Денешна дата
18/02/2020

Ктиторство: Бизнисмени и политичари инвестираат во вечниот живот

Политичари и бизнисмени се повеќе вложуваат во изградба на цркви и свети храмови. Црквата, проповеда, ваквите инвестиции да бидат чисти и поради љубов кон верата, а не поради очекувањето за прошка на сторените гревови

Камчев, Мијалков, Тарчуловски, Јовановски, Николов, Давитковски, Костовски, Гуштеров, Азманов – имиња на политичари, бизнисмени, актуелни и поранешни, се впишуваат во ктиторските повелби ширум Македонија како финансиери за изградба на верски објекти.

Црквата ги повикува да се пријават како ктитори, денешните бизнисмени, по примерот на некогашните велможи и кнезови со цел да се задржи православието. Велат и во Русија бизнисмените се главни градители – ктитори и донатори, а народот придонесува кон внатрешното уредување.

 

boban mitevski

Тие треба да пристапат со искрена намера и желба, а не да мислат дека ќе се оправдаат и искупат за гревовите, туку тоа да го прават со љубов кон верата“, објаснува за Инбокс 7, шефот на кабинетот на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, Бобан Митевски.

 

 

 

 

Некои сакаат да бидат анонимни, некои пак се врежани во живописот на црквите и ретко ги откриваат и сумите кои ги потрошиле. Верските заедници и МПЦ – ОА и ИВЗ ја почитува нивната волјата за анонимност, но настанот на осветување е јавен во присуство на многу гости, меѓу кои често се присутни и министри и градоначалници.

Аеродром како Ерусалим – во секој кварт има црква

Скопската населбата Аеродром каде што до неодамна имаше само една црква Св.Илија, денеска има десетина православни храмови – Св. Никола, Св. Стефан, Св. Богородица, Св. Петка, Св. Софија, Св. Јован, Св. Тројца. Од Скопската епархија ни откриваат дека и покрај тоа има план наскоро да се изгради нова црква веднаш наспроти Железничката станица.

Од општина Аеродром велат дека барањето на МПЦ-ОА поминало на Советот и дека изградбата може да почне. Останатите верски објекти добиле одобрение од предходниот советнички состав. Истакнуваат дека доколку за одреден објект се заклучи дека е општ интерес за заедницата, може да биде ослободен од плаќање на комунални такси. Таков што е примерот со новата црква, каде просторот за паркингот бил ослободен од овие давачки.

Интересен е фактот што малите цркви-параклиси низ општината, како и крстот кој се гради наспроти високо катниците на компанија Џеваир Холдинг, имаат статус на времени објекти, односно се третираат како киосци и летни тераси.

 

Во Аеродром веќе се изградни неколку параклиси: „Свети Никола“, кој е дел од комплексот на плоштадот „Јане Сандански“ во Ново Лисиче и црквичката што е во изградба на булевар „Србија“, односно наспроти триесет катниците, која ќе го носи името „Света Петка“.

Иако граѓаните во оваа населба се жалаат дека имаат потреба од нови градинки или социјални објекти за помош на сиромашните, експанзијата на изградба на православни храмови не запира.

klecenje crkva aerodorm

На осветувањето дојде и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, близок пријател на Самсоненко

 

На почетокот на неделава беа осветени темелите црквата Св. Тројца, чиј ктитор е рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, сопственик на фудбалскиот клуб „Вардар“, како и на машкиот и женскиот ракометен клуб „Вардар“. Темелите беа осветени во понеделникот (09.06.2014), а црквата ќе се гради во руски стил. Самсоненко рече дека е задоволен што веднаш до спортскиот центар и хотелот „Русија“, ќе се наоѓа оваа црква со градба во руски стил.

 

 

 

Денеска (14.06.2014) е осветувањето на црквата Св. Јован Крстител, што се гради во паркот со авион во Ново Лисиче, општина Аеродром, која е донација на градежната форма Адора Инженеринг, под ктиторство на проф. д-р Ванчо Чифлиганец. Храмот е петкуполна црква, која се градеше две години, висока е 16 метри, со камбанарија висока 18,5 метри. Има фонтана со мозаик и парк.

Crkva Sveti Jovan Krstitel-Novo Lisice-Skopje

црква Св. Јован Крстител

 

Се што сме постигнале во животот и јас и моите родители се било со помош на Бога“, изјави за Инбокс 7, Ванчо Чифлиганец, сопственик на Адора Инженеринг, кој по осветувањето на црквата веднаш попладне организира венчавка на ќерка му.

Тој открива дека воопшто не било проблем добивањето локацијата за храмот од страна на општината Аеродром. Напротив, вели дека токму оттаму му било посочено дека оваа локација има посебна специфика што се наоѓа веднаш до реката Вардар или, како што вели Чифлиганец, македонскиот Јордан.

Адора Инженеринг е голем инвеститор на елитни објекти со околу 1.000 станови и на модерен трговски центар во населбата Аеродром. Ванчо Чифлиганец, кој направи вистински бум во градежниот бизнис во Македонија, последната година ја заврши со профит од 10 милиона евра. Првите пари ги заработил како екс – генерален директор на рударскиот гигант од Радовиш, Бучим. Беше пратеник и професор на Рударскиот факултет.

 

Потоа, ктитор на црквата Св. Софија која се гради во Ново Лисиче е Сашо Давитковски – првиот човек на “Скопски пазар“ (СП). Семејството Давитковски поседува најголем број акции во СП.

saso-davidkovski

Сашо Давитковски

Според последните податоци од Централен депозитар за хартии од вредност заедно Давитковски поседуваат 28,36 отсто од акциите на компанијата, вредни, според актуелната просечна цена на берзата, речиси 2 милиона евра. Под капата на компанијата СП  се најголемите пазари во Скопје, а Давитковски го имаат и ланецот маркети СП, Макси Д маркетите, и продавницата за козметика Јуник која се наоѓа во центарот на градот спроти Порта Македонија.

 

 

 

Уште една црква во населбата Аеродром, односно фасадата и камбанаријата на црквата Св. Стефан кај Мајчин дом ќе ја уредува тајкунот Зоран Азманов, чие име беше поврзано и со аферата околу продажбата на хотелот „Изгрев“, имот на МПЦ.

zoran azmanov

Зоран Азманов

 

Контроверзниот бизнисмен Зоран Азманов, сопственик на градежната компанија НАСТЕЛ која една деценија гради објекти низ Скопје и државата несомнено е еден од побогатите наши сограѓани. Го следат скандали и афери, но тој тврди дека конкуренцијата цело време дига галама за него, а тој уредно и легално си работи.

 

 

Градежната фирма „Жикол“, која гради други две цркви во источна Македонија, исто така е ктитор на црквата „Св. Никола“, во Горно Лисиче по чиј предлог и го носи името на светецот Никола.

nikola pandev

Никола Пандев

Тоа е и името на нејзиниот сопственик, Никола Пандев, ако му се верува на СДСМ, додека според официјалната страница на команијата, тој е само еден од менаџерите, а за генерален директор е наведен

zivko pandev

Живко Пандев

Живко Пандев „Жикол“ е струмичка градежна фирма, која е изведувач и на црквата Св. Тројца, која во руски стил се гради кај салата Јане Сандански во Аеродром. Освен проекти низ цела држава има изградено и станбен комплекс во населбата Аеродром.  На списокот на цркви и манастири кои добиле поддршка од Жикол, како што е наведено на нивната интернет страница, има десетина – манастирот Св. Јован Бигорски, црквите Св. Ѓорѓија и Св.Илија во Аеродром, потоа цркви во Кочани, Турново, Раборци и т.н., како и оградниот ѕид на резиденцијалниот комплекс на МПЦ со апликации од христијанството.

 

 

Ктиторството ги враќа на корените

 

Ктиторството носи определени права и обврски, секој ктитор, донатор или приложник, пред се треба да биде верник. Желбата да се донира во црквата, бизнисмените и функционерите најчесто се случува да ги одведе до нивните корени, тие донираат во нивното родно место.

mijalkovi-kamcevi

фото: Вест

Семејствата на директорот на УБК Сашо Мијалков и на бизнисменот Орце Камчев се ктитори на црквата “Св. маченик Димитриј Солунски” во штипско Ново Село, на местото на поранешниот јавор спроти мостот што води кон топлите води Л’џи. Изведувач на работите е градежната фирма “Бетон” од Штип.

sasho mijalkov

Сашо Мијалков

Сашо Мијалков  – богатството на првиот човек на ДБК и прв братучед на премиерот Никола Груевски, според анкетниот лист кој го има доставено до антикорупциската комисија, тежи околу 2,7 милиони евра. Неговото име се поврзува со фирми во Чешка.

 

Орце Камчев – неговото богатење почна во времето на приватизацијата на ланецот продавници Македонија спорт, во сопственост на неговиот татко. Косопственик е во болницата Аџибадем Систина, сопственик на Стопанска Банка Битола, ЗИК Пелагонија Битола, косопственик во Лозар-

orce kamcev

Орце Камчев

Пелистерка, Бетон Штип, МПМ Македонија преку која ги поседува весниците Дневник, Утрински Весник, Вест, Теа Модерна, ГТА, фармата Еуроленд поранешна Скопска Млекара, ресторанот Сушико и многу други компании. Преку ЗИК Пелагонија доби можност да управува  10.000 хектари исклучиво плодна почва во Пелагонија. Богатството сега му се проценува на повеќе од 20 милиони евра.

 

Покрај Камчев и Мијалков кон своите корени се врати и Јохан Тарчуловски, кој во црквата „Св. Никола“ во скопското село Љубанци ја донира камбанарија. Во камбанаријата ќе биде вградено ѕвоно од еден тон што се чува во селото, рече на осветувањето владиката Агатангел. „Ова е голема радост за сите нас, за селото Љубанци каде што сум роден, за црквата „Св. Никола“ каде што сум крстен, каде што се венчани моите родители. Од дете сум израснат тука и отсекогаш ми било чест и задоволство да можеме сите заедно нашата црква да ја подигнеме на повисоко ниво и животот во селото да го направиме христијански, уште побогат и повесел“, изјави Тарчуловски по чинот на осветување на темелот, на кој присуствуваа и градоначалниците на Град Скопје и на Општина Бутел, Коце Трајановски и Петре Латиновски.

trcilovski-zvono

Јохан Тарчуловски со сопругата Соња, Владиката Агатангел и неговиот адвокат Антонио Апостолски

Јохан Тарчуловски – работеше во МВР и како обезбедување на претседателот Борис Трајковски. Тој е поранешен хашки затвореник, осуден  за воени злосторства за време на конфликтот 2001 во Македонија, помина осум години во затворот во Шевенинген. Минатата година во март во земјава беше пречекан како херој. Блиските врски во ВМРО – ДПМНЕ уште кога тој беше во затвор му донесоа вработување на неговата сопруга Соња Трчуловска, во јавната администрација, односно во Владата. Поседува стан во скопската населба Кисела Вода, а има и куќа во родното Љубанци.

 

 

 

Мите Јовановски, сопственик на Макоил е ктитор на црквата Св. Јован Крстител, која се гради во скопската населба Бутел. Досега потрошил 200.000 евра, велат црковни кругови. Црква се гради на местото на ракометното игралиште на некогашниот клуб „Бутел“, а ќе се протега  на 500 квадратни метри, а нејзиниот највисок дел ќе биде 25 метри. Ќе се изградат и помошни простории за крштевање.

mite-makoil-crkva

Св. Јован Крстител (во изградба)

Заедно со нив таа ќе зафаќа вкупна површина од над 1.000 метри квадратни. Камбанаријата, пак, ќе биде висока 36 метри. (има фотка на ФБ)

 

Мите Јовановски – познат како Мите Макоил е газда на бензиските пумпи „Макоил“, но и на хотели, ресторани и сервиси за технички преглед и сервисирање на возила. Тежи неколку милиони евра.

mite jovanovski

Мите Јовановски

 

 

 

 

 

 

 

Г.Г. Стефан: Бог ги наградил со можност да заработуваат, се надевам на чесен начин

 

На прашањето на Инбокс 7, дали донаторството од страна на бизнисмените и политичарите бележи тренд или тоа го прават за себепромоција архиепископот г.г. Стефан одговори дека тој се надева дека овој тренд ќе продолжи.

Актуелно е тоа некои да градат храмови, радосни сме во црквата што тоа навистина се случува. Но пак не е доволно само са се има средства. Потребно е да се има љубов и вера, да се сака православието. Се надевам дека ќе продолжи овој тренд, зашто оваа генерација која има носители на Бога во себе, кои ја почитуваат верата и живеат со верата, а Бог ги наградил со можност да заработуваат, се надевам на чесен начин“, рече во изјава за Инбокс 7, ариепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.

 

 

Поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот Стефан истакна дека Трифун Костовски е еден од најголемите помагачи на црквата, потоа Сашо Давиковски, Мите Јовановски и други.

 

Списокот на донации на Трифун Костовски е долг, почнувајќи од цркви, манастири, иконостаси низ цела држава до донација за поправка на Милениумскиот крст на Водно. Тој за обновување на црквата Св. Богородица во Скопје одвои 1.000.000 евра и е еден од најголемите донатори во МПЦ. Неодамна финансиски помогна во обновата на монашкиот конак во манастирот Св. Јован Бигорски.

trifun kostovski

Трифун Костовски (фото DW)

 

Немам некои посебни причини за одлуките за возобновување на црквата Света Богородица и изградбата на монашкиот конак во Св. Јован Бигорски, како и за многу други помагателства во насока на обнова и изградба на нови црковни храмови. Длабоко сум убеден дека тоа се должи на моралните и етички норми кои се вткаиле во мојата личност уште од најраното детство. Традицијата како дел од нашето севкупно живеење е силно вградена во мене и како нејзин поклоник, можам да сметам дека ова се моите дела. Тие не беа однапред планирани, туку се случија по потреба или заради исполнување одредени цели кои се битни за нашето живеење. Зашто во христијанските храмови? Зашто се дел од моето наследство. Зошто донирање и во муслиманските храмови? Зашто тоа е културно наследство на моите сограѓани со кои го делам просторот, времето и животот“, вели во изјава за Инбокс 7, Трифун Костовски.

 

Како што вели, ваквите големи зафати се должат пред се на финансиската моќ која во тие времиња му дозволувала поголеми зафати и во „ниеден момент не се сомневав дека се’ што ќе се започнам, ќе го завршам.“

За сумите не би сакал да зборувам, бидејќи тоа не е ниту во духот на христијанстото, ниту во духот на моето воспитување. Материјалното е минливо, духовното останува вечно“, вели Костовски.

 

Тој смета дека целите на донаторството се универзални и огромни и просторот е многу широк, донаторите можат да изберат области за кои мислат дека помошта е неопходна или пожелна.

 

 МПЦ го даруваше Костовски со Свети Климентов орден, најголемото црковно признание

 

Трифун Костовски – поранешен градоначалникот на Скопје е голем донатор со неколку милиони евра подарени во спортот и во цркви. Неговите бинзиси низ Европа се поврзуваат со трговија со метали, банкарство и осигурителни компании. Познат е како сопственик на Кометал Трејд, банките Поштенска и Еуростандард, Еуро Линк осигурување. Своевремено беше менаџер на ФК Работнички, ФК Вардар и ракометниот клуб Ѓорче Петров каде донираше милиони евра. Се уште тежи неколку милиони евра. Трифун Костовски има и своја организација СГИ која врши политички анализи и организира конференции и дебати.

 

Г.Тимотеј: Најбогатите најмалку даваат

vladika timotej

 

Митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј во разговор за Инбокс 7, вели дека во неговата епархија нема ктитори од големи размери.

Донации во смисла на приложници се даваат, а профилот на луѓето е од најсиромашни до богати. Отсекогаш црквата се базирала на средната класа. Но , најбогатите најмалку даваат. Плаошник се направи со државни пари. Сепак, ктитор значи да издвоиш од свој сопствен џеб“, вели за Инбокс7, митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г.Тимотеј.

 

Битолско – пелагонискиот митрополит Петар, истакна дека во Битола ктитор на црквата Св. Атанасиј Велики е фамилија Герзовски, кои се сопственици на бензинската пумпа „Торпедо“. Тој го посочи примерт во Стење, Преспа, каде група донатори, повеќе бизнисмени од Прилеп ја финансираат изградбата на тамошната црква.

Владимир Ралев, бизнисмен Швајцарија, бизнисмен, донираше 30.000 долари во изградбата на девет храмови во Мала Преспа“, рече епископот Петар.

 

И еврoпскиот митрополит Пимен истакнува дека во неговата епархија има многу помагачи, но како што рече, не се комплетни ктитори.

 

Најголеми донатори нa црквата Св. Петка која се гради во Кавадарци се фирмите „Фени индустри“ и „Кожувчанка“, односно директорот Костантинос Даскалис и сопственикот Митко Јанчев, заедно со владиката Агатангел ги осветија темелите пред четири години.

 

Како што информираат од Повардарската епархија поранешниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски, кој своевремено го финансиски го помагал храмот Св. Кирил и Методиј, сега гради црква во своето родно село. Актуелните градоначалници на Валандово и Демир Капија ја помагаат обновата на црквите во своите градови.

 

Мојановски: Опасно е ако верските чувства станат елемент на политичката борба

 

Ктиторството е појава поврзана со културниот и цивилизациски подем на човештвото. Тоа, обично било поврзано со владетелите и демонстрирањето на моќта. Почнувајќи  од градењето на многубожечките храмови до денешните, црквите, џамиите, синагогите и други називи според карактерот на вероисповеста. Тоа е поврзано со верските потреби, но и со можноста од вековечување на сопственото име, затоа што објектот може повеќе пати да го надмаши животот на ктиторот. Тој во секоја згодна прилика ќе биде споменуван, или објектот ќе биде ословуван со неговото име.

Cane Mojanovski

д-р Цане Мојаноски

Градбата на верските објекти е поврзана со владетелите и нивните блиски“, објаснува за Инбокс 7, д-р Цане Мојаноски, редовен професор на Факултетот за безбедност, а некогашен прв човек на Комисијата за односи меѓу верски заедници.

 

Даночните ослободувања се сметаат за сериозен поттик на добротворните и ктиторските активности. И денес во дел од развиените, особено прекуокеански земји постои политика на ослободување од плаќање данок за вложувања во верски објекти“, смета Мојановски.

 

Тој истакнува дека во Македонија има бројни примери, кога лица од една вероисповед помагаат изградба на храм од друга.

 

На прашањето на Инбокс 7, дали во тоа има удел актуелната власт која по дефиниција е демохристијанска, Мојановски со одговор:

 

Основен проблем не е ктиторството. Туку дали има правило, како буџетските средства се вложуваат во верски објекти. Прашањето што треба да се постави е дали и како парите на даночните обврзници се насочуваат во верски објекти? Тука, во оваа држава,

нема правила. Верските заедници се одвоени од државата. Но, на отворените седници Владата носи одлуки за вложувања во верски заедници или објекти. Дали за тоа има правила? На пример, дали православните верници во Октиси можат да очекуваат пари од државата за обновата на селската црква? Дали муслиманите во Прилеп можат да очекуваат пари од државата за обнова на џамијата? Бидејќи нема правила, секое поеднично решение може да се доживува како практика. Затоа Исламската верска заедница смета дека е обесправена, како што православните верници сметаат дека не е соодветен одговорот на властите во местата каде доминираат муслиманите. Така се подгрева чувството на нееднаквост. Кога на тоа ќе додадете дека верските лидери во комуникацијата се однесуваат како политичките лидери (полни се себе, не разговараат, мерат кој и како им наклонет), тогаш се добива една ситуација на студени односи“, вели Мојаноски.

 

Опасно е ако верските чувства станат елемент на политичката борба. Тогаш е крај на меѓуверскиот соживот и толеранција. Тогаш кога постои чувство на нееднаквост можни се секакви состојби “, вели Мојановски на прашањето дали може ли ваквиот развој да ги наруши меѓуверските односи.

 

Професорот Мојановски истакнува дека токму затоа власта е одговорна да воспостави ред и правила. Не е разбирливо за мултиконфесионална средина да им браните на верниците да обноват или градат верски објект. Од немањето правила страдаат сите, но најмногу ги чувствуваат малите верски заедници. „Нерегулраниот однос и „партизанското однесување“ на властите можат да доведат до нарушување на меѓуверските односи“, смета Мојаноски.

 

Ктиторските права се големи, но последен е зборот на епископот

 

Ктитор е лице кое се јавува како градител, покровител на црковен храм или манастир, објаснува за Инбокс 7, теологот Александар Ивановски.

 

Зборот ктитор е грчки збор што значи – држи во власт, односно стекнува. Коренот на ктиторското право треба да се бара во првиот век кога римската држава не го признавала христијнското право на постоење, па Црквата немала право на сопствеништво

тогаш се јавиле династии кои подигнувале манастири, цркви и кои воопшто поклонувале на Црквата некаков имот. Тие полагале право на своина на тој имот и таквите сопственици се викале ктитори“, вели Ивановски.

 

Тој истакнува дека ктитор можело да биде секое лице без разлика на сталежот, полот и звањето. Битно било да е од православна вера и да ги ужива сите црковни и граѓански права. Во Визнатија како ктитори се јавувале владетелите, царевите, монашките лица…

 

Ктиторите основачи имале повеќе права од ктиторите наследници

статутарното право им овозможувало да издаваат правила за устројството на црквата и животот во на манастирот. Тоа правило се вика типик, ктиторите ги носеле типиците на манастирите,

сепак овие типици морале да бидат согласни со црковните канони. Во установата морало да постои ктиторска книга која се вика ХРИСОВУЛА и во неа секој ктитор морало да биде запишан

Административното право на ктиторот се состоело во тоа што тој можел да предложува владици, игумени и членови на клирот во својот манастир, иако тие предлози епископот можел и да ги одбие. Ктиторите имале и РИТУАЛНО право, т.е. имале право на почесно место во манастирот или храмот, неговото име се спомнувало на богослужбите, се цртала некова фрекса“, објасни теологот Ивановски за Инбокс7.

 

Името на ктиторот се спомнува за време на проскомидија, тоа е дел од литургијата кога во олтарот се подготвува светата причест. Во влезот во храмот од левата страна по негова желба се црта фреска од ктиторот.

 

Своевремено критика од црковните кругови за отсликување на неканонската страна на црквата Св. Тројца во Радовиш доби еден од најголемите ктитори Ристо Гуштеров.

 

Ристо Гуштеров – бизнисмен кој произлезе од компанијата Техно Метал Вардар, своето богатство го стекнал во трговија со метали. Подоцна инвестирал во САД, поточно во Флорида, претежно во недвижнини и во ресторани и хотели. Тежи над десетина милиони евра.

 

Сите горенаведени имиња на политичари и бизнисмени се впишани во т.н. ктиторска повелба од која една копија се закопува во темелите, една се чува во надлежната епархија и една копија добива ктиторот.

 

 

Владиката Иларион суспендираше двајца ктитори

vladika ilarion

 

Пред една година владиката Иларион суспендираше двајца ктитори со образложение дека тие незаконски и неканонски се богателе на сметка на верниците. Извесен Далибор во црквата „Света Троица“ во штипската населба Баби самоволно раководел и не се покорувал на Уставот на МПЦ, а имал намера да ја приватизира црквата. Според владката Иларион иста била состојбата и во црквата „Света Петка“ во штипското село Калузлија, каде самонаречен ктитор градел конак и фрескоживопис без одборение на епархијата и не давал отчет за средствата што ги донирале православните верници. Митрополитот на Брегалничката епархија најави дека и за двата случаи ќе има судска постапка.

 

 

 

 

Ѓукановиќ отиде најдалеку

milo gukanovic

 

Неодамна на ктиторската фреска во соборниот храмот „Воскресение Христово“ во Подгорица, граѓаните го препознаа ликот на црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ. Медиумите ја пренесоа изјавата на свештеникот од црквата, Велибор Џомиќ, кој рече дека некои луѓе во еден лик на ктиторската фреска го препознаваат Ѓукановиќ, а други не. Тоа е разбирливо бидејќи фреските покрај својата сакралност, имаат и уметнички израз, изјави Џомиќ.

Во Македонија, сопственикот на синџирот аптеки Зегин, Благој Мехаџински заедно со своето семејство се на слика на живопис во аптека во ТЦ Лептокарија.

Уредник: Стојанка Митреска

 

stavrova@inbox7.mk