Денешна дата
13/07/2020

Платите во источна Македонија се за 9.000 денари пониски од скопските

Работник во источна Македонија има за 40 отсто пониска плата во споредба со оној во западна Македонија, а за 60 отсто помала за разлика од работник во Скопје. Ова е еден од најлошите диспаритети на платите во Европа

Просечната исплатена плата во источна Македонија во 2013 година е 16.175 денари што е за 6.000 денари помалку во однос на западна Македонија и за дури 9.000 денари помалку во однос на скопскиот регион, покажа анализата на Инбокс 7. Ваквите диспаритети во исплаќањето на просечните плати создаваат огромни разлики во стандардот на граѓаните и ги забрзуваат миграциските процеси во земјава.

plati po regioni slika

Овие огромни разлики во платите најсликовито може да се согледаат преку животната приказна на Сашко Стаменков, од Штип, кој секој понеделник наутро заминува на работа во Скопје, а се враќа во петок.

„Порано работев во Штип во една конфекција и земав 12.000 денари плата. Пред две години се префрлив во Скопје, работам како молер и заработувам двојно повеќе“, вели Стаменков.

Тој додава дека му се исплаќа во Скопје да плаќа кирија и да патува отколку да работи во Штип и да заработува 200 евра.

Со слична математика е и кумановката Весна Д. Таа порано работела како фризерка дома, но поради беспарицата и невработеноста се откажала и сега работи и патува секојдневно во Скопје.

Една невестинска фризура во Скопје чини и до 3.000 денари, додека во Куманово се правеше и за 1.500 денари. Во Куманово луѓето немаат пари, па затоа и нема работа, а и цената на услугите е многу пониска“, вели нашата соговорничка.

Главната причина за ваква состојба според  Глигор Ивановски, економски аналитичар од Штип е неразвиеноста.

Западниот дел од Македонија и Скопје, имаат повисоки приливи на пари и платите се повисоки. Таму се сместени повеќе државни и финансиски институции чиишто вработени имаат повисоки примања од просечните во државата. Во источна Македонија доминира текстилот и земјоделството, а тоа се сектори со многу ниски плати“, вели Ивановски.

Тој додава дека останатите региони имаат по некој водечки капацитет кои значат многу за тамошната економија – како што се  РЕК Битола, или Силмак од Тетово.

 

Инфраструктурата е главниот проблем

 

Источна Македонија скоро и да нема никаква патна и железничка инфраструктура. Има само една пруга од Велес до Кочани, од 70-тина километри, и таа е во многу лоша состојба. Има само десетина километри гасовод во Струмица и магистрална траса на гасоводот од кој малку користи Куманово, и тоа е се.

Во економијата е познат соодносот дека секој денар вложен во инфраструктура враќа три пати повеќе, вели Ивановски и додава дека бизнисите бараат евтини енергенси и брз проток на луѓе и стоки.

Оваа потреба за развој на инфраструктурата веќе одамна ја имаат лоцирано и од Центрите за развој на трите региони во источна Македонија.

M4034S-4211

Младен Протиќ

Младен Протиќ, раководител на Центарот за развој на Североисточниот (Кумановски) регион  вели дека е неопходно да се развива инфраструктурата.

„Во руралните средини кај нас скоро и да нема водоводна и канализациска инфраструктура. Кога ќе имаме добра инфраструктура, регионот ќе го препознаваат како добро место за инвестирање и ќе се отворат нови работни места, а со тоа ќе се изврши притисок за подигање на платите и на стандардот на граѓаните“, вели Протиќ.

Слични се барањата и визијата за развој и на Југоисточниот (Струмичкиот) регион. Таму, според Жулиета Ѓуркова, раководител на Центар за развој на југоисточниот плански регион, разликата помеѓу општините кои имаат развиена инфраструктура и тие што немаат е многу голема.

zulieta gurkova

Жулиета Ѓуркова

Инфраструктурата е основа и платформа за развој на сите останати економски фактори во еден регион. Најдобар пример за развој во мојот регион е Гевгелија. Таа има автопат, железничка пруга која го поврзува градот со Скопје и со Солунското пристаниште. Во оваа општина има најмала невработеност и највисоки плати“, вели Ѓуркова.

Таа додава дека секој инвеститор, прво го гледа поврзувањето на локацијата со транспортните коридори, преку патиштата, пругите, аеродромите и пристаништата.

 

 

 

Ослободување од даноци за побрз развој на регионите

Дополнителна мерка која може да го потикне развојот на економијата во неразвиените подрачја е и ослободувањето од даноците за неразвиените подрачја, со што би се насочиле инвеститорите и странските и домашните да инвестираат во тие региони.

Според Горан Стојановски, магистер на економски науки од Кочани, ваквата мерка ќе придонесе повеќе компании да инвестираат во источна Македонија.

„Доколку имаат одредени ослободувања во плаќањето на даноци во неразвиените подрачја, компаниите ќе префрлат дел од бизнисите во овие подрачја, па макар и фиктивно да им течат платите. Општината и другите институции ќе имаат полза од тоа“, вели Стојановски.

На слично мислење е и Глигор Ивановски.

„Една ваква мерка би значела потик за развојот на неразвиените региони, затоа треба да се размислува и за дислоцирање на одредени институции од Скопје, кон источна Македонија, доколку сакаме порамномерен развој“, вели Ивановски.

Тој додава дека поради атрактивноста сега дел од компаниите кои работат во источна Македонија имаат седиште во Скопје, а треба да биде обратно.

 

Регион: Македонија со најголем диспаритет на платите

Македонија има најголеми диспаритети во платите во однос на останатите земји во регионот. Кога ќе се подели просечната плата во регионот со највисоката плата и  со најниската плата ќе се добие процентуалниот диспаритет.

pita disparitet

Уредник: Стојанка Митреска

 

 

lefkov@yahoo.com