Денешна дата
27/05/2020

Нашиот Нерон

Нерон го запалил Рим за да му даде свој личен белег на вечниот град. Тоа е патолошка страст карактеристична за квази лидери со која тие ги лекуваат нивните хендикеп и фрустации, што произлегуваат од нивното убедување дека светлосни години се далеку од тоа што го извршуваат по некоја голема случајност. Во нормални услови, вакви водачи не би ги исполниле условите да бидат ниту хигиеничари во институциите што ги водат. Премерот не отстапува од антиката и од манијата за споменици, оти, меѓу другото, и неговиот ментален код припаѓа на тие времиња. Тој продолжува со спомениците како да е тоа основна грижа на државата. Изгледа посакува да стане фараон со многу робови. А фараон без пирамида не бидува. Не е добро Тутанкамон да има пирамида, а Никола не. И така, што и да прави наликува на пирамида – пирамидална администрација; пирамидално судство; пирамидално трошење; пирамидално задолжување; пирамидални проекти; пирамидален дефицит; пирамидални субвенции; пирамидална култура: пирамидална историја, пирамидално образование…

Целта е со помош на митологијата и на национализмот да се маскира криминалот, крадењето и бедата. Тоа полесно се прави кога измамите се воздигнати на ниво на високи идеали од водачи со полни џепови и со празен морал. Последниве десетина години, половина милион граѓани ја имаат напуштено Македонија. Секој мисли за надвор, освен спомениците. Само за нив рајот е тука. Што повеќе споменици толку помалку жители. Економистите велат дека со половина милијарда евра, колку што чини„Скопје 2014“, ќе се отвореа околу 50 илјади нови работни места (директни и индиректни). Многу луѓе ќе се спасеа од суровата беда. Сега власта се задолжува за уште половина милијарда со камата од 5,1% (а лаже дека тоа е 3,9%). Бидејќи досега има потрошено над 80% од предвидениот дефицит. Пијано расипништво.

Тоа е причината зошто ваквата власт наместо развој нуди омраза. Целта е да се маскира горката реалност во злоупотреба на јавните пари и организираниот криминал. Оттука, нелогично е да очекувате од ваквата власт да решава проблеми, оти самата е дел од проблемите. Тиене само што не ги решаваат туку создаваат нови. Да верувате дека ваков ментален код ќе прави нешто добро е исто како да верувате дека лисицата најдобро може да се грижи за вашите кокошки. Тие се дел од проблемите, а не и од решението. Цело време се користат со идеологијата на сатанизација кој завршува во пеколот. Нè тераат да играме танц со ѓаволот, а кој се фаќа во оро со ѓаволот, последно му е. Нашиот премиер продолжува да живее со својата чудна имагинација, која не само што е надвор од реалноста туку е и многу опасна. Никако да разбере дека државата не се води со логиката на маркетиншки агенции, чија цел е нивниот профит. Тие заработуваат од нашите предрасуди, заблуди, идиотизми и примитивизми. Во крајна линија, тоа резултира: со свој камен по своја глава.

Прекумерното конзумирање одглумен национален патриотизам од страна на премиерот, нè носи кон поделбата. Вртоглаво се урива чувството за изградба на заедничка држава која беше присутна меѓу 2002 и 2006 година. Политиката на етничка исклучивост, понижување и маргинализирање (како дневна политика), како и рестриктивното толкување и имплементирање на Охридскиот договор, направи јавното мнение да се развива кон спротивна насока. Кога кон ова се додава и екстремната партизација на секој сегмент, опасноста се мултиплицира. Сега луѓето се убедени дека мултиетничноста е пречка за развојoт. Сега си станавме заложници еден на друг. Тоа го добиваме од водачи кои веќе ги имаат приватизирано и државата и граѓаните. Премиерот сèуште е популарен поради национализмот. Да не беа Албанците, тој ќе требаше да се мери по успесите. Денес грам национализам може да амортизира илјадници тони неуспеси, манипулации и грабежи. Фингираниот судир на двата национализми, ги држи под залог нашите судбини. На луѓето како да не им е многу грижа дека да не беше блокирана евроинтеграцијата од страна на премиерот (членството се очекуваше да се случи во 2012 година), сега просечната плата кај нас ќе беше околу 700 евра, а невработеноста ќе беше заборавена. Но, ние продолжуваме да пловиме накај санта мраз, водени од заблудата дека бродот е посилен од мразот, како што ни е главата појака од ѕидот. Со таква политика од луѓето направивме сè друго освен нормални.

Опасно е да се игра со национализмот и со популизмот, оти тие се како едно гладно чудовиште коешто повеќе го хранат толку повеќе е гладно, за на крајот да го изеде и својот газда. Тие постојано се во потрага за свежи извори на омразата и на поделбите. Тие се постојано во потрага за нови можни дефекти во општеството, користејќи се со идиотски форми во име на високите идеали и на јавната хигиена. Едни сметат дека популизмот нема противник. Тој самиот себе си е противник. А нашиот Нерон го има запалено Скопје. И целата држава.

bilali@inbox7.mk