Денешна дата
04/04/2020

Меѓуетнички односи: потенцијална опасност или лажен аларм

Астрид Торс, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства, вели дека тенденциите кон поделба и понатаму се консолидираат. На иста линија е и претседателот на АДИ, Алберт Муслиу. Од друга страна, директорот на МЦМС Александар Кржаловски оценува дека ситуацијата не е алармантна, како што се прикажува, додека пратеникот на владејачката ДУИ, Џеват Адеми, ја обвинува Владата

Ко-автор: Ениса Бајрами

 

Протести, контра-протести, тепачки меѓу млади и поделено општество на национална и верска основа. Ова го нотираат странските наблудувачи при нивното известување за стабилноста на земјата и нејзините перспективи. Меѓуетничките односи повторно се враќаат во агендата. Се алармира дека влошените меѓуетнички односи и поделеното општество се опасни тенденции. Дали Македонија се движи во погрешен правец?

 

Поделени општества и инциденти

 

Астрид Торс: Tенденциите кон поделба и понатаму се консолидираат

Астрид Торс: Tенденциите кон поделба и понатаму се консолидираат

Астрид Торс, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства, вели дека тенденциите кон поделба и понатаму се консолидираат,  и инцидентите добиваат меѓуетнички аспект. На почетокот на овој месец таа известуваше пред постојаниот Совет на ОБСЕ во Виена, откако во месец јуни се сретна со политичкото раководство во земјата, а во фокусот била етничката поларизација на општеството.

„Адресирањето на овие инциденти само како безбедносно прашање, едноставно е недоволно. Иако ова е во голема мерка прифатено од политичкото раководство, сепак нема договор како да се решат овие прашања. Ја повикав Владата да го искористи нејзиниот обновен мандат за да работи во насока на дијалогот и соработката во целокупниот етно-политички спектар. Ова е предуслов за градење на политичкиот консензус“, вели Торс.

Според неа, дијалогот и меѓуетничката соработка ќе го овозможат очекуваното разгледување на 13- годишното имплементирање на Охридскиот рамковен договор за подобро информирање на наредните политики.

„Го примив со одобрување фактот дека приоритет на Владата е образованието. Се надевам дека политичката посветеност од двата коалициски партнери ќе има позитивен ефект во меѓуетничките односи во училиштата“, вели таа.

Торс нагласува дека е уверена во напорите на учителите и родителите, комбинирани со посветеноста на организациите како што е Центарот за дијалог Ненсен- Скопје, кои довеле до поголема интеграција во училиштата.

Но, додава Торс, „овие напори не можат да бидат целосно ефикасни ако тие останат само изолирани иницијативи“. Според неа, посветеноста на владино ниво е клучна за постигнување пошироко влијание.

„Јас се надевам дека целите на Стратегијата за интегрирано образование за 2010 година ќе се вратат повторно во политичката агенда“, вели Торс.

Aлберт Муслиу: Пораките од последниот извештај на ОБСЕ се основани и се одраз на реалноста во Македонија

Aлберт Муслиу: Пораките од последниот извештај на ОБСЕ се основани и се одраз на реалноста во Македонија

Aлберт Муслиу, претседател на невладината организација АДИ, вели дека пораките од последниот извештај на ОБСЕ се основани и се одраз на реалноста во Македонија.

„Веќе подолг период тука се развиваат две паралелни општества. Недостасува визија за заедничко општество во Македонија. Секогаш недостасувало и ова се одразува и во секојдневниот живот. Затоа и секој најмал инцидент има тенденција на претворање во поголем конфликт. Во овој контекст нема ништо што не се одразува врз нашата реалност“, вели Муслиу.

 

Кржаловски: Бројките покажуваат подобри меѓуетнички односи

 

Директорот на невладината организација Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски, вели дека ситуацијата со меѓуетничките односи не е толку алармантна.

Според него, кога се прават вакви анализи треба да се прават внимателно и истите да не се поврзани со изолирани случаи.

„Мене малку му пречи кога од секоја ситуација или од секој инцидент што се случува, како оној од пред некоја недела за „Монструм“ се прави фама дека сега сме на работ на војна. Јас, сепак се држам до нашите истражувања кои покажуваат една тенденција дека од 2001 година има подобрување на етничките односи во Македонија“, вели Кржаловски.

Тој признава дека тие не се идеални, но подвлекува дека „не може да се каже дека се многу лоши, па ниту лоши“.

Александар Кржаловски: Ситуацијата со меѓуетничките односи не е толку алармантна

Александар Кржаловски: Ситуацијата со меѓуетничките односи не е толку алармантна

„Во последните наши бројки што ги имаме од истражувањата повеќе граѓани рекле дека односите се добри отколку лоши. На прашањето дали меѓуетничките односи се подобрени од пред пет години 50 отсто рекле дека се подобри, а само 12 отсто дека се полоши. Исто така на  индиректни истражувања како она за дискриминација, партиската поделеност е многу поголем проблем отколку етничката. Дискриминација по партиска основа сметаат дека има 78 отсто од граѓаните, а само 51 отсто, што не е малку, сметаат дека има дискриминација по етничка основа. Тоа е намалување од претходното истражување од пред две години.  Добар индикатор е тоа што на прашање кого би сакале или не би сакале за сосед нема веќе некоја нетолеранција кон луѓе од друга етничка или религиска припадност“, вели Кржаловски.

Според него, овие бројки се клучни за подобрување на меѓусебниот дијалог и толеранцијата.

„Нашите напори во последните години се подобрување на меѓусебниот дијалог и толеранција на човечко ниво. Запознавање едни со други. Придонес за тоа има и заедничкото славење на празниците како што е празникот Бајрам. Тоа придонесе за подобро разбирање  на другата заедница, за олеснување на комуникацијата и за поголема толеранција меѓу нас“, вели Кржаловски.

Џеват Адеми: Меѓуетничките односи во земјава се многу полоши од минатото. Сето тоа е по вина на Владата

Џеват Адеми: Меѓуетничките односи во земјава се многу полоши од минатото. Сето тоа е по вина на Владата

Пратеникот на владејачката партија ДУИ и поранешен претседател на собранискиот Комитет за односи со заедниците Џевад Адеми не беше многу расположен да зборува на оваа тема. Тој за Инбокс7 кусо изјави дека, во поглед на градењето и одржувањето на меѓуетничките односи, Македонија оди во погрешен правец.

„Меѓуетничките односи во земјава се многу полоши од минатото. Сето тоа е по вина на Владата“, кусо одговори Адеми.

Антонио Милошоски, потпретседател на Собранието неодамна во интервју за Инбокс 7 анализираќи ја актуелната состојба на меѓуетнички план изјави дека Охридскиот рамковен договор и по 13 години од неговото потпишување има се уште две читања и исто толку толкувања:

Антонио Милошоски: И политичка и општествена зрелост кај секој чинител во РМ дека злоупотребата на меѓуетничките односни е лесна, но последиците можат да бидат тешки

Антонио Милошоски: И политичка и општествена зрелост кај секој чинител во РМ дека злоупотребата на меѓуетничките односни е лесна, но последиците можат да бидат тешки

„Секој гледа низ своја призма на овој договор кој што според мене веќе е преточен во уставните и законските норми. Но, одредени политичари од албанската заедница, гледам преку нивниот начин на читање на договорот, бараат негово проширување или барем екстензивно го толкуваат. Од друга страна, кај македонските политичари преовладува стојалиштето дека повеќе се дало по однос на договорот и правата отколку што се добило за возврат. И станува јасно дека оваа тема нема да исчезне од македонскиот јавен простор во следните 50 години, ќе треба само да ги развиваме капацитетите за нејзино добро управување со поголема внимателност и сериозност. И политичка и општествена зрелост кај секој чинител во РМ дека злоупотребата на меѓуетничките односни е лесна, но последиците можат да бидат тешки“, изјави Милошоски потсетуваќи на настаните по убиството кај Смиљковското езеро, со порака дека решавањето на ваквите случаи мора да биде во институциите.

Од осамостојувањето па се до овој момент, добрите меѓуетнички односи беа голем предизвик за Македонија. Последните инциденти пак ја вратија оваа тема во агендата на приоритетите на земјава.

 

 

opetceska@inbox7.mk