Денешна дата
14/07/2020

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е НАПАДНАТ ДОМА (Меѓународна берза 2)

„Каква диктатура, какви бакрачи“ (Груевски). „Да свиткаме кичма…“ (Заев).

Лидери што дома не си го почитуваат македонскиот јазик, немаат кредибилитет тоа да го прават и пред странците. Македонските лидери, во своите јавни настапи, сè повеќе се без елементарна, култивирана, политички осмислена и инвентивна реторика.

Премиерот се појавува на секоја промоција на преведените дела од светската книжевност, на современиот литературен јазик, но во жарот на говорот, веќе не внимава на аудиовизуелните (д)ефекти со своите иронични или со циничните пораки што ги праќа, ниту, пак, на содржината на изговореното. Лидерот на опозицијата се стопува во провинционализмот на својата сограѓанка Бонева. Барем да го донесеа богатството на своите дијалекти, како изворишта на автентичниот македонски говор и речник?

Сленгот кај младите, на кој им се обраќаше Груевски, пред сè, на вмровскиот подмладок, кој е роден во самостојна Македонија и се образувал без задолжителниот српско-хрватски јазик, има сосема друга говорна матрица. Таа македонска верзија на лондонски кокни е бизарна, но веродостојна, симбиоза на глобалниот систем на комуникации, со изворните и со автентичните дијалекти во Македонија. Деновиве проф. д-р Кристина Николовска, од Филолошкиот факултет, за Дојче Веле констатира:

„Секој културен човек и јавна личност мора добро да се изразува. Писмените испити кои станаа практика во македонското образование и полагањето тестови, со заокружување ја ограничуваат таа креација. Младите сакаат да се изразуваат добро, не се срамат да зборуваат литературно, постои желба, но таа треба да се негува стратешки“.

Лингвистичко-политичкото подаништво кон „говори српски да те сви разуме“, е дел од уредничката политика на „најпатриотските телевизии“ што се на браникот за одбраната на македонскиот национален јазик и идентитет. За само една недела, без обид за елементарен превод, се промовираа Аца Лукас, што влета во студио во Скопје пред експресно да се врати пред белградските судови, па Жељко Јоксимовиќ, Здравко Чолиќ… Гостуваа небаре се пред гледачите на ОБН, Пинк, Коперникус… Засенети од звучноста на нивните имиња, нашите политичко-естрадни шоумени се излигавија до невкус. „Пинкзацијата“ на македонските телевизиии и на локалните средини со кои раководат најпатриотските градоначалници, продолжува со несмалено темпо. Никој нема потреба да го ограничува концертното емитување и гледање на турбо-фолкот, наспроти македонскиот мелос, но се чини дека е дегутантно да се профитира со ставот дека без Цеца и Харис ќе пропаднат сите локални фестивали, од Прилеп, Охрид или од Струмица. Дури и Војвоџаните беа похрабри да предупредат дека сопругата на Ражњатовиќ, „најголемиот српски џелат“, не смее да се шета низ концертните подиуми во оваа српска покраина.

Во изборот на ѕвезди за ТВ шоуто на актерката која е на браникот на патриотската политика на оваа власт, во медиум за кој се тврди дека е етаблиран вмровски продукт на медиумската сцена, гостуваа сите екс и актуелни ѕвезди од југосферата. Не треба и да нè чуди кога актерката што ја презентираше МРТВ на Евровизија, говореше дека ние и Србите сме братски народи.

Баш ме интересира дали естрадните ѕвезди од Бугарија или од Албанија, што, за жал, најмалку ги има во Македонија, би останале без натсинхронизација.

Слеп колосек

…Нашиот весел воз стои веќе доста време на станицата во Криволак. Стои премногу долго, за да почнат да се нервираат и да пцујат риболовците што треба со време да стигнат во Клисура.
Најпосле, со силен тресок покрај нас мине интернационалниот, како да е облечен во раскошна ливреја.
Тој не фрла ни поглед на нас провинцијалците, стиснати на спореден колосек. (Блаже Конески, кус расказ)

Годинава се одбележуваат 70 години од официјализирањето на македонскиот јазик. Сè уште го немаме новиот толковник, како капитално лексикографско дело. Јазикот е веќе во мапата на европските јазици со препознатливиот македонски код. Кој би можел да ги загрози неговите живородност, жилавост и современост? Преводите на десетина светски јазици од делата на Матевски, на Конески…, до светски афирмираните современи драмски автори Стефановски, Дуковски, како и помладите Маџиров, Смилевски…, се осведочени чувари на литературниот и на говорниот македонски јазик. За сите браночуватели на македонскиот идентитетски ген, тоа е најдобрата негација на нивното политичко-медиумско лицитирање за татковинството. Зошто им се нервозите на самата помисла дека за нова валоризација на стабилноста на Македонија е неопходно ново стимулирање на интегративните модели, отворен пазар и демократска конкуренција?

Ако е до македонскиот јазик, тој сè повеќе е заборавен во дијаспората, од претходните две веќе асимилирани генерации на иселеници. Од затворена и од самодоволна држава, која се рекламира како потемкиново село, веќе една деценија масовно заминува новата генерација на млади и на семејни луѓе, образовани во самостојна Македонија. Што ќе ни е држава ако процесот на емигрирање и на неоколонијализам врз овдешната работна сила не е предизвик Западот да дојде до овде во Истокот.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)