Денешна дата
15/11/2018

Наплатата пет пати поскапа од долгот

Секое четврто семејство во земјава имало проблем со плаќање на долговите, уште повеќе поради зголемените трошоци во црните тефтери на извршителите. Тие наплатиле 127 милиони евра на име на долг во текот на минатата година. Тоа е лош тренд и зборува за растот на сиромаштијата во земјава, анализираат економисти

ко-автор: Искра Опетческа

 

Четириесет годишната стружанка Ирена.П без малку ќе се урнела на подот во својата канцеларија кога добила допис од извршител дека поради долг од 2.000 денари ќе мора да плати речиси 55.000 денари.

„ Долгот достигнал околу 350 евра за извршена услуга на една градежна компанија. Но, сопственикот наместо лично да ме извести тој одма побарал помош од извршител. Потоа морав девет месеци да плаќам по 6.000 денари. Така на крајот, јас за долг од 350 евра платив речиси илјада евра“, раскажува Ирена.

Банката и задржувала девет месеци по 6.000 денари без при тоа да води сметка за тоа дека на должникот не смее да му се зема повеќе од една третина од висината на платата.

Сличн проблеми деновиве има и Никола Петровски, од Битола на кого банката му ја блокирала сметката. Тој минатата недела, отишол до најблиската банка и доживеал шок.

„Службеничката ми кажа дека сметката ми е блокирана од извршител и дека не можам да упплатам за услугите за градинка каде што оди мојот внук. Ми кажа дека прво морам да го платам целиот долг за да може да ми ја одблокира сметката. Подоцна истата таа службеничка ми побара 50 денари за да ми каже кој е извршителот што ми ја блокирал сметката. Нотари, извршители, банки, судови, држава. Ќе не одерат до гола кожа. Вакво аздисување немало ниту во турско, кога даночниците собирале арач и данок во крв по селата“, вели револтирано Петровски.

Неговата судбина, минатата година ја делеле околу 140.000 пред сè сиромашни граѓани, што значи дека секое четврто семејство во земјава имало проблем со плаќање на долговите и биле во „црните“ тефтери на извршителите.

Прескапо за граѓаните

gordan-stankovik akademik

Гордан Станковиќ (фото: Академик.мк)

Од Комората на извршители се согласуваат дека постапката за наплата на долговите е скапа, но потенцираат дека не заминуваат сите пари на нивното конто. Тие наплаќаат од 10 до 15 отсто од вкупната сума, а другите пари заминуваат кај нотари, адвокати, банки и судови. Ако се намалат трошоците во банките, во катастарот, ако се укине данокот на додадена вредност (ДДВ) за услугите на извршителите, најмалку за половина ќе биде намален трошокот за извршување, потенцира извршителот Гордан Станковиќ.

„За долг од 3.000 денари, ако доцни со наплата три години има камата од 50 отсто. Трошоците на парничната постапка исто така влегуваат во наплатата и тие изнесуваат до 2.000 денари. Големите доверители како што се телекомот, ЕВН, мобилните оператори, топлификација, често пати ги пренесуваат овие постапки кај адвокатите кои што за еден ваков предмет ќе наплатат од 3.000 до 4.000 денари. Пред да стигнат кај извршител, адвокатите имаат уште 5.000 денари трошоци за застапување на предметот кај нотар, и на крајот извршителот ќе наплати 2.500 денари. Така додека постапката стигне до извршител, долгот од 3.000 денари достигнал 15.000 денари. Тука се и банките  кои за блокирање и деблокирање на сметка наплаќаат 500 и 1.500 денари“, вели Станковиќ.

И претседателката на нотарската комора Зорица Пулејкова се согласува дека постапката е скапа, но вели дека нотарите наплаќаат најмала награда за извршената услуга.

„ Деведест отсто од предлозите за извршување се за долг до 10.000 денари каде што наградата за нотарот е 500 денари, а тоа е помалку во однос на тоа колку судовите наплаќаа за извршната постапка. Така што делот од трошоците што отпаѓа кај нотарот и не е така голем“, вели за Инбокс7, Пулејкова.

Според Правилникот за нотарска тарифа, за долг помеѓу 10.000 и 100.000 денари наградата за нотарите е од 600 до 2.100 денари. Покрај оваа награда нотарите наплатуваат и по два отсто за секој долг поголем од 100.000 денари, но не смеат да наплатат награда поголема од 18.000 денари.  Сите овие трошоци се зголемуваат ако постапката се води преку адвокат и згора на тоа 18 отсто ДДВ. Од извршните постапки за даноци, државата секоја година собира по околу пет милиони евра.

Непочитување на постапка

Граѓаните освен на трошоците, реагираат и на непочитување на постапката на извршителите. Лошо искуство со Инбокс 7 сподели скопјанецот Александар Николиќ. Него фирмата „Екодом“, за долг од 1.500 денари директно го дала на извршител.

„Сметката ми беше блокирана без претходно да бидам известен од страна на нотар дека имам долг кон некого. Морав за долг од 25 евра, да платам 100 евра“, вели Николиќ.

Извршителите признаваат дека оваа постапка е спротивна на законот и дека така не смее да се постапува.

„За да дојде некој долг за наплата мора претходно да ги помине другите инстанци како судовите, нотарите или државен управен орган во зависност од предметот“, вели извршителот Станковиќ.

Во овој случај на Николиќ му е прекршено правото при постапката на извршување, но измалтретиран и заморен од судови, банки и извршители, кренал раце од случајот – на извршителот му платил 6.500 денари.

По зголемениот број поплаки, годинава прв пат во најновиот извештај, Народниот правобранител упати сериозни критики, а кои се однесуваат на неправилности во работата на извршителите и на спроведувањето на Законот за извршување.

„Анализата покажува дека најчесто граѓаните бараа заштита поради застареност на побарувањата, несоодветната достава на налозите за присилно извршување, целосното блокирање на трансакциските сметки што се водат кај деловните банки и спроведување на присилно извршување без почитување на ограничувањето или изземањето на извршувањето“, пишува во извештајот.

Во 2013 година граѓаните најмногу се пожалиле затоа што извршителите им задржувале пари добиени по основ на социјална помош, законска издршка или врз основа на привремена невработеност. Исто така, граѓаните се жалеле дека иако доставувале потврди од центрите за социјална работа дека се корисници на помош, извршителите продолжувале со извршувањето.

Idzet Memeti slika intervju za top

Иџет Мемети

„Ваквиот начин на водење на извршната постапка претставува грубо кршење на правата на граѓаните – должници во извршната постапка, со оглед дека се работи за постапување надвор од законските одредби. Особено поради фактот што станува збор за категорија на граѓани кои се на работ на егзистенција и притоа не се упатени, како и на кој начин можат да ги заштитат своите права во постапката“, вели народниот правобранител Иџет Мемети.

Неуредната достава ги зголемува трошоците

Уште една причина поради која наплатата на долгот е прескапа за граѓаните е начинот на кој се доставуваат налозите. Народниот правобранител во 2013 година констатирал дека граѓаните не се информирани и немаат сознанија дека во одредени услови доставата може да биде извршена и со јавна објава.

„Од контактите со граѓаните произлегува дека не секогаш се применува доставата по пошта, и дека подносителите дознаваат за обврската утврдена со извршната исправа откако ќе им бидат блокирани трансакциските сметки. Во случаите кога беа утврдени неправилности, граѓаните беа поучени да ја продолжат постапката со поднесување приговор до претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето“, пишува во извештајот на Народниот правобранител.

Нотарката Пулејкова уверува дека при вршењето на доставата нема никаква злоупотреба, туку дека тие само ги спроведуваат законските решенија.

„Доставата на поднесоците секогаш била проблематична во поглед на судот и на доверителите. Со последните измени на Законот за парнична постапка (ЗПП) доставата и до граѓаните и до фирмите максимално се поедностави. И тука можеби лежи евентуалниот проблем што на должниците им го ускратува правото да поднесат приговори, но тоа не е поради злоупотреба туку поради таквото законско решение. Можеби треба да се размисли за чекор плус во доставата што ќе овозможи посигурна достава барем за граѓаните“, вели Пулејкова.

Растот на приходите на извршителите го покажува растот на сиромаштијата

Минатата година извршителите наплатиле 127 милиони евра на име на долг. Ова претставува раст за 22 отсто во однос на 104 милиони евра кои се наплатени во 2012 година. За економистите оваа сума е лош тренд што го покажува растот на сиромаштијата кај граѓаните.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Стојче Самарџиски.

„Ова се дирекни показатели дека сиромаштијата ни тропа на врата се’ повеќе и повеќе. Најголем дел од предметите кај извршителите се за неплатени кредити и сметки, и секое зголемување, дали на бројот на предметите или на сумата која ја наплаќаат ја одразува сиромаштијата во земјава“, вели економистот, Стојче Самарџиски.

Со ваквата констатација се согласуваат и извршителите.

„Многу должници доаѓаат кај нас и бараат да го исплаќаат долгот на рати по 2.000 или 3.000 денари. После некое време истите тие, доаѓаат во канцеларија и бараат тој долг да го исплаќаат со месечни рати од по 1.000 денари“, вели Станковиќ.

Неинформираноста ги тера граѓаните често пати да чувствуваат револт кон извршителите, нотарите и адвокатите, а со тоа и да преовладува мислењето дека тие ги штитат само големите компании кои остваруваат милионски профити.

„Големиот број издадени платни налози и нивната реализација ја потенцира проблематиката со брзата наплата на долговите. Но тоа е повторно во интерес на граѓаните иако не сите можат тоа да го разберат. Некогаш граѓаните се во право ако доставата не е уредна. Сепак има начин како и тоа да се реши. Но мора да се сфати дека поевтино е доколку долгот си го платите на време“, вели Пулејкова.

Најголем дел од наплатата од граѓаните кон јавните претпријатија е поради неплатени сметки. Долговите на граѓаните кон банките најчесто се поради заостанати потрошувачки кредити и неподмирени кредитни картички.

Трошоци за просечна извршна постапка за долг од 3.000 денари, наплатен по 3 години, пресметка на Инбокс7.

 Долг 3.000 денари
Камати 1.500 денари
Трошоци за парнична постапка 2.000 денари
Адвокатски трошоци за парнична постапка 3.000 денари
Адвокатски трошоци за застапување на предметот кај нотар 5.000 денари
Трошоци на извршител 2.500 денари
Блокирање на сметка во банката 1.500 денари
ВКУПНО 15.500 денари

 

Уредник: Стојанка Митреска

lefkov@inbox7.mk