок.

 

dimitar petrov

„ЕВН Македонија, досега сама ги утврдуваше цените за повторен приклучок на корисниците на нивната мрежа. Тој ценовник беше донесен од нивниот Управен одбор“, вели Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Тој додава дека во Регулаторната комисија за енергетика во процедура е донесување на нов ценовник на услугите на операторот на дистрибутивната мрежа каде ќе биде регулирана оваа дејност.

 

 

За разлика од нас во соседна Бугарија, регулаторната комисија уште многу одамна ја има регулирано цената на повторниот приклучок и таа такса сега изнесува 19 лева (околу 600 денари), а од 5 јуни таа такса целосно е укината.

Од ЕВН Македонија не добивме одговор како се одредува сумата за повторен приклучок.

 

Мобилните оператори од ракав ги одредуваат давачките

 

Сопствен брич, при одредувањето на цените на мобилните услуги применуваат и мобилните оператори. Во ВИП е највисока таксата за повторен приклучок и изнесува 295 денари, во Оне е 199 денари, додека во Т-мобиле е 100 денари.

Од прашањата кои ги упативме до овие оператори, само ВИП одговори дека според законот и правилниците за електронски кумуникации во член 18 е наведено правото операторите да наплатуваат за повторното вклучување во мрежата.

Тие не наведоа детално кои се трошоците што ги прави операторот, наведоа дека операторот користи човечки и технички ресурси.

Во Оне ни изјавија дека парите за повторен приклучок ги земаат бидејќи не наплаќале камата за задоцнетото плаќање. Во Т-мобиле пак на истото прашање ни одговорија дека тоа било политика на фирмата.

Инбокс 7 направи анализа на трошоците за повторен приклучок кај мобилните оператори. Сите три оператори изјавија дека вклучувањето се врши веднаш или не повеќе од 10 секунди. Оваа подразбира дека трошоците за ангажирање на човечкиот фактор се минимални. Ако земеме дека просечната плата во Македонија е 21.000 денари, просечен работен час чини околу 100 денари, тогаш 1 работна минута на работникот ја чини компанијата 1,5 денари, додека 10 секунди чинат околу 25 дени, а за повторниот приклучок, мобилните оператори наплаќаат од 400 до 1.200 пати повеќе од тоа што потрошиле за повторното вклучување.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија сметаат дека оваа е превисок трошок, и дека Регулаторните тела на државата треба да поведат сметка и да ги заштитат граѓаните од овие високи трошоци.

За Владимир Ристевски, советник за односи со јавност при Агенцијата за електронски комуникации, тоа не е сфера на регулирање на трошоците на мобилните оператори и дека малку земји во Европа ги регулирале овие трошоци што ги плаќаат граѓаните.

 

Vladimir_Ristevski

Малопродажните услуги и пакети што ги нудат мобилните оператори ние како Агенција за електронски кумуникации не ја контролираме. Операторите сами ги одредуваат цените на овие услуги“, вели Ристевски.

Тој додава дека тие ги регулираат само цените на интерконекциските поврзувања помеѓу операторите.

lefkov@yahoo.com