Денешна дата
12/11/2019

Придонеси за хонорарците: Кој ќе се офајди, а кој ќе плати?

Предложеното законско решение за хонорарите најмногу се однесува на новинарите и на административците. Првите коментари и анализи велат дека овој закон нема да ги реши дупките во социјалните фондови, ниту пак ќе помогне во решавањето на проблемот со невработеноста

Недоречености, прашалници, критики, ова се атрибутите што го „красат“ новиот закон за задолжително социјално осигурување или познат како закон со кој се воведува плаќање на придонеси за хонорари.

Според проценките на експертите со него ќе бидат опфатени многу мал број граѓани во државната администрација и новинарската фела и дека вој закон е одлична можност партиските кадри кои се ангажирани во администрацијата да бидат осигурани. Најмногу вакви кадри има во министерствата, во јавните претпријатија и во фондовите.

Работничка во една државна институција се надева дека, конечно, нејзиниот статус ќе биде решен.

Работам осум години по договор на дело во државна институција. Секој месец потпишувам договор со работодавачот. Земам 20.000 денари хонорар, немам ниту ден стаж. Со овој закон јас ги исполнувам условите да имам пензиско и здравствено осигурување“, вели нашата соговорничка.

Таа додава дека нејзината судбина само во институцијата во која работи ја делат повеќе од 100 луѓе.

Ваквата пракса според економскиот аналитичар Глигор Ивановски е незаконска, бидејќи договор на дело се користи како форма за еднократна услуга, како за плаќање на некој молер да ги вароса просториите или некој да го промени покривот , а не за вработени, кои со години ќе бидат плаќани од таа сметка.

Овој начин на работа на администрацијата е забранет во работното законодавство, сепак голем дел од државните институции и јавни претпријатија го злоупотребуваат законот на некој начин“, вели Ивановски.

Тој додава дека ако дојде инспекција во приватна фирма и на истиот начин затекне вработени со договор на дело, казната за компанијата може да биде и до 11.000 евра.

Инбокс 7 побара одговори од Министерството за труд и социјална политика и од Управата за јавни приходи, колкав е бројот на хонорарци и за колкави пари се работи, но одговор од нив не добивме.

Кој ќе се офајди?

 

Проценките на експертите се дека мал број граѓани ќе се офајдат од овој закон, во реалниот сектор. Хонорарните новинари во медиумите се на пат да го решат овој проблем. Но, сепак мислењата помеѓу оние кои живеат од хонорари се поделени.

Мојот работен век го започнав како практикант, потоа одреден период бев хонорарец за подоцна да добијам статус на вработен. Но, откако се затвори мојата фирма, јас морав да барам помош кај познаници и блиски кои имаат фирми за преку нив да си ги плаќам придонесите, затоа што ретко кој во денешно време те вработува. Сега работам како хонорарец и приходот ми варира од месец на месец. Се плашам дека фирмата за која што работам ќе ми го намали хонорарот за да префрли пари во фондовите. Ова за мене е оданочување на хонорарците, ова не е вработување, вели хонорарно ангажирана новинарка во еден македонски медиум.

Позитивни очекувања, пак, има Игор Л. кој исто така работи во медиум.

Работам осум години како хонорарец и земам 16.000 денари плата. Дел од моите најблиски работат во фирмата и не смеам да барам од газдата да ме осигура, за да не го налутам. Сега со овие измени, јас практично ќе бидам осигуран и ќе имам здравствено осигурување. Нема да се тресам кога ќе се разболам“, вели Игор.

Начелна поддршка за законот има и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Во принцип, заложбата на синдикатот е дека на сите новинари, кои работат во редакциите со хонорарни договори, а чии обврски се еднакви (некогаш дури и поголеми) од оние на постојано вработените, да им се исплаќаат придонесите во пензискиот и во здравствениот фонд, со што ќе добијат барем минимална сигурност во својот работен век“, вели Ѕвездан Георгиевски, член на Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Тој додава дека луѓето што колоквијално ги нарекуваме „паушалци“ се кредитно неспособни, немаат гарантиран годишен одмор, осумчасовно работно време, празнични дневници итн., па навистина би било во ред барем здравствено да се осигурани и да им тече работниот стаж. Од друга страна, оваа придобивка никако не смее да биде на штета на нивните мизерни примања.

