Денешна дата
13/11/2019

Загадувањето на Скопје: Злосторство без злосторници

Со повеќекратно надминати концентрации на загадувачи во воздухот во последните 10 години, жителите на главниот град на Македонија, Скопје, постојано се загрозени од високото ниво на аерозагадување што претставува сериозен ризик за нивното здравје

од Владимир Калински

Текстот е изработен како дел од Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор ● Програма на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија ● Овој проект го спроведува БИРН Македонија, во соработка со  Центарот за граѓански комуникации, Центарот за истражувачко новинарство „СКУП Македонија“, истражувачката емисија „Код“ и дневниот весник „Коха“.

 

Според податоците од Институтот за јавно здравје, најчестите болести во земјата и во Скопје се поврзани со загадениот воздух. Дури 40% од луѓето, кои се лекувани во амбулантите , имале заболувања на респираторниот и на циркулаторниот систем, а 55% од децата до шестгодишна возраст страдаат од болести на белите дробови и на дишните патишта.

Иако Светската банка неодамна процени дека загадениот воздух во земјава годишно убива по 1.350 луѓе и ја чини економијата по 253.000.000 евра, властите сè уште ги игнорираат овие загуби и не ги спроведуваат целосно законските мерки за спречување или намалување на загадувањето од најголемите извори, како што се индустриските и енергетските компании, сообраќајот, урбанизацијата, домаќинствата и депониите.

Елена Петровска живее во скопската населба Ново Лисиче, една од најпогодените од индустриското загадување, особено во зимскиот период. Загрижена за своето и за здравјето на нејзиното дете, таа вели дека речиси секоја зима имаат настинки и долготрајни кашлици.

„И лани и преклани во декември и јануари одевме во Институтот за белодробни заболувања  за деца во Козле поради ларингитис и кашлање со месеци и завршувавме со повеќемесечна кортико-терапија. Нормално, никој не ни кажа дека тоа е последица од загадениот воздух, меѓутоа симптоматично ми е што две години во истиот период се јавуваат слични симптоми.“

Само во 2012 година од воспаленија на дишните патишта, оштетувања на белите дробови, кашлици, нерегуларно дишење, астма, нарушена работа на срцето и други болести се лекувале повеќе од 70.000 луѓе кои поминале вкупно 529.773 денови во амбулантите низ земјава, голем дел од нив во главниот град.

Професорот Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје предупредува дека освен наведените болести, загадениот воздух се поврзува и со научно докажаната зголемена појава на канцер на белите дробови, поради што Светската здравствена организација го прогласи аерозагадувањето како докажан канцероген ризик:

„Сите овие ефекти посебно ги напаѓаат т.н. чувствителни групи население како што се малите деца, постарите и заболените од хронични болести, пред сè, на белите дробови и срцето. Затоа и податоците за смртноста и заболеноста кај овие групи население се најчесто и индиректни показатели за степенот на аерозагадувањето“, вели професорот Ѓорѓев.

Во меѓународните и во домашните студии се посочува дека амбиенталниот воздух во Скопје е загаден од емисиите на „големите загадувачи“ од индустријата, сообраќајот, неконтролираната урбанизација, домаќинствата, а влијание има и местоположбата на градот. Во Скопје постојат и „еколошки жешки точки“, локации со опасни материи кои се шират низ воздухот (како што е некогашната хемиска фабрика ОХИС).

Тие се најголемите извори на чад и прав што содржат цврсти лебдечки честички, сулфур диоксид, јаглерод моноксид, азотни оксиди, озон.

Цврстите лебдечки честички (ПМ10 и ПМ2,5) претставуваат мешавина на течни и цврсти честички, кои се суспендирани во воздухот и се многу опасни. Тие директно се испуштаат во воздухот од извори како чад и прашина или се формираат во атмосферата преку трансформација на веќе емитирани гасови. Честичките негативно влијаат врз човековото здравје и врз климата, а според големината тие се поделени во две категории: честички до 10 микрометри – ПМ10 и помали честички со големина до 2,5 микрометри – ПМ2,5.

dijagram1

Илустрација на големината на честичките ПМ2,5 и ПМ10|Извор: Квалитет на воздухот во Европа во 2013 година

 

Скопјани со намален имунитет

 

Податоците од петте мерни станици во Скопје покажуваат дека просечните годишни концентрации на опасните цврсти лебдечки честички ПМ10 во периодот од 2003 до 2013 година се движат од 80 до високи 180 микрограми на метар кубен (μg/m3), како што покажала станицата во Центар во 2011 година.

Овој просек е далеку над дозволената граница за заштита на здравјето од 40 (μg/m3), на која Македонија законски е обврзана во согласност со европските стандарди. Особено е опасно што концентрациите на ПМ2,5 во централниот дел на градот достигнуваат околу 70-80%  од вкупната концентрација на цврсти честички.

Професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет долго време работел на мониторингот на воздухот во Скопје. Тој објаснува дека цврстите честички ги апсорбираат другите штетни материи од воздухот и влегуваат во белите дробови или желудникот, а потоа се пренесуваат во крвта и имаат штетно дејство. Коментирајќи го периодот од крајот на минатата година, кога Скопје беше покриен од густа магла, професорот зачудено прашува:

„Не знам зошто скопјани се изненадени од високите концентрации во 2013 година кога концентрациите на цврсти честички во воздухот во Скопје се секогаш високи. Некогаш достигнуваат 1.000 микрограми на м3, некогаш 100, но секогаш се над 50, и во летните и во зимските периоди.“

Pogled_Vodno

Поглед на Скопје од планината Водно во ноември 2013 година кога концентрациите се екстремно високи | Фото: Владимир Калински

Иако е предвидено максимално дозволените концентрации да не бидат надминати повеќе од 35 дена во годината, професорот Драган Ѓорѓев посочува дека последните години централните мерни места во градот, како Лисиче или ректоратот на УКИМ, регистрираат над 150 дена во годината со надминати концентрации. Во 2012 година имало дури 263 дена со недозволено високи концентрации, што значи повеќе од половина година. Ова е за минимум 5 пати повеќе од она што го дозволува прописот и европската Директива од 2008 година.

„Ова континуирано оптоварување доведува и до нарушен имунолошки систем кај граѓаните на Скопје и намален отпор и кон други болести. Со оглед на овој континуитет, на фактот дека ништо не е направено да се подобри состојбата и со оглед на расположливите здравствено -статистички податоци, нема сомнение дека и економските трошоци во сите овие години се во рамките на пресметаните високи бројки во неодамнешниот проект на Светска  банка“ – вели професорот Ѓорѓев.

Светската банка во студијата „Зелен раст“ процени дека аерозагадувањето во Македонија убива 1.350 луѓе годишно, а македонската економија трпи штети од 253.000.000 евра како резултат на високиот број случаи на прерана смрт, трошоци во здравството, намалената продуктивност на населението и отсуството од работните места на граѓаните.

Ова значи дека за 10 години државата загубила илјадници човечки животи, а економијата претрпела штети кои достигнуваат милијарди евра.

Најновите процени на Светската здравствена организација покажуваат дека седум милиони луѓе годишно умираат како резултат на изложеност на загаден воздух – еден во осум од вкупниот број смртни случаи на глобално ниво. Овие наоди потврдуваат дека аерозагадувањето претставува најголем еколошки здравствен ризик во светот.

Големите загадувачи продолжуваат со загадувањето

Скопје е најзагаден град во Македонија со тренд на зголемување на концентрациите, сметаат неколку еколошки организации во анализата „Поглавје 27“. Тие истакнуваат дека нема подобрување на квалитетот на воздухот поради низа политички одлуки како што се „олеснувањето на увозот на стари автомобили, енергетската политика која фаворизира производство на јаглен и неспроведување на законите во областа на издавањето еколошки дозволи, што во одредени случаи подразбира „дозвола“ за продолжување на загадувањето.“

Според документите од Министерството за животна средина, до крајот на минатата година, само седум од вкупно 39 „големи загадувачи“ на ниво на Скопје инвестирале во обезбедување на најдобрите достапни техники и добиле А интегрирани еколошки дозволи. („Технички гасови“, „Пивара“, „Те-То“, „Алкалоид“, Рафинерија за биодизел – „Макпетрол“, „Џонсон Мети“ и „Адинг“).

