Денешна дата
04/04/2020

Најскапи становите во Скопје и Штип, а најевтини во Куманово

Колку години од работниот век треба да потроши македонскиот работник за да купи стан од педесетина квадрати, анализираше Инбокс 7. Штипјани многу потешко ќе дојдат до стан, отколку граѓаните на Скопје, откако цената во центарот на градот рипна на повеќе од 1.000 евра за квадрат

Работник со просечна плата, за нов стан од 50 квадратни метри, во Штип треба да работи 17 години и девет месеци, во Охрид 14 години, Скопје 12 години и пет месеци, во Струмица 11 години, а во  Битола 10 години и седум месеци.До вакви сознанија дојде Инбокс 7 во истражувањето што го направивме во седум градови во земјава. Ги анализиравме цените на становите во Штип, Охрид, Скопје, Струмица, Битола, Кавадарци, Куманово и куповната моќ на граѓаните со просечна плата.

Вакви цени на становите нема ниту во Белград, кратко коментира Горан Апостолов, излегувајќи од агенција за недвижности во Штип.

stip

Штип

„Сакам да купам стан од 50 метри квадратни и ми бараат 55.000 евра. Живеам во стара куќа, шест члена сме во семејството. Веќе подолго време сакам да купам стан во центарот на градот, ама засега е прескап за мене“, се жали Апостолов.

Тој и сопругата се вработени во конфекција и земаат околу 15.000 денари плата.

Овие цени ги потврдуваат и од агенцијата за недвижности „Флорида Импекс“ од Штип.

„Просечната цена на новите градби во центарот на Штип се движи над 1.000 евра за квадрат, во зависност од големината на станот“, вели Соња Катарова од „Флорида Импекс“.

Таа додава дека во источниот регион, нови станови се продаваат во Кочани, Виница и Берово, но таму цените се околу 600 до 700 евра за квадрат.

За Драган Ристов, лице за односи со јавност во Општина Штип, причините за високите цени лежат во развојот на градот, кој во иднина треба да стане регионален центар на источна Македонија.

dragan ristov - vostip

Во Штип се поставени неколку регионални институции како Универзитетот Гоце Делчев, Клиничката болница, Апелацискиот суд,касарната, слободната економска зона во која и сега работат работници од источна Македонија и самото тоа повлекува и ширење на градот“, вели Ристов.

 

 

 

За ист таков стан, од 50 метри квадратни во центарот на градот, најевтино ќе поминат жителите на Куманово. Работник со просечна плата таму треба да работи девет години и 10 месеци за да исплати еден стан.

Време на отплата на нов стан од 50 метри квадратни во центарот на градот

Град Просечна плата (ден) Цена на стан (евра) Време на отплата
Штип 15.131 52.500 17 години и 9 месеци
Охрид 18.500 50.000 13 години и 10 месеци
Скопје 24.700 60.000 12 години и 5 месеци
Струмица 16.200 35.000 11 години
Битола 19.300 40.000 10 години и 7 месеци
Кавадарци 16.100 33.000 10 години и 5 месеци
Куманово 17.000 33.000 9 години и 10 месеци
Македонија 20.847 43.000 10 години и 6 месеци

 

Извори:

-Државен завод за статистика

-Агенција за надвижности Флорида Импекс Штип

– Агенција за надвижности Капитал Охрид

– Агенција за надвижности Атлас 2002 Скопје

– Агенција за надвижности Меѓа Струмица

– Агенција за надвижности Стрелец Битола

– Агенција за надвижности Јата Кавадарци

– Агенција за надвижности Премиум лукс Куманово

 

Печалбарите купуваат и плаќаат во готово

 

Плаќањето на становите во земјава најчесто е во кеш. Клиентите што ги купуваат становите се нашинци од странство.

Најчесто купувачи на станови се клиенти од други делови на Македонија или наши иселеници со цел да имаат сопствено катче за одмор и релаксација или  живеалиште после пензионирање. Следни се Охриѓани кои купуваат станови за живеење, вели Наташа Спасеска Цветкоскаод Агенцијата за недвижности „Капитал“ од Охрид.

Тријат раце од печалбарите и во Куманово. Таму има две агенции за недвижности, а најчести муштерии им се повратниците од кризните региони.

viktor velickovski

Виктор Величковски

Главни купувачи на станови во Куманово се наши работници од Ирак и од Авганистан. Тие доаѓаат овде и плаќаат во готово“, вели Виктор Величковски, од агенцијата за недвижности „Премиум лукс“.

Во Куманово има околу 6.000 повратници од кризните региони во Африка и Азија, но тие претежно купуваат куќи, затоа во Куманово има цела населба која се нарекува Авганистанка, вели Александар Денковски.

За разлика од Охрид и Куманово, во Гевгелија најчести купувачи се локалните жители вели Андон Хаџи-Николов, сопственик на агенцијата  за недвижности „Девомак“.

„Главно, купувачи на становите се наши сограѓани. Иако е погранично место, сепак засега грчките соседи немаат интерес за недвижности во Гевгелија“, вели Хаџи-Николов.

 

За стан на кредит, враќате двојно повеќе

За тие што немаат пари во готово да го платат станот, има две опции за купување на кредит, првата е преку банка, каде каматните стапки се движат од 4,75% во Охридска банка до 11, 25% во Шпаркасе банка.

За Ѓорѓи Јордановски ова било единствената опција да дојде до свој дом во Скопје.

Купив стан во населбата Ѓорче Петров на кредит. Тоа ми беше најисплатлива опција. Наместо да плаќам кирии, јас ќе плаќам месечни рати и после 20 години ќе имам сопствено живеалиште“, вели Јордановски.

Тој додава дека банката од каде што го зел кредитот немала договор со државата и не можел да аплицира за проектот „Купи куќа, купи стан“.

Повеќе среќа имал битолчанец, кој сакаше да остане анонимен. Тој меѓу првите аплицирал за стан од овој проект и благодарение на добриот бонитет на плата кој го имал со сопругата, ги исполнил условите што ги бараат во проектот за субвенционирање на станови од државата.

kupikukakupistan

„Преку „купи куќа-купи стан“, зедов стан од 40 метри квадратни во Битола за 28.000 евра. Од државата имаме субвенција во првите пет години, ни покрива половина од месечната рата. Мојата месечна рата е околу 9.000 денари. Вкупно државата, за пет години, ќе ми даде субвенција од околу 4.000 евра или 10 отсто од вредноста на станот и каматите“, вели нашиот извор.

Инаку според пресметките на нашите соговорници, доколку земете кредит на 20 години ќе треба да вратите двојно повеќе пари за стан, од тоа што сте земале при купување на станот.

 

Малкумина се офајдија од проектот „Купи куќа, купи стан“

 

Засега е неизвесно колку граѓани ги искористиле државните субвенции од проектот „Купи куќа, купи стан“. Од Министерството за финансии побаравме одговор, но до објавувањето на текстот не добивме податоци.

Во агенциите за недвижности низ земјава велат дека интересот на почетокот бил голем, но условите спречиле многу млади да дојдат до сопствен дом.

„За проектот „Купи куќа, купи стан“, имаше интерес од младите, но тие не можеа да ги исполнат условите кои ги бараа Владата и банките. Преку нашата агенција се продадени само два стана“, вели Снежана Настевска, сопственик на „Стрелец“ од Битола.

Слично ни одговорија и во агенции за недвижности од Скопје.

Преку нашата агенција имаат купено недвижности само две до три семејства и обично тие купуваат во приградските населби каде што е поевтин квадратот и каде што можат да ги исполнат условите за добивање таков стан“, вели Златко Горњевски, од агенцијата за недвижности „Атлас 2002“ во Скопје.

Од контактираните агенции за недвижности, најмногу продадени станови од овој проект има преку „Девомак“ од Гевгелија – четири, а ниту еден во Куманово.

уредник: Стојанка Митреска

lefkov@yahoo.com