Денешна дата
14/10/2019

Дејан Рунтевски, Агенција за храна: Листеријата е насекаде, но храната е безбедна

Нема да има одговорност кај инспекциските служби затоа што тие реагираа соодветно, вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, по смртта на четворица луѓе, заразени со бактеријата листерија. Тој тврди дека храната во Македонија е безбедна, но препорачува строго придржување до хигиенските правила и навики

Колку е безбедна храната што ја произведуваат македонските производители, но и онаа што се увезува во Македонија?

Рунтевски: Храната што се произведува и што се увезува во Македонија генерално е безбедна. на Агенцијата за храна и ветеринарство ( АХВ) во рамките на своите надлежности си ги врши секојдневните инспекциски контроли на граничните премини, во внатрешноста,  односно во прометот. Фактот што во овие изминати неколку години не сме имале посериозни инциденти доволно зборува дека храната во Македонија е безбедна.

 

Афлатоксин во млекото, продажбата на риба панга од Виетнам, скандал со коњското месо во Европа од минатата година, последните поплави на Балканот и загадена вода, болни животни. Сето тоа се опасности што веројатно и нас не̒ демнат секојдневно?

Рунтевски: Сите овие случаи не се однесуваат на Македонија. Кризата со афлатоксинот излезе некаде на друго место во регионот, во Србија и Хрватска. Ние тогаш докажавме дека тука, нашите производители не беа погодени од афлатоксинот, односно во производите на нашата млечна индустрија немаше утврдено присуство на афлатоксин, така што нашата индустрија гарантираме дека е безбедна во тој дел. Околу рибата панга не знам зошто се кренала некоја паника бидејќи тоа е риба што се продава насекаде во Европа. Таа не е забранета. Тоа е резултат не некои шпекулации по социјалните мрежи дека некој производ е ваков или таков, а кои што не се поткрепени со реални резултати. Коњското месо беше пример на класична измама на потрошувачите. Тука не стануваше збор за безбедносен аспект, туку за квалитет. Им се подметнуваше нешто што го нема во производите и такви производи немаше во Македонија. Од сите овие набројани работи, потрошувачите во Македонија не беа погодени.

 

Деновиве на големо се зборува за листеријата, па може ли да ни кажете што е всушност листерија?

Рунтевски: Листеријата може да биде смртоносна само кај луѓе со нарушен имунитет, стари луѓе, кај бремени жени може да предизвика проблем кај плодот. Овие ризични групи на луѓе треба да бидат повнимателни. Инаку листеријата ја има насекаде. Ја има во воздухот, во клима уредите, во овошјето, ја има во зеленчукот, во солта. Тоа е бактерија која што е присутна насекаде околу нас. Околу десет до петнаесет отсто од луѓето ја носат бактеријата листерија во себе и тоа не е нешто ново што се појавува. Добро е што бактеријата е доста лабилна и на седумдесет степени Целзиусови се доволни две минути за бактеријата целосно да се уништи. Оттука и тие препораки луѓето добро термички да ја обработат храната пред да ја конзумираат, како и хигиенските навики за миење на овошјето и на зеленчукот пред конзумирањето.

Институтот за јавно здравје уште во мај месец предупреди дека нешто чудно се случува со листеријата. Дали можеше да бидат избегнати последиците од неа?

 

Рунтевски: Не знам од каде ви е таквата информација, меѓутоа такво нешто немало. Агенцијата за храна и ветеринарство воопшто не е известена за појавата на листеријата кај луѓето се̒ до средината на јули кога сите случаи беа ефектуирани. Единствено агенцијата беше информирана за еден случај во 2013 година и еден случај во 2014 година. Тоа се случаи кои се резултат на контролите на агенцијата. Во првиот случај станува збор за готова салата подготвена во еден угостителски објект во Скопје. Вториот случај е од лани во Куманово и станува збор за обвивка од црева.

 

Постои ли уште опасност од ширење на заразата со листерија, но и други заразни болести предизвикани од неисправна храна?

Рунтевски: Тоа ќе треба дополнително да се утврди. Кај несреќните случаи кои завршија трагично ќе треба да се утврди кога се примени, како се примени, како се третирани, дали е веднаш пристапено кон третманот за да се утврди дали тоа можело да се спречи за да не ескалира понатака. Опасноста од листеријата постои секогаш. Ние донесовме вондредно решение за задолжително испитување на производите од животинско потекло пред нивното пуштање во промет. Тоа значи дека производите што сега се пуштаат во промет мора да имаат доказ дека во нив нема присуство на бактеријата листерија. Иако се уште нема докази дека одредени индустрии како што се месната и млечната индустрија се поврзани со овие случаи ние сепак ја донесовме оваа мерка за да бидеме сигурни дека тој сегмент е целосно затворен. Ова од причина што се работи за производи кои се приемчиви на присуство на оваа бактерија и кои што се широко распространети во секојдневната исхрана кај населението.

 

И сами рековте дека бактериите се секаде околу нас, па и во нас. Ако е така и ако не може да се спречи нивното постоење, тогаш кој е најдобар начин да се контролираат?

Рунтевски: Ако зборуваме за производствените погони единствен начин на контрола се редовните хигиенски процедури кај операторите со храна. Тоа значи редовно миење, чистење и дезинфицирање на погоните, редовно испраќање на мостри согласно HACCP плановите што секоја компанија ги има. Кај луѓето пак, задржувањето на редовните хигиенски навики при козумирањето на храната. Тоа се основните работи што треба да ги направат луѓето или операторите за да се спречи ширењето односно заразата од листеријата, но и од другите бактерии како што се салмонелата, ешерихија коли и други слични.

 

Експертите велат дека 100 колонии на еден грам храна е дозволиво количество на една бактерија што може да ја има.  Но Вие во законските измени предвидувате нулта толеранција.  Зошто се менува законот?

Рунтевски: Ние во Македонија го имаме европскиот пристап во тој дел и нашата регулатива е целосно усогласена со европската. Таа, во одредени производи ја дозволува листеријата во време на рокот на траење на производот. Ова во европската регулатива е дозволено затоа што се смета дека тоа е количество кое што нема некое големо влијание врз здравјето и безбедноста на луѓето. Другиот пристап е оној во Соединетите американски држави каде што има нулта толеранција на листеријата, а по епидемијата што се случи таму. Во консултација со Министерството за здравство ние решивме да одиме со пристапот на нулта толеранција. Нема некоја поголема причина за тоа, но ете сакаме и тој сегмент да го затвориме.

 

Како ги контролирате македонските производители на храна во исполнувањето на светските стандарди, она што всушност и сега го споменавте?

Рунтевски: Примарната одговорност за безбедноста на храната е кај операторот со храна. Секој оператор со храна, во зависност од тоа што, колку и како произведува има обврска да предвиди соодветни контроли, да предвиди соодветен палан на мострирање на своите производи. Тоа се прави врз основа на одредени анализа на ризик. Постојат одредени формули кои што  се секаде прифатени. На тој начин функционира било кој систем за контрола на храната. Во исто време Агенцијата за храна и ветеринарство го контролира спроведувањето на тие планови. Тоа значи дека кога се оди во контрола се проверува дали на операторот му се соодветно поставени критериумите, дали планот за мострирање одговара на видот и на типот на производството и дали операторот редовно се придржува на тој план. Обврска на операторот е доколку се утврди одредена несообразност веднаш да реагира. Ако производот е во промет веднаш да го повлече и да го уништи или термички соодветно да го третира, но и  да ги преземе сите мерки како што се миење, чистење и се̒ друго што следува за да се осигура дека такво нешто нема да се повтори во иднина.

 

Дали токму тука треба да се направат законски измени?

Рунтевски: Единствен сегмент каде што можеби треба зајакнување е задолжителното известување од страна на лабараториите до агенцијата, доколку се утврди некаква позитивна мостра кај некој оператор. Ние го увидовме тоа и работиме на измените. До сега системот беше за редовните конторли или оние од граница што агенцијата ги испраќа да се добие известување од лабараторијата и тоа функционира. Меѓутоа, за приватните мостри во рамките на HACCP системот, лабараториите ги известуваа операторите, а тие ги преземаа мерките. Ние само го контролиравме исполнувањето. Со измените, сега, штом нешто ќе биде сигнализирано во лабараторијата тоа веднаш ќе стигне и во агенцијата. Тоа ќе биде плус контрола во насока на она што го споменавте.

 

Неколку пати споменавте дека случаите на листеријата во храната се под просекот, а поплаките на граѓаните што пристигнуваат тука, во Вашата агенција се околу просекот. Но, и еден човечки живот е многу. Кој ќе ја понесе одговорноста за случајот со листеријата?

Рунтевски: Да не заборавиме дека се уште не се знае причинителот за листеријата и неговата поврзаност со случаите. Вие може да најдете листерија во погоните и тоа не е спорно, можете да ја најдете и на пазарите. Неа ја има насекаде. Треба да се види дали овие последици кај луѓето се поврзани со конзумација на одреден производ. Доколу се докаже дека причината за смртта кај луѓето е конзумација на одреден производ тогаш нормално истрагата ќе биде насочена кон операторот што го пуштил во промет тој производ. Кога ќе се докаже поврзаноста со причината тогаш, нормално ќе бараме одговорност од операторот доколку се работи за него.

 

Дали ќе има одговорност во Вашите редови, во инспекцискиот надзор, во Агенцијата за храна и ветеринарство?

Рунтевски: Не. Инспекциските служби не затаиле бидејќи од сето она што беше доставено како информација до агенцијата, е реагирано соодветно. Фирмите си ги исполнуваа плановите, праќаат мостри на анализа, така што системот, таков каков што е, функционира. Ова не е систем кој што ние сме го измислиле, туку е принцип на работа по кој што работат сите надлежни органи во делот на безбедноста на храната во Европа.

opetceska@inbox7.mk