Денешна дата
25/10/2020

Министерство за здраство: Не е точно дека поливалетните вакцини ја зголемуваат смртноста

Министерството за здраство денес реагираше на писмото од група родители упатено до премиерот Никола Груевски, во кое се тврди дека статистиката во западните земји покажала зголемување на смртноста кај бебињата по воведувањето на поливалетните медицини. Наспроти ова, министерството тврди дека искуствата со овие вакцини се сосема спротивни од наводите во писмото и дека овие вакцини се воведуваат по препорака од Светската здраствена организација.

Нивната реакција ја објавуваме во целост:

Во врска со објавеното писмо од родители кои се залагаат за правото на избор на вакцинација, Министерството за здравство ја информира јавноста за следното:

Со воведувањето на вакцинацијата како мерка за заштита на населението од заразни болести постигнати се најдобрите резултати во историјата на медицината. Бројни заразни болести се искоренети во светски рамки, голем број од нив се елиминирани, а голем број на заразни болести се ставени под контрола.
Министерството за здравство и Комитетот за имунизација како советодавно тело, следејќи ги препораките во областа на имунизацијата од страна на Светската здравствена организација, Европскиот Центар за заразни болести и останатите меѓународни здравствени агенции, одлучи во РМ да се воведат поливалентни вакцини (петто и шестовалентни), кои заштитуваат од повеќе заразни заболувања. Во сегашниот календар за имунизација во употреба се тровалентни вакцини како Ди-Те-Пер и МРП вакцина. Воведувањето на новите петто и шестовалентни вакцини ќе доведе до намалување на :
•    бројот на боцкања од 13 на 7, во првите 2 години од животот;
•    бројот на очекуваните и непредвидените несакани реакции;
•    бројот на посети кај докторот

За илустрација, статистичките податоци од Здравствен Дом-Скопје, покажуваат дека годишно се вакцинираат 55.000 деца на возраст од 0 до 18 години на територија на градот Скопје и околината, со опфат од високи 95% за 2013 година.  Во текот на истата година се упатени вкупно 27 пријави до Центарот за јавно здравје за несакани појави од примена вакцина, а од сите пријавени случаи за ниту еден не е добиен документ за трајна контраиндикација евидентирана во службите за имунизација. Овие статистички податоци се минимални во однос на вкупниот број на реализирана имунизација.

Во составот на поливалентните вакцини, вакцината против ДТП ( дифтерија, тетанус и пертусиз-голема кашлица) е ацелуларна за пертузис која дава многу помалку несакани реакции од досегашната ДТП вакцина која е во употреба . Во составот на поливалентните вакцини вакцината против парализа е инактивна, и токму препорака на Светската здравствена организација е овој тип на вакцина да биде воведен во државите до крајот на 2015 година, место досегашната жива орална  вакцина против парализа.

Исто така, поливалентните вакцини се пакувани како  еднодозни, едно пакување (виала или шприц) за едно дете, не содржат тиомерсал и истите се безбедни за децата.

Поливалентните вакцини се воведени речиси во сите држави од ЕУ, во државите од поблискиот регион во Словенија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Албанија, а од годинава се планира да се воведат и во Србија.
Согласно искуствата на земјите од Европскиот регион и останатите држави во светот, како и меѓународните здравствени агенции, поливалентните вакцини се безбедни за употреба кај децата.
На последниот организиран состанок од Светската здравствена организација пред една недела во Измир, на тема  воведување нови вакцини, на кој учествуваа 23 држави од Европа, меѓу кои и РМ, најголемиот број од државите во своите календарии за имунизација презентираа употреба на поливалентни вакцини со позитивно искуство од примена на истите.

Со цел заштита на здравјето на децата во Република Македонија, Министерството за здравство и во иднина ќе ги следи препораките на Светската здравствена организација за воведување на нови вакцини, односно  осовременување на Календарот за имунизација.
Министерството за здравство и во иднина ќе продолжи да набавува проверени, безбедни и квалитетени вакцини, согласно барањата и препораките на Светската здравствена организација, се со цел обезбедување вакцинација  на децата согласно највисоките стандарди за квалитет и безбедност.

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО