Денешна дата
26/02/2020

Зошто Груевски го враќа Јолевски?

Владата само покажува дека во скоро време нема изгледи да се реши проблемот со Грција, сметаат аналитичарите по одлуката на мандатарот Никола Груевски да го предложи за министер за одбрана Зоран Јолевски, амбасадор на Македонија во САД и преговарач во спорот со името

Враќањето на Јолевски од Вашингтон е сериозен индикатор дека Владата не му придава сериозно значење на решавањето на спорот со името оценува Нано Ружин, поранешен амбасадор на Македонија во НАТО по одлуката на мандатарот за новата Влада, Никола Груевски за министер за одбрана да го предложи Зоран Јолевски, амбасадор на Македонија во САД и преговарач во спорот со името со Грција.

 

nano ruzin2

„Ова покажува дека Владата преговорите ги сведува на техничко прашање, а не на барање решение преку дипломатска умешност. Преговарачот е само технички пренесувач на ставовите на Владата“, вели Ружин.

 

 

 

 

 

Универзитетската професорка Мирјана Малеска не ја исклучува можноста во внатрепартиските разговори да бил донесен заклучок дека во моментов „нема изгледи за напредок во преговорите за името па оттука не е важно дали Јолевски ќе биде во САД или во Македонија.

 

mirjana maleska

„Кога веќе се менуваа повеќе преговарачи зошто не би се сменил и последниот. Другата причина за враќањето може да биде сосема персонална, да се наградат лојалните луѓе на премиерот“ , вели Малеска.

 

 

 

 

 

Со нив не се согласува поранешниот амбасадор на СФРЈ и на Македонија, Ристо Никовски кој вели дека враќањето на актуелниот амбасадор на земјава во САД воопшто нема врска со ставот на Владата околу преговорите за името.

 

Debata Ime Risto Nikovski (2)

„Прво мора да се знае дека Јолевски не е преговарач и нема мандат за тоа. Тој е само медијатор во спорот со Грција. Како таков, тој функцијата може да ја врши и од Скопје ако не биде назначен некој друг на негово место. Дали тој ќе биде во Македонија или во САД тоа не менува многу, иако е точно дека од технички аспект е полесно кога би бил таму“, смета Никовски

.

 

 

Имаат ли САД влијание Јолевски да се врати дома?

 

По неофицијалните и непотврдени информации дека САД имаат влијание врз враќањето на Јолевски во Скопје, Никовски не ја исклучува оваа можност иако, вели тој, тоа не мора да биде така.

„Некои, предлогот Јолевски да биде нов министер за одбрана го поврзуваат со некаква вмешаност на САД во кадровската политика на земјата што не мора да биде така. Но факт е дека тие тоа го прават во земји каква што е нашата. Да потсетиме дека клучниот проблем со името е во Вашингтон, а не во Атина и дека целиот пресврт што се случи на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година кога Македонија не беше примена во Алијансата е оркестрирано од САД“, вели тој.

jolevski so nimic i gruevski

Сепак, според Никовски ваквиот предлог на мандатарот Груевски може да биде добар особено што Јолевски веќе осум години е амбасадор во еден од клучните политички центри, Вашингтон.

„Функцијата министер е државна функција, а министрите имаат и право и обврска да ги искористат сите свои капацитети за да работат во интерес на државата. Кога човек е толку долго време амбасадор тој ги има сите контакти таму и неговите ставови и мислења треба да ги искористи тогаш кога тоа е најпотребно“, вели тој.

Малеска, пак, не верува во влијанието на САД затоа што, смета дека токму тие го поддржуваат процесот на преговори помеѓу Македонија и Грција и се заинтересирани за решавањето на прашање за името, особено по случувањата во Украина.  И покрај дипломатското искуство, Малеска не верува дека Јолевски може многу да направи на претстојниот самит на НАТО што ќе се одржи во септември годинава во Јужен Велс, Велика Британија.

„Кога веќе зборуваме за тоа можеби ваквото решение за министер за одбрана е поради претстојниот самит на НАТО. Но, таму се знае што се бара, така што  јас не верувам дека некој може да ги „шармира“земјите, членки на Алијансата“, вели Малеска.

Мандатарот за состав на новата Влада, Никола Груевски до Собранието достави предлог според кој се уште актуелниот амбасадор на Македонија во САД и актуелен преговарач за името Зоран Јолевски треба да биде новиот министер за одбрана.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за 19 јуни закажа седница на која 123 пратеници ќе треба да изберат 26 министри во новата Влада.

 

Кој е Зоран Јолевски? 

Се уште актуелниот амбасадор на Македонија во САД и преговарачво спорот за името со Грција Зоран Јолевски е роден пред 55 години во Скопје каде што го завршил основното и средното образование. Тој е дипломиран економист кој магистрирал на тема од трговското право а докторирал во областа на меѓународната економија. Дипломатската кариера ја започнува во 1994 година како прв секретар на Постојаната мисија на Македонија во Светската трговска организација (СТО) и на Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) во Женева, Швајцарија.

zoran jolevski

Во 1999 година е назначен за генерален секретар во кабинетот на претседателот Борис Трајковски. Откако Владата го отповика Љупчо Јордановски, во март 2007 година Зоран Јолевски беше назначен за нов македонски амбасадор во САД. а од 2008 година е и главен преговарач за името во спорот со Грција. Јолевски исто така бил член на управни одбори на неколку големи македонски компании како и советник на повеќе странски претседатели и влади за зачленување на нивните земји во СТО.

Минатата недела мандатарот Никола Груевски го предложи Јолевски за нов министер за одбрана.

 

Уредник: Стојанка Митреска

 

opetceska@inbox7.mk