Денешна дата
04/04/2020

Власта ја задолжува државата со 670 милиони евра, a не со 500

Наспроти уверувањето на власта дека последното задолжување е со најниска каматна стапка во историјата, експерти повикуваат да се обелодени вистинската пресметка – дека секој граѓанин е задолжен за уште 340 евра

Владата, со издавањето на најновата еврообврзница го натовари секое семејство со по 1.000 денари месечно. Просечночетиричлено семејство треба да издвои 40 леба секој месец за да го исплати долгот од последната еврообврзница на Владата. За седум години секое македонско семејство ќе исплати по 1.400 евра, покажа пресметката на Инбокс7.

Експертите и граѓаните се сомневаат во оправданоста на задолжувањата што ги прави Владата и реагираат со оглед на тоа што сега секој граѓанин на Македонија ќе треба да издвои по 340 евра во наредните седум години.

Ефективната каматна стапка е 5,1%, а не 3,97%

По издавањето на еврообврзницата министрите и премиерот Никола Груевски се впуштија во мисија за оправдување на задолжувањето, со аргументи дека каматната стапка била многу ниска.

stavrevski zoran

Зоран Ставревски

Еврообврзницата е издадена по исклучително поволни услови и историски најниска каматна стапка што Македонија ја добила при издавање на една еврообврзница. Тоа претставува силен израз на доверба на инвеститорите кон Република Македонија и кон нејзините економски политики, како и кон состојбите и перспективите на земјава воопшто, изјави министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставревски.

Инбокс 7 побара од Министерството за финансии одговор на неколку прашања –

за висината на долгот, за каматните стапки и за намената на парите. Одговор не добивме

Според поранешниот гувернер на Народна банка и министер за финансии Петар Гошев, последното задолжување е само театар на јавна сцена.

Petar Gosev intervju slika

Петар Гошев

Владини функционери  глумат прослава Македонија направила големa работа што само со еден потег ги задолжила граѓаните не за 500, туку за над 670 милиони евра. Каматата наводнo била историски најниска,имало голема побарувачка и слични небулози наменети за непрофесионалната јавност. Ефективната камата изнесува 5,1 отсто.Владата требаше тоа да и го соопшти на јавноста. Кај државните обврзници најважно е по која цена ви го купуваат долгот. Важна е ефективната камата, а не само номиналната, во овој случај 3,9 отсто,, како што соопшти Владата и стави акцент само на тоа“, вели Гошев.

Дека не станува збор за ниска каматна стапка, како што тврди Владата, вели и  економскиот аналитичар и професор на Економскиот институт од Виена, Владимир Глигоров.

„Каматите (на светските пазари на капитал. нов. заб) сега сè пониски. Впрочем около 4 отсто колку што изнесува каматата за овој заем, во сегашни услови, не е ниско задолжување“, вели Глигоров.

 

Структура на долгот од последното задолжување на владата

Извор:  Анализа на Инбокс7

Кои се вистинските цели на задолжувањето?

Вицепремиерот Зоран Ставревски во своето образложение за целите на задолжувањето изјави:

Средствата ќе се користат за предфинансирање на буџетот за 2015 година, враќање на еврообврзницата издадена во 2005 година  во износ од 150 милиони евра, отплата кон Меѓународниот монетарен фонд за кредитната линија во висина од 115 милиони евра земена пред три години, како и за финансирање на голем број капитални објекти идната година“.

Финансиските експерти не се согласуваат ни со тврдењето на Владата, дека ниската каматна стапка е причина за задолжувањето. Аналитичарот Глигоров, се сомнева во вистинските цели на задолжувањето.

vladimir-gligorov

Владимир Глигоров

„Мислам дека станува збор за средства со кои делумно ќе се рефинансира акумулираниот долг, а делумно би требело да го покрие тековниот дефицит. Ми се чини дека по важно е прашањето дали парите се трошат на најдобар начин, посебно кога станува збор за инвестициите во непродуктивни цели“, вели Глигоров.

Гошев анализира дека наредната година Владата ќе треба да врати кредити од околу 700 милиони евра.

„И бидејќи секоја година своите популистички односно расипнички политики власта ги финансира со буџетскиот дефицит од над 300 милиони евра, тоа значи дека идната година на владата и се потребни барем една милијарда евра повеќе од тоа што може да го собере од даноците. За да опстојува на власт, таа една милијарда евра и е потребна на владата на Груевски како кислород, во спротивно, целата кула од карти која последниве години ја гради, би паднала веднаш. Затоа тие  трчаат по светот да ги соберат пари. Долгот се ѕида на неодржливо ниво, без оглед на приказните дека ние сме ниско или средно задолжена земја“, додава Гошев.

 

lefkov@yahoo.com