Денешна дата
24/03/2019

Миранда Патруциќ, уредник на новинарската мрежа за борба против корупцијата: Полицијата ја користеше нашата работа за да го фати наркобосот Шариќ

На новинарите мора да им се овозможи слободно да пристапуваат до информациите а полициите од државите на Балканот мора да ја подобрат соработката. Само така може да зборуваме за успешна борба против криминалот и корупцијата кои не познаваат граници, ниту вера ниту нација, вели Миранда Патруциќ, регионален уредник на OCCRP во интервју за Инбокс7. На дводневната работилница што ја организираше SCOOP – Македонија новинарите учеа за најновите трендови во истражувачкото новинарство и подигање на свеста за борбата против корупцијата

Инбокс7: Кои се најзначајните истражувачки стории на кои до сега сте работеле вие лично и тимот на OCCRP?

 

Патруциќ: Најинтересните истражувања што јас во последно време ги направив се однесуваат на Црна Гора а ние ја разоткривме спрегата помеѓу криминалните групи на бизнисот и политиката во оваа земја што оди до врвот на власта. Меѓу другото откривме и тоа дека Дарко Шариќ е еден од најголемите трговци на дрога во регионот дека работел со луѓе од највисокиот врв на ДПС, тоа е владеачката патија во Црна Гора. Исто така разоткривме дека одредени министри и луѓе вработени во некои од министерствата биле клучните соработници на Шариќ. Тоа е посоледното истражување на кое работев но сето ова е применливо во целиот регион и спрегата помеѓу бизнисот, политиката и организираниот криминал постојат во секоја од нашите земји.               

 

Инбокс7: Токму сега, во Србија е актуелен судскиот процес во кој Шариќ е обвинет за шверц на дрога. Колку вашето истражување придонесе за отпочнување на овој процес? 

 

Патруциќ: Тоа е интересно. Полицијата често се потпира на пишувањата на медиумите. На документите кои ги објавуваме или на интервјуата што ги правиме. Така, кога го истражувавме Човиќ, човекот кој перел пари во името на Дарко Шариќ направивме интервју со него во Бања Лука. Подоцна на судењето разбравме дека и полицијата била во истиот ресторан во кој што ние го правевме интервјуто. Полицијата го снимила цел тој разговор и подоцна го користеше во текот на судењето. Никој од нас тоа не го очекуваше.

 

Инбокс7: Колку е тешко да се направи едно истражување во чиј фокус е откривањето на криминалот и корупцијата?

 

Патруциќ: Во принцип не велам дека е тешка самата работа. Поголем проблем е пристапот до информации и колку властите настојуваат да ги сокријат информациите од новинарите. Тоа всушност е најголемиот проблем. Истрагите би траеле многу помалку време доколку би можеле да ја добиеме потребната документација во рокот кој што е предвиден со закон. Еве на пример за некои од недвижностите во последното истражување чекавме цела година за властите да се одоброволат и да ни ги дадат потребните документи иако тоа се јавни податоци. Секако, луѓето што се на власт како и бизнисмените имаат пристап до адвокати и различни агенции кои им овозможуваат да ги прикријат податоците за нивните имоти но и да ги сокријат информациите од новинарите. А тоа што власта не е транспарентна и што не овозможува пристап до информациите тогаш кога новинарот го бара тоа, им помага на криминалците да го прават тоа што го прават, овде на Балканот. Истражувањето траеше повеќе од една година а некои од документите никогаш не ги добивме. Такви беа некои од финансиските извештаи преку кои требаше да го утврдиме патот на парите. Исто така тешко е дојдете до официјалните луѓе кои често не се подготвени да одговорат на прашањата.

 

Инбокс7: Резултатите од сите Ваши истражувања имаат голем одек во јавноста. Што се менува по објавувањето на сториите?

 

Патруциќ: Во регионот многу малку нешто се менува. Обично дознаваме дека постои економски притисок. Еве на пример првата приказна што јас ја работев а беше поврзана со една банка во сопственост на првото семејство во Црна Гора (семејството на премиерот Мило Ѓукановиќ, з.а) кое настојува да ја продаде истата. Но еве веќе години на назад не успеваат во тоа. Од она што го слушам, секогаш кога ќе се појави некој инвеститор и кој ќе ги прочита написите во медиумите, тој се откажува од купувањето на банката. Но кога правите истражувања надвор од регионот каде што има влади кои реагираат на медиумските пишувања и кои настојуваат да утврдат што е вистина, како што е примерот со Шведска каде што разоткривме дека нивна државна фирма платила мито во износ од преку 300 милиони долари на ќерката на претседателот на Узбекистан, е тогаш тоа предизвика реакција така што шведскиот премиер побара одговори од фирмата како е можно да се случи тоа. Тој побара и веднаш да се спроведе внатрешна истрага а обвинителството исто така одма покрена сопствена истрага а сето тоа засновано на пишувањето на медиумите. Кај нас проблемот е што политичарите ја немаат таа општествена одговорност кон граѓаните кои што ги избираат.                     

 

Инбокс7: Криминалот не познава ниту граници, ниту вера ниту нација. Која е нишката што ги поврзува балканските земји?

 

Патруциќ: Тука нема граници и сите криминалци совршено добро соработуваат. Мислам дека поголем проблем е тоа што нашите полиции не соработуваат или пак соработуваат лошо или имаат премногу бирократски процедури во меѓусебната соработка. Додека тие почнат да соработуваат криминалот е веќе направен и сите траги се или прикриени или е премногу тешко да се откријат. Добра страна е тоа што новинарите сега многу повеќе работат на откривањето на прекуграничниот криминал а не само полицијата. Она што јас можам да го забележам е тоа дека кога некој ќе направи кривично дело, ете на пример компаниите кои се занимаваат со откоп на минерали и кои ја загадуваат околината или во оние компании во кои има присилна работа кога ќе завршат во една земја обично се префрлаат во друга и го праваат истото таму.

 

Инбокс7: Со оглед на фактот што новинарите работат во исклучително тешки услови, како ја оценувате состојбата во медиумите особено во истражувачкото новинарство во Македонија но и во регионот?

 

Патруциќ: Да, тоа е голем проблем. Прво затоа што новинарите немаат пристап до информациите а второ затоа што немаат ресурси да ја работат својата работа. Така ако вие имате новинар кој има многу мала и нередовна плата а има силни проблеми да дојде до информации и има проблеми по објавувањето на информацијата и нема поддршка од колегите или уредникот, тогаш нормално е дека тој новинар нема да сака да работи. Новинарството не може да биде добро во земја во која постои притисок врз новинарите, во која не постои законска регулатива со која се овозможува слободата на говорот и изразувањето. Голем проблем е и сопственоста на медиумите. Ако имате луѓе кои се сопственици на медиуми а се блиски луѓе на политиката, ако имаате сопственици на медиуми кои се поврзани со криминални групи, самото тоа медиумите нема да можат да си ја работат својата работа. Истражувачкото новинарство е еден од најтешките видови на новинарство. На едно истражување може да се работи и со месеци а во моментов има многу малку медиуми и нивни сопственици кои се подготвени да платат за тие неколку месеци. Од друга страна има странски донатори но затоа треба да се развиваат вештините кај новинарите, да се едуцираат и да им се даде простор да го покажат тоа што го знаат и да работат на истражување на големи случаи.

 

Инбокс7: Кои се најновите трендови во новинарството во откривањето на криминалот и корупцијата?

 

Патруциќ: Двата нејголеми трендови се всушност дата новинарството (data journalism) кога новинарите ја користат можноста за пристап до голем број информации кои властите ги собираат и тие тоа го прават на начин што никој друг не го прави. Тие го анализираат трошењето на парите на даночните обврзници и укажуваат на она што е проблем, што е спорно и секако тоа води до промени. Друг тренд е секако пратењето на патот на парите, како луѓето ги кријат своите имоти и како ги извлекуваат парите надвор од државата со тоа што ќе ја потхранат Владата со некој бизнис или со отворање на сметки на оф шор компании.

opetceska@inbox7.mk