Денешна дата
14/10/2019

Жешка есен

Посредникот Нимиц, поаѓа од Њујорк со вреќа полн оптимизам, но на враќање вреќата му се наполни со песимизам. Страните во спорот не понудија решение туку само волја. Груевски како секогаш, вината ја бара кај некој друг. Тој ќе изјави: „Не гледам некој сериозен сигнал од другата страна што ќе покаже дека има некоја промена. Според информациите што ги имаме, тие се фокусирани во внатрешните проблеми и не се занимаваат со овој проблем. Нимиц ќе има тешка задача.Се надевам во блиска иднина ќе има повеќе успех“.

Премиерот и неговиот оркестар составен од многу труби, сега на јавноста како да сакаат да ѝ наметнат мнение дека ние сме подготвени за изнаоѓање решение, но Грците се тие кои не сакаат. Е од инает на Грците, сега ние сакаме да се реши проблемот. Ќе пукнат Грците ако изнајдеме решение! И тука секој што нема меморија на идиот, слободно ќе треба да праша:- Дали е овој истиот човек кој со години кажуваше дека не доаѓа предвид промена на името, па дури кога би се организирал референдум за името тој ќе гласал против?! Дали е тој истиот што ја напаѓаше Европа нарекувајќи ја непринципиелна, уценувачка и потценувачка?! Кога тој бил искрен тогаш или сега? Изгледа не знаел дека кога подготвуваме отров, тој најпрвин нас самите ќе не отруе.

Сега Грците се тие кои не се преокупираат со таков проблем. Имале други проблеми. Но, што му требаше на Груевскисо доаѓањето на власт, без ниеднапричина да ги испровоцира Грците со антиката, иако тие немало да прават никаква пречка во однос на нашето интегрирање во ЕУ и во НАТО?! На ваквото прашање, кога и да е, тој ќе мора да даде разумен одговор (ако воопшто има таков). Да викаш „иш“и таму кај што нема кокошки е прашање кое заслужува испитување. Но, тој изгледаше како да сака да не брани од сите лошотии, освен од самиот себе. Сега за решение се и некои приватни аналитичари на премиерот. И Никовски, кој цело време како рефрен трубеше дека ни буква од името не смееме да смениме оти ќе не снема како народ, сега е за решение, ама Грците не сакале дури и кога ние би се согласиле со „ерга омнес!!!“

Кога и да е, кога приватните и јавните телевизии ќе престанат и нивните банални програмски елементи да ги прикажуваат со бојата на ВМРО, ќе треба да се даде одговор на повеќе прашања, меѓу кои и кој и за каква цел го минирашеевроатлантскиот процес, со што нè доведе до врвот на светската мизерија?! Да не се постапело така, денес Македонија ќе беше полноправна членка на ЕУ (од 2012 година), со сериозна развојна динамика, со просечна плата над 700 евра и со невработеност блиску до нула. Сега јавниот долг е дуплиран (од две на четири милијарди евра), а ние сме двојно посиромашни. Двојно позагубени и дезорганизирани. Каде ли завршија толкави пари?!? Сега како да се посакува таквата хаварија да се покрива со судски политички процеси и со драконски казни на протестанти за кои нормалните судови казнуваат парично. Само фашистичките диктатури настојуваат да владеат со помош на стравот. А фактично тоа претставува само долевање бензин во оганот. Како што изгледа, без оглед на тоа дали ќе се најде решение за името, есенва ќе биде многу жешко, дури многу пожешко од летото, а некои можеби ќе изгорат.

Некако немаат многу среќа балканските премиери. Од Хрватска, Словенија, можеби наскоро од Косово. Ние сме блиски соседи. Којзнае, можеби ќе се ослободиме од некои водачи кои само по грешка можат да направат нешто добро.Одамна помина времето кога требаше да сфатиме дека треба да бидеме во хармонија со нашите реални потреби, а не на личните потреби на водачите кои цело време не лажеа за нивно добро. За жал, ваквото неодговорно менаџирање направи дури да го загубиме природниот елементарен инстинкт – да го разликуваме доброто од лошото.

 

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk