Денешна дата
21/09/2020

ГРУЕВСКИ… ЛИЦЕМЕРНО Е!!! (Меѓународна берза 6)

Кој образ си го мазнеше македонскиот Премиер, седнат зад британското кралско семејство, зад претседателите, германскиот Гаук и францускиот Оланд?

Груевски се најде на „селебрити“ настан што беше дел од уште една манифестација за големо помирување на традиционалните непријатели Германија и Франција, кои со Моне и со Шуман, станаа Унија на нови вредности? Мислите дека е лесно да се заборават над 50 милиони жртви во безмилосните три децении перманентна светска војна? Во меморијалните мигови беа и шкотски Глазгов и француски Монс, со тамошните гробишта во Сент Симфориен, како заеднички паметник на загинатите 230 илјади француски и 285 илјади германски војници, 1914-1918 година.

Гледам и промислувам, во кадрите од Лиеж, Груевски го држеше својот десен образ – европскиот. Доколку од таа страна го фокусирал својот поглед, тогаш шефот на македонската Влада седел во вистинско друштво и на вистинско место, иако неговата патриотска титула морала да ја издржи референцата ФИРОМ. На средбата на историите, тој тргна со политички профил на голем патриот и воинствен бранител на македонскиот идентитет. На 2 август за лицемерни ги прогласи наследниците на Аденауер, на Де Гол, на Черчил, зашто: „Да се признае јавно за некои од нив дека треба да се преговара за името и за идентитетот, во ситуација кога се негира нечиј идентитет, е рамно на бришење на една нација!“

Гордо и државнички, во Пелинце, беше гласен големиот Премиер на мала Македонија, иако по само еден месец канцеларката Меркел, во Берлин, ќе им биде домаќин на балканските лидери за да ги разгледува новите перспективи на регионот, каде припаѓаме.

За македонските провладини медиуми и портали беше поважно да се бараат, да се обележат со црвен маркер, кадрите од строгиот лик на македонскиот Премиер, седнат зад потомокот од Бакингемската палата, одошто да се емитуваат пораките на светските државници. „Пријателството меѓу Франција и Германија докажува дека добрата волја може да го победи непријателството и ова треба да биде пример за надминување на кризите и почитувањето на меѓународното право“.

Не сум сигурен кој дел од оваа реторична секвенца во Лиеж на францускиот претседател Оланд, ќе ја преземе овдешната јавност. Ако се концентрираат на моделот со пријателство да се решаваат воинствените непријателства, тогаш Југот на Балканот може да го стигне Северот од Европа. Кога почитувањето на меѓународното право е отсликано преку реалноста на светскиот поредок, на пример, низ актуелните случувања во Украина и во Газа, ќе бидат во право истомислениците на Груевски дека како прагматичен политичар ги разбрал и ги применува моделите за лицемерството на големите државници. Зашто никаков меѓународен поредок и право не може да оправда агресија и анексија.

Лицемерието, безумието и тишината на интелектуалната елита, на уметниците, на научниците и на медиумите кон незапирливиот пораст на тоталитарните режими, ќе останат тажен спомен на 20-тиот век, посочува Адам Михник, во своето последно послание до светската јавност. Овој содружник на Лех Валенса и полската „Солидарност“ во демократските промени во неговата држава, предупредува.

Никој не изговорил толку многу патетични зборови за мирот и за меѓународното право како Хитлер и Сталин, а никој не извршил повеќе злосторства од овие двајца диктатори.

Денес Европа повторно молчи за агресивната, империјалистичка политика на Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. Тивко Западот толерира еден политичар кој јавно го крши суверенитетот на други држави како Молдавија, Латвија, Грузија и, се разбира, најмногу Украина. ЕУ се однесува како да е само издание на неутрална Швајцарија. Особено европските политички и економски елити се однесуваат токму така. Само Европа не може да биде неутрална, таа преживеала две крвави светски војни, кои избувнале прво на нејзината територија

Упатно е да се види најновата карта на„Вашингтон Пост“ со промените на државните граници во светот, во последните сто години. На неа Македонија се појавува, обележана со своето уставно име, од 1992 година. За еден век, главно во Европа, прекроени се десетици илјади километри државни граници и создадени се дваесетина нови држави.

Во Првата светска војна, од август 1914 година, учествувале и војници од Њуфаундленд од Сeверна Америка со околу 3400 жртви. Две децении подоцна, оваа тогаш самостојна држава прогласува банкрот. Потоа, со мирна интеграција, станува дел од Канада.

Еден од четворицата од династијата Ротшилд има пренесено во Америка тестаментална порака. „Не си сиромав ако имаш идеја, банкротираниот никогаш повеќе не е богат“.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)