Нелогичности и недоречености

Нелогичности во законот засега има многу

Нелогичности во законот засега има многу

Нелогичности во законот засега има многу. Глигор Ивановски, очекува најмалку пет до шест измени на овој закон додека тој да стапи на сила.

Недоречености има, ако на пример едно лице е вработено и плаќа пензиско и здравствено осигурување и ако изработи нешто дополнително, ќе добие хонорар за тоа и на тие пари ќе плати придонес за здравство“, вели Ивановски.

Друга нелогичност има кај странските консултанти. Тие земаат огромни хонорари од нашите компании. Проблемот кај нив е што тие не се вработени во Македонија, не се македонски државјани и на таков корисник на хонорар не можеш да му наплатиш придонес за здравство. Мора нешто да се смени во законот за да се отвори и таква можност, додава Ивановски.

Според Ѕвездан Георгиевски, нелогично е месечното одредување на придонесите.

Може да се случи шест месеци да не добиете ни денар, а само во неколку дена да заработите илјада евра. Колкав стаж ќе ви се смета тогаш? За неколку дена, за еден месец или…?“, вели Георгиевски и потенцира дека се’ уште, за жал, постојат многу нејаснотии и никој од предлагачите на законот не излезе во јавноста посериозно да ги образложи овие промени.

За поранешниот пак, заменик-министер за економија Зоран Витанов воведувањето придонеси за хонорарци во еден дел е неуставно.

Нашата јавност можеби не знае дека Фондот за здравствено осигурување дневно троши по 1.000.000 евра. На само два милиони луѓе, еден милион евра е премногу. Ние треба да бидеме најздравата нација на планетава. Околу две третини од населението е здраво и со години не ги користи услугите на Фондот за здравство. Јас се прашувам како може за 600.000 луѓе да се трошат 1.000.000 евра дневно и 95 отсто од луѓето да бидат незадоволни од услугите. Тоа зборува дека имаме истекување на парите од Фондот за здравствено осигурување. Тоа зборува дека парите не завршуваат кај пациентите. Тоа зборува дека во Фондот владее бела мафија. Ние земаме од тие што чесно си го заработуваат лебот за да ја храниме белата мафија“, коментира Витанов.

Тој сакајќи попластично да објасни, прави споредба со ситуација кога во стан има пукната цевка од која истекува вода. И наместо, како што споредува, да ја санирате цевката да не тече вода од нејзе, вие барате од комуналното претпријатие да ви достави уште повеќе вода. И на крајот ќе се поплавите, па и може да се удавите во таа вода, вели Витанов.

Законско решение по барање на хонорарците

 

Според владата, идеја –водилка за вакво законско решение им биле барањата на луѓе кои работат хонорарно, а немаат ниту еден ден стаж

Според владата, идеја –водилка за вакво законско решение им биле барањата на луѓе кои работат хонорарно, а немаат ниту еден ден стаж

Според премиерот Никола Груевски, идеја –водилка за вакво законско решение им биле барањата на луѓе кои работат хонорарно, а немаат ниту еден ден стаж.

Во минатиот период забележавме и имавме поплаки од многу луѓе дека тие не добиваат вработување на определено време само со цел сопствениците на компаниите да го избегнат плаќањето на придонесите. Од друга страна, проверивме како е низ другите земји во Европа и констатиравме дека околу 95 проценти од земјите имаме ситуација во која се плаќаат придонеси на хонорарците“ смета Груевски.

Премиерот очекува, со ова законско решение, да се намали бројот на работодавачи кои ќе го избегнат плаќањето на придонеси.

Сличен став има и Ивановски.

Со овој закон државата сака да стави поголем ред во вработувањата. Наместо да држи некој како хонорарец, фирмата ќе го пријави бидејќи исти ќе бидат придонесите и за хонорарец и за вработен“, вели Ивановски.

Но додава дека треба уште многу да се работи и да се интервенира во законот.

За Зоран Витанов, овој закон се однесува на многу малку граѓани, има популистички карактер и нема системски да ги решава проблемите. Најголеми корисници на бенефициите од законот сепак ќе бидат административците и новинарите.

Овој пристап, со вакви закони е премногу шминкерски. Ние сакаме да варосаме само во станот, иако на нашиот стан му треба реновирање. Не гледаме на работите системски. Во нашите глави не сме архитекти, ние сме молери. Многу е опасно ако во државата, не води молер, а не архитект“, вели Витанов.

lefkov@yahoo.com