Денешна дата
01/12/2022

Пругата кон источна Македонија на слеп колосек

Пругата кон Кочани е во катастрофална состојба. Просечната брзината на движење на возот е 35 километри на час. Рампите не се обезбедени. Државата не планира модернизација

Влатко Димитров, повратник од Италија седи покрај железничката станица во Кочани и во мислите се навраќа неколку години наназад, кога шест месеци патувал од Милано до Болоња секој ден.

„Делницата од Милано до Болоња беше 220 километри и со воз ја минував за 45 минути. Просто беше уживање да патуваш. Возот се движеше со брзина од 300 километри на час. Иако работев на пристаништето во Болоња не помислував да се преселам од Милано“, вели Димитров.

Состојбата кај нас е очајна. Од Кочани до Велес има 70 километри, патуваме два часа.  Возот оди со 35 километри на час. Тоа е катастрофа, додава Димитров.

Модерна и брза железница многу би му помогнала и на младиот Александар Петров, кој работи во Скопје и поради тоа морал да се исели од Штип.

„Да имаше брза железница, да можев за еден час да стигнам до Скопје и да се вратам попладне, немаше да се иселам. Имам колеги од Велес патуваат секој ден. Ама таму возот оди за 45 до 50 минути“, вели Петров.

Joze Jovanov

Јоже Јованов

Лошата состојба на пругата во источна Македонија не потсетува и на приказната на познатиот кочански велосипедист Јоже Јованов.

„Додека студирав во Скопје, куферите им ги давав на моите другари кои се возеа со воз и во 15.15 минути тргнувавме во исто време од Железничката станица во Скопје. Јас со велосипедот стигнував во Кочани во 18. 10 минути и ги пречекував на железничката станица“, вели Јованов.

 

И бизнисот бара модерна пруга

 

Железницата е огледало на државата. Ако се суди по железницата во источна Македонија тогаш регионот е на самото европско дно, а има и некои африкански индикатори – Македонија е земја со најслаба развиеност на пругите со само 27 километри пруги на површина од 1.000 километри квадратни.

 

Држава Должина на пруги на 1.000 километри квадратни
Словенија 60 километри
Хрватска 50 километри
Србија 44 километри
Косово 40 километри
Бугарија 39 километри
Албанија 31 километри
Македонија 27 километри
Источна Македонија 7 километри

 

Извор: Анализа на Инбокс 7

 

За економскиот аналитичар од Штип, Стојче Самарџиски, без развој на инфраструктурата нема развој на регионот.

Инфраструктурата во источна Македонија е од социјалилизмот. Неопходно е за секоја економија да ја развива железницата. Таа нуди поевтин транспорт, поевтин проток на луѓе и стока. По водениот, овој е најевтин транспорт. Ние вода немаме и затоа мора да ја развиеме железницата“, додава Самарџиски.

Водечка дејност во источна Македонија е рударството. Транспортот на рудата е значајна ставка во вкупните трошоци на рудниците. Во поранешна Југославија, скоро целата руда се транспортираше со железница, вели поранешен раководител во рудникот за неметали Опалит од селото Спанчево, Кочанско.

На овие времиња потсетува и Николајчо Николов, заменик-генерален директор на Бучим.

„Бучим произведува 38.000 тони бакарен концентрат годишно. Тој бакарен концентрат порано се возеше за Бор, Србија. Најповолен беше железничкиот транспорт. Кога дојде новиот сопственик склучи договор за преработка на бакарниот концентрат со бугарска фирма. Кон Бугарија немаме пруга и мораме да го транспортираме со камиони, каде и транспортот е поскап“, вели Николов.

Тој додава дека за минимум 10% е поевтин транспортот со железница од камионскиот транспорт.

 

Државата најавува инвестиции во железниците, ама не и на Истокот

pruga istocna Makedonija (1)

 

Владата најавува 250 милиони евра инвестиции во железницата. Министерот за финансии, Зоран Ставрески посочи дека е во план изградба на пругата кон Бугарија и реконструкција на железничката станица во Скопје.

Неодамна Владата и кинеската корпорација CSR потпиша договор за набавка на шест возови во вредност од 25 милиони евра. Според најавите на Ставрески тие треба да пристигнат идното лето.

Ова за жителите на источна Македонија и не значи многу бидејќи пругата по која треба да се движат возовите е во очајна состојба, вели сообраќаен инжинер кој сакаше да остане анонимен.

„Тоа е исто како да имаш нова кола, а да ја возиш по земјен пат, каде не можеш да развиеш брзина поголема од 20 километри на час“, вели нашиот извор.

Директорот на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани, најавува реконструкција и модернизација на некои делници.

Irfan Asani

Ирфан Асани

„Преку компонентата 3 на ИПА програмата подготвуваме 2 нови проекти за рехабилитација на пругата од Велес до Битола и од Скопје до Кичево. За пругата кон Кочани веќе планираме некои работи, само не сме дефинирале конкретна финансиска рамка“, вели Асани.

Тој не можеше да каже, дали и кога ќе почне ренивирање на пругата кон Кочани.

 

 

 

 

Безбедноста на пругата е на најниско ниво

 

Безбедноста на пругата во Источна Македонија е на најниско ниво. За да не се случуваат сообраќајни несреќи, машиновозачите се принудени да ја намалат брзината на движење на возовите. Од Велес до Кочани има 40 патни премини на пругата од кои 2 се обезбедени со браници, светлосна и звучна сигнализација, додека на другите 38 имаат само сообраќајни знаци. Заради поголема безбедност, возот на некои премини застанува и ги пропушта автомобилите.

„Оваа го нема никаде во светот, возот да застане, за да поминат колите“, вели Ванчо Манов од Штип.

Единствена среќа во делот на безбедноста е што возот ретко сообраќа, само еднаш дневно. Доколку почесто минуваат возови веројатноста за да се случат сообраќајки на необезбедени премини е голема.

Причина за ваквата состојба се парите, вели Петар Спасовски, помошник директор во Македонски железници Инфраструктура.

„Немаме парични сретства за купување на уреди за осигурување на други други патни премини кои чинат 100.000 евра. Во светот финансирањето го прави општината доколку сака да ја подигне безбедноста“, вели Спасовски.

Тој додава дека според законот за железнички систем и законот за јавни патишта, трошоците за одржување на уредите ги сносат управителот на железничката инфраструктура и правното лице кое е надлежно за одржување на патиштата.

Засега интересот за одржување кај општините е многу мал. Од 37 општини низ кои минува пригата само 4 се согласиле да учествуваат во финансирање при обезбедувањето на железничките премини.

Уредник: Стојанка Митреска

lefkov@yahoo.com