Pogled-Vodno cisto

Поглед на Скопје од планинанта Водно кога воздухот е почист поради временските услови | Фото: Владимир Калински

Шест компании сè уште се во процедура на исполнување на мерките („Макстил“, „Скопски легури“, „Агропин“, „Гранит“, Цементарница „Усје“ и „Дрисла“), а сите останати 26 компании во документот стојат како баратели на дозволите.

Александра Бујароска од еколошката организација „Фронт 21/42“ вели дека бавното издавање на дозволите и лошата имплементација на оваа директива е посочена во речиси сите извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија.

„Нешто за кое е предвиден рок за имплементација и транспонирање од 9 години остана набрзина да се спроведува во една година. Ваквиот бран на издавање голем број дозволи резултираше со речиси никакво учество на јавноста, а го доведува во прашање и квалитетот на самата дозвола“, вели Бујароска.

Големите загадувачи во 2005 година, според европскиот модел на регулација, добија обврска да обезбедат „А-интегрирани еколошки дозволи“, како алатка за комплетно спречување или намалување на емисиите.

Во рок од 9 години, до 1 април оваа година, големите загадувачи требаше да ги намалат емисиите под граничните вредности со предвидените мерки преку системот на А дозволи за усогласување со оперативен план. Таквата А интегрирана еколошка дозвола ја издава Министерството за животна средина откако компанијата ќе ги инсталира „Најдобрите достапни техники“, односно ќе инвестира во најефективна технологија за заштита на животната средина.

Големите загадувачи предизвикуваат најголеми емисии со согорување на горивата при производството, особено оние кои користат мазут, нафта и јаглен како „Макстил“, „Скопски легури“ „Окта“, „АД Топлификација“ и „Цементарница УСЈЕ“. Во Националниот план за заштита на амбиенталниот воздух е истакнато дека во 2009 година во скопскиот регион се потрошиле 240.000 тони мазут и 45.000 тони нафта, неколку пати повеќе во однос на седумте региони во Македонија.

Дел од големите загадувачи датираат од годините на минатиот век. Денес, иако приватизирани, тие сè уште загадуваат бидејќи работат со застарена опрема, енергетски неефикасно и испуштаат големи количества на сулфур диоксид, азотни оксиди, суспендирани честички и испарливи органски соединенија.

Европа спроведува нови директиви

Низа противречни изјави во изминатиот период даде министерот за животна средина Абдулаќим Адеми во однос на индустриското загадување. Кон крајот на минатата година тој категорично тврдеше дека нема да има одложување на еколошките рокови и дека црвената линија е 1 април оваа година.

Но, министерството со кое тој раководи, до објавувањето на овој текст не одговори на прашањата дали сите компании ги испочитуваа роковите и мерките за добивање дозволи, дали на некои им е продолжен рокот и какви ќе бидат казните за оние што не ги исполниле обврските?

Во меѓувреме, еден месец по тој рок, кон крајот на април, граѓаните од скопската населба Железара протестираа да запре загадувањето од компаниите „Макстил“ и „Миталстил“ барајќи да се почитуваат обврските од еколошките дозволи. Населбата Железара се наоѓа само на неколку метри од овие две компании од тешката индустрија.

„Дојдете навечер да видите што е загадување“, повикаа граѓаните кои велат дека фабриките постојано чадат во вечерните часови, а нивните деца се разболуваат.

Властите со години го толерираат индустриското загадување, игнорирајќи ги законите за заштита на животната средина, иако штетите од аерозагадувањето се многу големи.

Тоа го покажува и истражувањето на еколошката организација „Фронт 21/42“, насловено како „интегрирано спречување и контрола на индустриското загадување“, каде авторите ги анализираат издадените А еколошки дозволи, од аспект на почитување на законот при издавање на дозволите и исполнувањето на обврските од страна на компаниите.

Еколошката организација констатира дека до 2012 година, на ниво на Македонија биле издадени околу 19% од потребните дозволи со сериозни пропусти во процесот на нивно издавање.

Пробиени рокови во повеќе постапки, нецелосни барања на операторите и игнорирање на законските механизми за извршување на обврските поврзани со процесот на издавање на дозволите, се само дел од пропустите што ги забележува организацијата.

Александра Бујароска ги лоцира ваквите причини во недоволниот капацитет на сите засегнати страни во процесот и немање мотив кај операторите да ги исполнат мерките во оперативните планови. Според неа, на компаниите-загадувачи најмногу им одговара оваа нерешена состојба.

„Зошто би инвестирале кога од една страна овие компании сè уште ја немаат добиено дозволата која потоа ќе ги обврзува, а од друга страна имаат поднесено барање за добивање на таа дозвола, кое ги позиционира во положба да не можат да бидат предмет на казнување за загадувањето.“

Бујароска вели дека досегашната ЕУ Директива за интегрирано спречување и контрола на загадувањето е заменета со нова за емисии од индустриски гасови која воведува построги ограничувања за загадувањето на воздухот, а земјите од Европската унија ја транспонираа во националните законодавства од јануари 2013 година.

„Постојните инсталации до 2016 година треба да воведат построги ограничувања за емисиите од нитроген оксид, сулфур диоксид и за прашина во согласност со новата директива. До каде сме ние во сето ова? До никаде! ЕУ предвидува уште поголемо намалување на емисиите до 2016 година, значи ревизија на постојните дозволи во согласност со новата директива, а ние чекавме април 2014 година за да ги издадеме дозволите“, вели Бујароска.

Невладиниот сектор смета дека проблемите со издавањето на А-дозволите ќе се надминат со вклучување во процесот на надворешни експерти, универзитетски професори, други министерства и граѓански организации.

Тие сугерираат законски промени со утврдување на рок за операторите да поднесат комплетно барање за добивање А-еколошка дозвола, но и во насока на унапредување на учеството на јавноста во постапката на издавањето дозволи.

Еколошки жешки точки во Скопје

Cad_od_Zelezara

Поглед на чадот од фабриката Железара | Фото: Владимир Калински

Скопските фабрики „Окта“, „Макстил“ и „Охис“ се дефинирани како еколошки жешки точки, главно поради нивните депонии кои ги загадуваат воздухот водата и почвата.

„Окта“ загадува со сулфур и азот диоксид и е класифицирана како еколошка жешка точка со низок ризик, додека депонијата на „Макстил“, која содржи тешки метали е ниско ризична жешка точка.

Депонијата на фабриката „Охис“ е високоризична еколошка жешка точка и во неа се складирани повеќе од 10 илјади тони линдан. Професорот Трајче Стафилов вели дека линданот е многу отровен пестицид и е ставен на црната листа на програмата за екологија на Обединетите нации. Тој додава дека купиштата со канцерогениот линдан од „Охис“ се разнесуваат низ воздухот во Скопје.

„Најголемиот проблем во Македонија, не само за воздухот, туку и за водите и почвите е ОХИС. Пред 40 години кога е забранета употребата на пестициди, ОХИС остави на куп 12 до 13 илјади тони од пестицидот линдан покриен со земја, која е исто така загадена. Тогаш не се знаело, но подоцна е утврдено дека линданот е многу канцероген. Тој е така оставен на отворено во кругот на фабриката и од него се разнесува фина прашина.“

Индустријата во Скопје: На мапата се прикажани „големите загадувачи“ во Скопје, кои подлежат на А интегрирани еколошки дозволи.

• Компаниите кои имаат А интегрирани еколошки дозволи
• Компаниите кои имаат А дозволи за усогласување со оперативен план 
• Компаниите баратели на А дозволи за усогласување со оперативен план

Слаб капацитет за контрола на локалната самоуправа

Иако во националните студии е наведено дека помалите и средните индустриски компании со помал капацитет се опремени со понова технологија, сепак и тие влијаат врз квалитетот на воздухот.

Овие инсталации подлежат на Б интегрирани еколошки дозволи, за кои е надлежен Град Скопје. Законот им препорачува, но не ги обврзува овие компании да се усогласат со „Најдобрите достапни техники“.

Од Град Скопје велат дека само две компании поседуваат Б-интегрирани еколошки дозволи, а 29 имаат Б-дозволи за усогласување со оперативен план.

„Започнувајќи на 18 ноември 2013 година извршен е вонреден инспекциски надзор нa 21 инсталација од вкупно идентификуваните  можни загадувачи на воздухот. Од извршените мерења е констатирано дека ниту една инсталација не ги надминува граничните вредности на емисиите пропишани со интегрираните еколошки дозволи.“

Но, една друга државна институција, Државниот завод за статистика во својата публикација за животна средина, го потенцира недостатокот на човечки и институционални капацитети на локално ниво, особено во индустрискиот сектор за спроведување на директивите.

„Слаб е капацитетот на локалната самоуправа во сите домени на заштита на животната средина, од поставување и одржување на мониторинг до воспоставување на инспекција и спроведување на прописите на издавањето Б-интегрирани дозволи“, се вели во публикацијата.

Расте загадувањето од сообраќајот

Во последните години Скопје се соочува со зголемен сообраќај кој имаа значајно влијание врз загадувањето на воздухот.

Поради големите количества на јаглерод моноксид, сулфур диоксид и цврсти честички, градот има сè поголема потреба од имплементација на политики што обезбедуваат балансиран транспортен модел и промена на однесувањето на граѓаните при изборот на транспорт.

Студијата за развој на сообраќајниот систем на Град Скопје покажува дека во 2011 биле регистрирани 126.043 моторни возила, со просечна старост од речиси 12 години.

Последните години постои тренд на зголемување на бројот на автомобили бидејќи од 2010 година Владата дозволи увоз на возила постари од 10 години, сметајќи ја таа мерка за социјална.

Ана Чоловиќ-Лешоска од еколошката организација „Еко- свест“, вели дека поради аерозагадувањето потребна е кампања за укинување на дозволата за увоз или пак да се прават мерења на емисиите за време на увозот.

„На тој начин ќе може да се утврди дека возилото иако е произведено како „еуро 3 стандард“, по 10 години старост е „еуро 1 стандард“ и за вакви автомобили не треба да се дозволува увоз.“

Според студијата за сообраќајот во Скопје дневно се случуваат 1.100.000 патувања, од кои 64% се направени со автомобили и јавен превоз, 35% се пеш и ниски 1,4% со велосипед.

Најзагрозени од метежот и загадувањето се оските помеѓу Карпош, Центар, Аеродром и дестинациите Бит Пазар, Стара Чаршија, Мавровка и комплексот со факултетите.

Проценките се дека највисоката концентрација на сообраќај е околу раскрсницата „Мавровка“ каде циркулираат околу 40.000 возила дневно.

Градот Скопје изработи неколку планови за подобрување на квалитетот на воздухот, но градските власти сметаат дека состојбите во сообраќајот и животната средина ќе се подобрат и со ширење на булеварите.

„Во областа на сообраќајот се изградија неколку клучни булевари кои значеа поголем проток на сообраќајот и подобрување на екологијата. Ние направивме повеќе од 17.000 метри должни проширени булевари, а исто така реконструиравме и околу 22.000 метри булевари и улици во Градот Скопје“, смета градоначалникот Коце Трајановски.

Ана Чоловиќ-Лешоска вели дека трендот на проширување на улиците им дава на скопјани до знаење дека е во ред секаде да одат со кола и да паркираат најблиску до централното градско подрачје.

„Воопшто целиот централизиран развој на градот е во спротивност со сите мерки за намалување на сообраќајот бидејќи тие што живеат надвор од центарот мораат да стигнат во Центарот за да завршат каква било работа. Целата администрација, продавниците, услугите и слично се концентрирани во центарот. Сè додека градските власти не го разберат овој проблем, нема  да има решение и нема да се стимулира алтернативен сообраќај.“

Одржливи транспортни модели

Одржливите транспортни модели подразбираат спроведување мерки и стратегии кои поттикнуваат пократки патувања, употребуваат помалку енергија и помалку се штетни за животната средина.

Градовите кои се движат во оваа насока, инвестираат во трансформација на јавниот простор и поинаку се грижат за своите улици, плоштади и архитектонско наследство.

Шпанскиот град Понтеведра минатата година доби награда за избор и имплементација на различни транспортни модели од Европската агенција „Интермодес“.

Градоначалникот Мигуел Фернандез Лорез пред 15 години ја почнал урбаната реформа којашто значела радикална промена на урбаната мобилност, која дотогаш била базирана на прекумерна употреба на автомобили.

Тој го ограничил присуството на автомобили во градот, со што се ослободил значителен простор за долги пешачки патеки и безбедно движење со стеснување на улиците и многу препреки за автомобилите. Ова е прв град кој брзината на автомобилите ја ограничува на 30 км/час.

Градот го реализира транспортот без автомобили со обезбедување на голем паркинг-простор на крајот од центарот на градот, каде луѓето ги оставаат своите автомобили и пешачат до главните места во градот.

Подобрувањата во животната средина се неспорни, велат градските власти од Понтеведра. „Со елиминирањето на гасовите од сообраќајот се намалија и штетите во атмосферата и тоа доведе до здрава и повеќе еколошки одржлива средина.“

Неколку мерки како оние веќе спроведени во шпанскиот град Понтеведра се предвидени и во скопската Студија за сообраќајниот систем за подобрување на условите за велосипедистите и пешаците, преку затворање на сообраќајот на ул. „Димитрие Чуповски“, во најстрогиот центар на градот и во пошироката зона околу Старата скопска чаршија.

Како сериозни недостатоци во Студијата се наведува тоа што Скопје нема официјален транспортен модел за дефинирање на новите инфраструктури, ограничените информации, недостаток на институционална координација и проблеми со паркингот.

Градот се задушува од градежниот бум

Со изградбата на голем број станбени, деловни и административни згради, во Скопје се намалија јавниот простор и зелените површини, а прашината од градежниот бум има голем удел во аерозагадувањето.

Тимот на невладината „Реактор“ составен од архитекти и експерти за урбан развој го изработија проектот „Скопје расте“, кој го покажува зголемениот број на станбени единици во градските четврти Дебар Маало и Буњаковец и намалувањето на зелените површини.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека во 1990 година во овие населби имало 21,6% зелени површини, а моментално има 13,9%, а до 2020 година би останале само 4,5 % зелена површина.

Во 1990 година во Дебар Маало и Буњаковец имало 21,6% зелени површини, моментално има 13,9%, а до 2020 година би останале само 4,5 % зелена површина

Авторите објаснуваат зошто Скопје неконтролирано расте, а еден од заклучоците е трансформацијата на политичкиот систем во 90-тите години на минатиот век, што, како што велат, доведе до воведување на нови режими на сопственост и критериуми за дистрибуција и вредност.

„Процесот на приватизација и денационализација доведе до масовен трансфер на имотите и реевалуација на сопственоста според правилата на пазарната економија. Тоа значи дека пред 1991 година имаше јасна доминација на јавниот пред приватниот домен и регулираниот колективен интерес беше политички приоритет од најголемо значење.“

Помалку емисии и повеќе заштеди од вложувањата во енергетска ефикасност

Според податоците од Град Скопје, во градот има вкупно 162 илјади домаќинства, од кои 60.000 загадуваат греејќи се на дрва и на нафта. Во зимскиот период тие горат 366.000 м3 дрво и 14.000 т нафта. 60.000 домаќинства во Скопје се приклучени на централно греење, а преостанатите користат електрична енергија. Овие семејства се загрозени и од т.н. внатрешно аерозагадување.

Живко Димов, експерт за енергетска ефикасност, вели дека алтернативата за овие домаќинства е вложувањето во енергетска ефикасност што носи заштеди и во семејниот буџет од 10 до 30 проценти во зависност од степенот на вложувањата.

„Алтернативата е преориентација на земјен гас и употреба на топлински пумпи, замена на старите прозорци и поставување на енергетски ефикасни фасади. Постарите згради се помалку енергетски ефикасни и кај нив инвестициите би чинеле од 3.000 до 12.000 евра по семејство.“

Димов вели дека скапите алтернативи се можни и за сиромашните семејства, со помош на државата.

„Енергетската ефикасност е ниска, но потребно е да расте свеста и државата да игра поактивна улога. Вложувањата во енергетска ефикасност во згради чини 100 до 200 евра за м2, а Македонија годишно треба да реализира 1.000.000 м2 станбена површина, што би чинело 100 до 200.000.000 евра годишно. Приватниот сектор треба да се стимулира со поволни кредити, а јавниот со буџетирање“, вели Димов

Во студијата „Зелен раст“ на Светската банка се вели дека Скопје може да заштеди од енергетската ефикасност во општинските објекти и во јавното осветлување околу 1.500.000  долари годишно.

Преземено од Призма