Денешна дата
22/09/2020

САД И ЕУ ЗА ИМЕТО – NO PASARAN! (Меѓународна берза 1)

Новинарскo-уредничкиот тим од Аминта 3 од Скопје, влезе во филмот за меѓународната завера на сојузниците од Запад против Македонија. Не беше доволна нивната серија координирани неделни написи за естетско-политичките атрибути на дипломатските дами од Германија и одХоландија во Скопје. Сликата да биде поцелосна во промакедонската одбрана од неподобните странци, се грижат и амбасадорскo-колумнистичките првенци на Претседателот Иванов, со тезите дека дипломатите во Македонија треба да се придржуваат до Виенската конвенција, да се тргнат од домашните арбитрирања и да си гледаат во својот двор кога во Македонија ни испраќаат пораки од моќните центри на геостратегијата.

Антизападната хистерија се поткрепува со случаите на деспотското кршење на човековите слободи и демократските правила во посочените членки на НАТО и на ЕУ. Во тие такви „неразвиени“ демократии се случи импичмент за претседател на најмоќната држава, a во последнава декада, тројца шефови на европски држави завршија на суд. Десеттиот претседател на Германија, Кристијан Вулф, поднесе оставка откако се најде сред корупциски скандал со спорен кредит, скапи автомобили и богати донации.Десетмина премиери, од кои тројца од Италија, се со затворски казни поради врски со мафијата. Во последнава декада, три влади од ЕУ поднесоа оставки под притисок на јавното мислење и на медиумите. Значи, Никсон, Кол, Ширак, Мечијар, до најновите демократии во ЕУ со случаите на Санадер, Јанша, Нечас, Настасе… Толку за аномијата на нивните демократии и институции.

Дури и една Бугарија, како млада членка на ЕУ, ги слуша препораките на Брисел околу Јужен поток. Д-р Огњан Минчев, директор на Институтот за регионални и за меѓународни истражувања од Софија, кој деновиве беше во Скопје, неодамна оцени дека:

„Во цената за изградбата на тој гасовод нема елементарна бизнис логика. На пример, еден километар од трасата низ дунавската рамнина ќе биде двапати поскап од еден километар низ планинскиот релјеф во Србија и трипати поскап од еден километар гасовод низ непристапните алпски предели во Словенија. Бугарија во истовреме се наоѓа под огромен коруптивен притисок од Москва, и под апсолутно легитимен притисок од Брисел за да се спречи измамата каква е што е измислената ʼморска трасаʻ од страна на пратениците на владејачката партија БСП, за која не би требало да важат правилата на ЕУ. А токму целта на ЕУ е да ги намали и да ги израмни високите монополистички цени кои ги нуди сега Гаспром“.

Отрoвните стрели од Македонија се вперени кон амбасадорките на Германија и на Холандија, но одвај се чека на заминување на Волерс, не го сакаа ни неговиот претходник Рикер, неприфатливи се Аренс, Брет… Протагонистите на критиките кон нив како да забораваат кого претставуваат амбасадорите.

Колку за потсетување, без САД, со досегашната непосредна финансиска помош од најмалку 1,5 милијарди долари, нивните војници и командите на УНПРЕДЕП и на Унпрофор, во обезбедувањето на границите кон Косово и кон Србија, прашање е дали ќе опстоеше македонската држава. Во нејзиниот суверенитет се вградени воената, финансиската, економската помош и моќ на Германија од околу една милијарда евра. Холандија, чии две последни амбасадорки доживеаја невидени напади, пред точно две децении ги плати долговите на Македонија кон Светска банка, за да ги добиеме првите кредитни линии и поволности од финансиската помош на ЕУ. Таа две декади е дел од конституенцата (лидер на гласачкиот блок) и за Македонија во ММФ и за Светска банка. Од нив и нивните финансиски афилации, пред сè, ЕБРД, секоја Влада, посебно на Груевски, здушно користат кредитни линии за финансирање на буџетскиот дефицит, за пополнување на девизните резерви, за одржливоста на макроекономската и на монетарната стабилност. Досега најмалку 1,5 милијарди евра. Вкупните донации од моќните пријатели од Запад достигнуваат вредност на еден вкупен БОП од почетокот на милениумот.

Протагонистите на најновата медиумска тортура врз дипломатите во Скопје, ја презедоа политиката на Милошевиќ за самодоволноста како модел на издржливост. Во еден од новинарските текстови на Премиерот Груевски, му се сугерира „да ни соопштипланови за раздолжување кон ММФ и кон Светска банка… како намера да ја зацврсти македонската национална и државна сувереност“. Небаре сме Словенија, која се откажа од услугите на ММФ со 880 милиони марки на почетокот од самостојноста, со упад во федералните резерви од 1,2 милијарди марки, со стабилна макроекономска политика и одлични менаџерски ресурси. ММФ и Светска банка надвор од Македонија??? Веројатно сум пропуштил да прочитам дека денарот, како конвертабилна валута, котира на светските финансиски берзи, дека е платежен преку банкарските сфивт-трансакции кон странство…?!?! Сета среќа што овој тип на економски алфабетизам нема да допре до искусниот Груевски.

Премиерот, кој е виновен за застојот во евроатланските интеграции, сепак, менаџира со наредната декада на исчекување пред портите на Унијата. Сите крупни инвестиции во слободните царински зони се од Германија, Британија, САД, Австрија, Холандија… И велат дека таму досега работат најмалку 10-12 илјади Македонци.

Не чув и не прочитав дека некои од стотиците илјади млади, кои се отселени и кои заминале кон Исток, изгрејсонцето на својата перспектива ја бараат во САД, ЕУ, Австралија, во земји со функционални институции, слободна пазарна и конкурентна економија.

За да бидат мерливи контроверзите во комплетната медиумско-политичка логика на самодоволност и на самоизолација, од една страна, како и лицемерието во надворешната политика на властите во Скопје, од друга страна, најсвеж пример е изјавата, односно понудата на Антонио Милошоски. Во едно неделно интервју, тој сугерира САД, Германија или Франција, одделно или трите држави заедно, да бидат вклучени во решавањето на спорот со Грција, како медијатори и гаранти на нова спогодба. Да оставиме настрана како би изгледала една американска шатл-дипломатија на некој нов Холбрук и молневитото потпишување на Спогодбата со Атина? Како со врела вода би биле посипани големите медиумски патриоти, наспроти водот од домашно-странските предавници и платеници. Екс-министерот потсетува на изјава на Бакојани дека Грција ќе го чека влезот на Србија во ЕУ, пред да се решава судбината на Македонија. Токму поради прекин на оваа традиционална националистичка трансверзала меѓу Белград и Атина, на суспендирање на понудата од Милошевиќ до Мицотакис за поделба на Македонија, итриот Киро Глигоров беше принуден на прагматичност и на нефер „дил“ трампа – ФИРОМ за влез во светските политички и во финансиски институции. Без нив денес Македонија не би била самостојна и суверена држава. Тоа е пораката за (ре)актуелизираната и сè уште гневната патриотска политика на провладините медиуми, новинари и политичари кои ја тестираат самодоволноста на една мала и немоќна држава и економија.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)