Денешна дата
15/11/2018

Иџет Мемети, Народен правобранител: Судовите губат предмети, извршителите наплаќаат незаконски, во затворите има криминал

Народниот правобранител минатата година примил вкупно 1.174 претставки и поплаки од граѓани. Од нив 1.054 се завршени, a 931 биле прифатени од институциите на разгледување. Сепак, народниот правобранител Иџет Мемети упатува јавна критика до Министерството за здравство, Министерството за финансии, до МВР. Во интервју за Инбокс7 отворено зборува за грешките на институциите и за прекршувањата на човековите права

Г-дине Мемети изразивте сериозна загриженост и по којзнае кој пат го споменувате зборот – повторно, а во врска со работата на правосудните органи?

 

Мемети: Јас се согласувам дека реформите во тој систем одат бавно. Јас исто така се согласувам дека не е лесно да се реформира тој систем затоа што е многу комплексен. Прашањето е зошто? Одговорот е од се’ по малку. Многу потешко е да формираш судска власт во општество какво што е Македонија во кое има многу различности. Затоа што судската власт треба да е столбот на општеството. Ако законодавната власт носи прописи, судската е тука да ги извршува. Таа е гарантот на правичноста и праведноста. Ако во тој гарант граѓаните немаат верба или се случува да има постапки кои оставаат впечаток дека не се непристрасни, или се влијае врз нив, тогаш тука е крајот на она што значи голема доверба во таа власт.

 

Кога велите дека граѓаните мора да почувствуваат дека правдата важи за сите мислите и на  случајот „Монструм“? Вие добивте поплаки од семејствата на двајца притвореници?

 

Мемети: Не само за случајот „Монструм“. Кај граѓаните има несигурност, мислење или перцепција. Еве, во тој случај се поделени на два табори, на етничка база, Албанци и Македонци. Едните се сомневаат дека сторители на тоа дело се Албанци, а од друга страна во правосудниот систем поради тоа што се од друга етничка припадност, тие како да навиваат. Сакам да кажам дека многу внимателно треба да се водат овие постапки. И не само овие. Граѓанинот кога ќе ја добие судската одлука треба да помисли само на едно. Дека таа е праведна. За „Монструм“, постапка водевме само за двајца од притворените кои ја издржуваа мерката притвор во затворот во Битола. Дека тие биле мачени од кога влегле во притворското одделение во затворот. Истрагата покажа дека има елементи на мачење кај нив од страна на затворските стражари и поднесовме кривична пријава до обвинителството во Битола која беше прифатена, но подоцна отфрлена од страна на истражниот судија како таква.

 

Во презентацијата на Вашиот извештај рековте дека доколку институциите не направат нешто, тогаш не само што кршењето на човековите права нема да се намали, туку ќе се зголеми. Конкретно ги споменавте затворите. Што се случува таму?

 

Мемети: Тој систем е многу слаб. Но, и таков, слаб, полошо е кога тој не функционира. Почнувајќи од исклучително лоши сместувачки услови, до лош третман. Имаме случаи каде што констатираме многу лоши услови, упатуваме препорака, констатираме многу лош систем кој не овозможува ресоцијализација туку го прави спротивното. Јас еднаш реков дека затворите во Македонија се претвараат во место каде што никнува криминалот. Наместо да ги ресоцијализираме затворениците ние придонесуваме тие да станат криминалци. Ужасно лоши се условите во Воспитниот дом во Тетово. Не знам дали судовите размислуваат каде ги праќаат децата. Тие таму се сместени во никакви услови, никаков третман, се случуваат многу лоши работи по однос на третманот, а од друга страна управата не знае. Сме затекнале и случаи за кои што управата на домот знае, но крие и фаќаат врски како Народниот правобранител да не спроведе одредени постапки. Се’ додека затворите ни ги водат нестручни луѓе, се’ додека во затворите не ги подобриме условите до тогаш ќе имаме многу лош систем.

 

Изрековте сериозни критики на сметка на работата на управните судови и комуникацијата на судовите со органите на управата. Рековте дека ако таа не се подобри последиците по граѓаните ќе бидат огромни. На што точно мислевте? 

 

Мемети: Само на хартија имаме управно судство, а реално работите стојат многу поинаку. Има случаеви кога се доведува можноста граѓанинот да го штити неговото право. Толку е лош начинот на комуникација, помеѓу управните судови и органите на управата, што верувајте ми ние граѓаните ги мачиме. Мора повеќе и посериозно да се вложува во управното судство и по однос на нови законски измени за да се направи тој систем и поконзистентен и подобар и по однос на тоа што значи подобрување на условите на тоа судство. Сме имале претставка, сме воделе постапка во која сме констатирале дека органот не информирал дека е изгубен предмет. Ние сме имале случај, јас го водев тој предмет, во еден суд во Македонија да биде изгубен предметот. Воопшто не размислуваат по однос на тоа. И да е така законот предвидува можност да се обноват тие списи и да се реши спорот. Проблем кој што останува е тоа што навистина системите имаат проблеми кои треба да се надоградуваат се’ со цел да не се случуваат такви работи.

 

Првпат годинава во извештајот се најде и работата на извршителите. Добивте полаки од граѓани дека извршителите наплаќаат незаконски. Што констатиравте Вие?

 

Мемети: Системот на извршување не е само извршителот. Тоа е круг кој мора да функционира. Ако има некој одредено побарување од граѓанин, кое што побарување треба да го изврши извршителот, тој тоа ќе го изврши преку банка. Имаме случаи каде што извршителите признаваат дека народниот правобранител е во право. И велат дека не смеат да зафаќаат во приходите кои овозможуваат егзистенција на граѓаните, но од друга страна банките го блокираат целиот износ. Кога се обраќаме до банките тие велат дека нив тоа не ги интересира. Како да се надвор од овој систем. Велат, немале таков софтвер. Како, тоа да не е и нивна грижа? Прашањето е кој е виновен? Кој треба да мисли за софтверот на одредена приватна банка? Граѓанинот? Не. Банката е таа која што треба да го направи тоа. Затоа, што и тој закон за извршување во кој има ограничување за можноста за извршување, или зафаќање на дел од приходите на граѓаните важи и за банките. Има и случаи во кои, тоа е мое мислење, извршителите трчајќи по профит посегнуваат и по тоа што треба и по тоа што не треба. И по тоа што е незаконско и по тоа што не смее да го извршуваат.

 

Во годинешниов извештај зборувате и за повреда на работничките права, за мобингот и  за злоупотреба на потрошувачките права. Кој ги злоупотребува македонските граѓани?

 

Мемети: Ти поминуваш од еден во друг систем неподготвен. Еве на пример по однос на комуналиите. Имавме такви случаи каде што одредено јавно-комунално претпријатие ги условува граѓаните. На пример, не можеш да добиеш некое право ако не платиш сметка и така натаму. Загрижува уште една појава кај потрошувачите, ја споменав радиодифузната такса. Никој не може да биде против тоа дека една давачка треба да се плати. Пред извесно време преминавме од еден во друг систем на плаќање и требаше да се направи нов регистар на должници или приматели на такви услуги. Но, начинот на кој почна да се подготвува тој регистар беше катастрофален. Лоша комуникација меѓу Управата за јавни приходи (УЈП) и Македонската радио-телевизија (МРТВ), па на граѓаните им доаѓаа по две три решенија на еден човек, па во едно семејство на сите членови на тоа семејство. Од друга страна има и такви решенија каде што граѓанинот нема куќа. Има одреден и имот и ние гледаме дека тоа е всушност нива. Тоа е несериозна работа. Неподготвени сме влегле во тој систем. Граѓанинот не е виновен. Граѓанинот не е тој што треба да го применува новиот систем. Туку тоа треба да го прави УЈП, другите органи и МРТВ кои треба да подготват квалитетен систем на должници.

 

Отворено признавте дека имате проблеми во комуникацијата со државните институции постапувајќи по предметите на кои што работите. Конкретно споменавте дека одредени институции ја попречуваат Вашата работа. Кои се тие институции? 

 

Мемети: Мислам дека тука е во прашање тоа дека општеството поинаку се сфаќа. Дека во ова општество не треба да функционираат сите органи предвидени со Уставот. Сепак, мислам дека на таков начин, такво однесување им штети на граѓаните, а со тоа не му мислат добро и на општеството. Институциите се за да се почитуваат едни со други, да комуницираат едни со други се’ заради граѓаните. За нив се институциите, а не за тие што ги раководат. Кажав јас и упатив јавна критика до Министерството за здравство, Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи особено до секторот за странци. Тоа е сектор кој веќе пет години наназад ја попречува работата на Народниот правобранител.

 

 

Расте  бројот на предмети што Вие ги работите, а државните институции ги зеле предвид. Но, резултати од тоа нема. Дали сте размислувале за уште едно зголемување на Вашите надлежности после она во 2009 година кога Ви беше даден сертификат да бидете Национален превентивен механизам?

 

Мемети: Народниот правобранител има сертификат од Б категорија што значи дека се уште нема А сертификат затоа што не исполнува одредени услови, а тоа се Париските принципи по однос на многу нешта. Па, ако сакате и по однос на можноста за вршење на истраги. Мора да се измени законот за да добие народниот правобранител А сертификат и да стане национална институција за заштита на човековите права. Текстот со измените на законот е подготвен, но добивам информации дека предлагачот на законот смета дека дел од надлежностите треба да се намалат, а не да се зголемат. Тоа секако може да се направи, но тоа значи дека статусот А во никој случај не може да се добие. Зашто, ако некој побара Народниот правобранител да изврши превенција од тортура согласно Факултативниот протокол, и при тоа да не носи средства за детектирање на состојбите и ризиците да се тргнат тие, тогаш тој не може да ја обавува таа функција. Ако Народниот правобранител влезе во затвор и нема мерач за температура, за влага, тогаш тој не може да ја изврши функцијата, ако нема апарат да слика? А, некои сакаат без тоа да ја вршиме функцијата. Тогаш, тие или не знаат, што се сомневам, или знаат, но така се претвараат. Тоа не е во ред и тоа секако не треба да се случува.

opetceska@inbox7.mk