Денешна дата
14/10/2019

Откриен изворот на листеријата

Агенцијата за храна и ветеринарство пред малку соопшти дека пронашле бактерија листерија во сецкан свински врат на кумановската фирма „Екстра меин“

Агенцијата спроведуваше истрага по неколкуте смртни случаи за што зборуваше нејзиниот директор Дејан Рунтевски во интервју за Инбокс7.

Соопштението на Агенцијата ви го пренесуваме во целост.

„Во врска со добиеното известување од Министерството за здравство за детектирано присуство на Listeria monocytogenes во производ сецкан свински врат на месната индустрија „Екстра меин“ од Куманово, Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш ги презеде соодветните законски мерки, при што во текот на вчерашниот ден, од пазарот се повлечени производите од спорната серија, запрено е производството во оваа месна индустрија, земени се мостри од суровините, од работните површини, машините и од сите оние делови каде што евентуално може да се најде Listeria monocytogenes, за да се изврши споредување со изолатите земени од заболените лица.

Во исто време, Агенцијата за храна и ветеринарство им препорачува на граѓаните да не го консумираат производот сецкан свински врат од лотовите 07632 и 07633, со рок на употреба 21.07.2014 до 04.09.2014 година.

Врз основа на добиените резултати, кои се насока за детектирање на изворот на Listeria monocytogenes, од страна на надлежните институции се вршат дополнителни испитувања.

Што се однесува до другите производи од млечната и месната индустрија,  операторите со храна од животинско потекло, од 30.07.2014 година, согласно извршеното надополнување на годишната Наредба за извршување на ветеринарните мерки и контроли за заштита на јавното здравство од контаминенти или резидуи кои се пренесуваат од животните или производите од животинско потекло, како дел од дополнителните превентивни мерки за превенција, намалување и елиминирање на ризикот од листерија, вршат задолжително лабораториско испитување на сите лотови од производите од животинско потекло кои се опфатени со Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна (“Службен весник на Република Македонија” бр. 100/14), за утврдување на евентуално присуство на бактеријата Listeria monocytogenes. Производите не се ставаат во промет се додека не се добие задоволителен лабораториски наод“.

Реакција на компанијата „Екстра меин“:

Сите производи, вклучително и сецканиот свински врат, се термички третирани, на температура од 73 до 79 Целзиусови степени, што значи загарантирано се уништува бактеријата листерија, се вели во одговорот на компанијата Екстра меин од Куманово, изјавиле од оваа компанија за НОВА ТВ.

Од компанијата тврдат дека од почетокот на годинава, според редовниот план за мострирање, земени се 158 мостри од производи и 112 брисови (69 од машини и работни површини и 43 од работници). Сите добиени резултати се нагативни на присуство на каква било бактерија.

”Не е можно од нашата компанија да излезе термички необработен производ. Сите производи, вклучително и сецканиот свински врат, се термички третирани, на температура од 73 до 79 Целзиусови степени, што загарнатирано ја уништува бактеријата листерија.. Дополнително, компанијата подлежи на константни контроли на квалитетот на производите и го има имплементирано и спроведува HACCP системот за контрола на квалитет. Поседуваме редовен план за мостирање на готов производ, согласно со законските прописи, редовен план за земање на брисеви, како и сопствен систем за контрола со помош на уред кој детектира присуство на органска материја. Трите вонредни контроли во нашата фабрика во изминатите десет дена од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за здравство на целокупната HACCP документација и хигиенотехничките норми во објектот не покажаа никакви неправилности. Сите земени брисови и мостри од Екстра Меин се негативни.” – изјавија од компанијата, од каде што и најавија дека ќе побараат суперанализа од Агенцијата за храна и ветеринарство за наведениот производ, во реномирана светска институција, како на изолат, така и на типизација.

Менаџментот на Екстра Меин посочува и на фактот дека мострата со бактеријата е пронајдена во производите во малопродажен објект, за кој компанијата не може да гарантира на кој начин биле чувани производите, дали била можна девакумација на истите и дали во тој случај тие дошле во контакт со други производи кои ја содржеле бактеријата.

”Ние како компанија ќе ги почитуваме препораките на АХВ и Министерството за здравство и активно ќе соработуваме со нив се до откривање на вистинскиот причинител на болеста. Стоиме на располагање на сите заинтересирани страни да им дадеме увид во комплетната документација, се со цел да се уверат во транспарентното работење на нашата компанија”, додаваат од Екстра Меин.

Запрени се погоните за производство на сувомеснати производи, а од маркетите се повлечени производите на оваа компанија. Продавницата на Екстра меин во Куманово е исто така затворена.