Денешна дата
18/08/2022

Обвинителот, Уставот и овците

Во подземјето на еден будистички манастир, југоисточно од Пекинг, монасите со векови во тајност го чуваат каменот каде што со хиероглифи е напишана судбината на човештвото и светот, односно нивното распаѓање. По многу молење, германскиот научник Лотар Ледерозе од Гејделбершкиот универзитет успеал да добие пристап за да ги дешифрира тие древни текстови. Но, тој никако не можел да дојде до точен датум кога би се случил крајот на светот. Ама јасно дешифрирал дека “силно ќе удрел голем небески камен“. И дека тоа би се случил тогаш кога народите најмногу ќе им веруваат на лажговците, измамниците и манипулантите.

Си реков, па ние ептен сме блиску до таквата катаклизма. Очекувам секој момент да удри некој огромен астероид по нас! Па нели тука со години власта луѓето ги лаже, ги краде, ги осиромашува, ги иселува, ги затворува, ги казни, ги гази, ги малтретира, психички ги разболува. А тие пак и веруваат! Барем во нешто сме шампион – во упорното верување во лаги. Човекот во снимката вели дека крадел, а ние велиме – лаже дека крадел. Зврлевски јавно докажал дека нашиот правен систем се состои од две правди – едната за власта а другата за сите други. Во аферата “Македонска банка“ независниот јавен обвинител докажал дека е тотално независен од законите. Те снимката не била овластена, те немал докази дека нешто земал Груевски, те делото ти бил застарено и слични чуда. Значи, ако некој снимал, не дај Боже убиство на важен владин човек, Зврлевски ќе каже дека снимката е невалидна оти е од неовластен снимател! Епа обвинителе, со тоа самите правите тешко кривично дело.

Од нашиот правен систем освен што правеле да биде лажноверен, правеле тој да биде и тотално слеп. Јустиција ги држи очите затворени за да не прави никаква разлика при делењето правда, а нашите правосудни органи ги затворат очите за да не ја видат неправдата. За да не го видат арамилакот и криминалот. А штитењето криминал е само по себе криминално дело. Правдата остана слепа и кај „Загорац“, и кај  „Актор“, и кај  „Милионче“, и кај „Уличното осветлување“, и кај становите на Бонева, и кај зградата на ДПМНЕ, и кај многубројните локали и станови, но и кај многуте рекетирања, убиства, уривања итн. И тоа е нашата трагедија. Во држава која елементарно држи до правни и морални норми се постапува сосема поинаку кога се во прашање носители на јавни функции. Ако обичен граѓанин крадел, а делото е застарено, тука процесот запира. Но, кога се работи за носител на јавна функција, тука државата треба службено да докаже дали има или нема дело. Во нашиот случај требаше службено да се утврди дали гласот на снимката е на премиерот или не. Делото можно е да е застарено, но што правиме со сомневањата дека власта ја води човек вмешан во корупција и криминал!? Каде е тука јавниот морал?! А моралот никогаш не застарува. Има ли воопшто кредибилитет владата да ја предводи таков човек? Тоа е нешто многу над правото и нејзините процедури. Па нели понормално ќе беше самиот премиер да бара непристрасна експертиза за веродостојноста на лентата (оти самиот вели дека е монтажа). Зошто не дозволил да се докаже монтажата?! И на крајот, зошто обвинителот не го процесирал предметот до судот. Барем ќе имавме каков таков судски епилог?!

И сега уставни измени, наводно за поефикасно функционирање на институциите! При вакво ниво на доверба?! Тоа е исто како да верувате дека волкот е тој што може да напише најдобар устав за овците. Ние имаме бројни закони, бројни институции, огромно правосудство, бројни комисии, агенции, органи против организираниот криминал, но криминалот ни цвета. Значи, не се во прашање нормите или недоволното дефинирање на институциите, туку нивното спречување од страна на власта. Вака испаѓа дека власта сакала одговорно функционирање, ама ете на нешто друго бил проблемот. Тоа е обид да се перат гревовите кои ни пеколот не може да ги испере. Треба да сфатиме дека небескиот идеал служи само за криење на подземни пари. Не е можно да има идеал кај тие што создале општество без морал, без срам и без одговорност. Кај власта морал има само во рекламите, па оттука мора да се смени Уставот и поради дефинирањето на бракот. Една моја другарка борец за заштитата на животните вели дека и кај животните треба да се воведе морал. Така на пример како легитимен да се признае само бракот меѓу еден вол и една крава. А крави и волови имаме полно.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk