Денешна дата
21/09/2020

Маратонски судски процеси: 17 години и 57 рочишта во потрага по вистината за убиство во Скопје

Откривме дека маратонски спорови се водат во судовите во Скопје, Гевгелија, Велес, Струмица, Битола, Кавадарци, Ресен, Дебар и во Делчево. Во просек, судските спорови во земјава траат 370 дена, а кога станува збор за наплата на долг, граѓаните се многу трпеливи, чекаат по десет години и повеќе

Трновит, тежок и долг е патот до правдата, особено ако таа се бара во судство какво што е македонското, обременето со квалификации од кои не успева да се ослободи и покрај сите спроведени реформи. Колку трае македонскиот пат до Јустиција, истражуваше Инбокс 7? Кој е најдолгиот судски процес? Имаме ли маратонски судски спорови? Кои се причините за тоа? Истражувавме во 27 основни судови во земјава и еве до какви сознанија дојдовме.

Стечајните постапки, наплатата на долгови и поделбата на имот, се најчестите судски процеси што траат долго и тоа по пет, десет или по дваесет години. Најдолг судски процес од областа на кривичните дела, кој трае 17 години и поминал 57 рочишта, се води пред најголемиот суд во земјава, Основниот суд Скопје 1. Откривме дека маратонски спорови се водат во судовите во Скопје, Гевгелија, Велес, Струмица, Битола, Кавадарци, Ресен, Дебар и во Делчево. Во просек, судските спорови во земјава траат 370 дена.

osnoven sud skopje 1 skopje

Одговорите во истражувањето за најдолгите судски спорови од основните судови ги добивме по барање за пристап до информации од јавен карактер. Во законски предвидениот рок за одговор, не добивме само од три основни суда, во Неготино, Тетово и во Крушево.

И по осумнаесет години талкање низ судските лавиринти, нема разрешница за дел од најголемите фирми кои во деведесеттите години од минатиот век отидоа во стечај. Така, пред Основниот суд Скопје 2, од 1996 година се води судски спор во кој поранешните вработени во скопска фирма, но и државата како доверител, бараат да им бидат подмирени нивните побарувања.

trajce arsov

Трајче Арсов

Адвокатот Трајче Арсов, за Инбокс7 вели дека долгот како основа за поведување спор е многу чест, бидејќи имаме неликвидно стопанство, презадолжени претпријатија, фирми со блокирани сметки кои не се во состојба навреме да ги сервисираат обврските кон доверителите. Иако со последните измени на Законот за парнична постапка (ЗПП), кои почнаа да се применуваат од септември 2011 година, беа определени многу рокови, вели Арсов, сепак, невозможно е тие да бидат испочитувани особено од страна на судовите токму каков што е Основниот суд Скопје 2,којшто е затрупан со предмети.

„Во судовите со помал број предмети, овие рокови се прифатливи и можат да се испочитуваат, само доколку судијата е ажурен и ефикасен. Што се однесува до стечајните постапки, пред да биде изменет стариот закон од 2006 година, тие траеја многу долго поради времето што беше потребно за впаричување на целиот имот на должникот. Тоа значи водење судски спорови кон сите должници кои не го платиле долгот, претходно утврдување на стечајни доверители, што е проследено со посебни парнични постапки. Заради поефикасно и побрзо завршување на ваквите постапки, Собранието на почетокот од годинава донесе нов закон кој допрва треба да покаже како ќе се применува и дали ќе ги даде очекуваните резултати“, вели Арсов.

 

Повеќе од една деценија во спор за наплата на долг

 

 

Средовечен битолчанец, пред повеќе од 13 години почнал постапка пред Основниот суд за да си ги наплати парите што му ги должеле. Не можел да го издржи притисокот и трошокот што дополнително го имал за такси и за различни други давачки, па се откажал од наплатата на долгот. Сепак, на почетокот на оваа година тој од битолскиот суд побарал повторно да се спроведе постапката за наплата на долгот.

„Предметот е заведен во 2001 година, но во 2003 година беше поднесено барање за прекин на постапката. Една година подоцна, во 2004 година беше поднесено барање предметот да биде архивиран, се́ до јануари годинава кога пак беше поднесено барање за продолжување на постапката“, велат од Основниот суд во Битола.

Во текот на нашето истражување откривме дека вакви маратонски судски спорови, покренати поради наплата на долгови, има и во судовите во Кавадарци, Ресен и во Дебар.

Граѓаните се подготвени да ја чекаат правдата со години, некогаш и со децении и кога е во прашање поделбата на имотот. Така судот во Делчево веќе петта година не може да пресуди како да го подели имотот помеѓу две тамошни семејства.

Според нашата евиденција спорот се води помеѓу две странки кои повеле парнична постапка за докажување на сопственост. Бидејќи судовите за стар предмет го сметаат предметот кој не е решен повеќе од 2 години, постапката по предметот е прекината со решение. Причина за ова е тоа што странките по завршувањето на предметот не побарале продолжување на постапката. Така, предметот е ставен во архива како решен“, велат од Основниот суд Делчево.

Вакви предмети сè уште се водат и пред судот во Куманово.

Алјеса Алии, портпаролка на Основниот суд во Гостивар, вели дека откако почнал да се применува изменетиот Закон за парнична постапка ( ЗПП), веќе нема предмети што не можат да се решат со години.

„И да има такви предмети, причините за нивното одолговлекување најчесто се објективни и се однесуваат на тоа колку е сложен еден предмет. Така, на пример, кога станува збор за разводи, особено оние во кои постои согласност за разводот на бракот, тука нема што да се одолговлекува. За две до три рочишта, судијата носи одлука и тоа трае кратко. Но, на пример, кога станува збор за утврдување на сопственост или кога треба да се утврди вредноста на некој имот или на некоја претрпена штета, тогаш тоа бара време. Затоа таквите спорови траат подолго, па законот дозволува наместо судијата да одлучи за 15 дена, тоа да го направи за најмногу еден месец“, вели Алии.

Тој објаснува дека сега на судиите им е многу полесно затоа што со новиот ЗПП во рок од осум дена мора да се закаже подготвително рочиште. Одложувањето не може да трае повеќе од осум дена, освен за потешки случаи за кои рокот е до 30 дена.

Пресудата мора да се напише во рок од 15 дена, Апелацискиот суд мора да одлучи по жалбата во рок од три месеци. Само во исклучителни случаи во рок од шестмесеци.Врховниот суд мора да одлучи по ревизијата во рок од осум месеци. Тоа се тие рокови што ги пропишува законот, а коишто се во функција на забрзување на постапката, објаснува Алии.

Според судијата Алии, спогодбата и медијацијата се решението за скратување на долгите процеси и почитување на зададените рокови.

„Ова особено важи за дела како што се клевета, навреда, лесна телесна повреда. Но кај нас спогодбата и особено медијацијата никако да заживеат. Сè уште свеста ни е на ниско ниво“, вели Алии.

Најдолгиот процес се води во најголемиот суд

И судовите во Скопје, Кратово, Виница, Радовиш и во Струга се мачат како да завршат кривични предмети почнати пред пет, десет или пред петнаесет години.

Истражувањето на Инбокс 7 покажа дека најдолгиот судски процес од областа на кривичните дела, се води пред најголемиот суд во земјава, Основниот суд Скопје 1. На овој суд и по седумнаесет години и 57 одржани рочишта, не му успева да стави крај на процес отворен поради убиство што се случило во 1997 година. Според добиените податоци, судскиот процес почнал во март 1998 година и по 18 одржани рочишта, постапката морала да била запрена за четворица од петтемина обвинети, бидејќи делото за коешто биле обвинети („Учество во тепачка“) застарело. По ова биле одржани уште 19 рочишта за петтиот од обвинетите, по што во март 2006 година бил осуден на осум години затвор. Ваквата пресуда била укината од Апелацискиот суд и судењето било вратено на повторно одлучување.

ubistvo

Судскиот процес повторно почнува во април 2007 година. Се одржале 20 главни претреси и на повеќето од нив не биле исполнети законските претпоставки за да може претресот да се одржи. Не се појавувале сведоците на обвинителството, обвинителот, вештото лице, а во неколку случаи и бранителот“, велат од Основниот суд Скопје1.

Во 2011 година, обвинетиот повторно е осуден за убиство, овој пат на шест години казна затвор, но Апелацискиот суд повторно ја укинува пресудата и предметот по вторпат го враќа на повторно судење. Третото повторно судење почнало во 2012 година, а досега се одржани 10 главни претреси. Процесот продолжува во септември 2014 година.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, кој веќе шеста година се обидува да докаже дека неговите клиенти, браќата Ѓорѓиевски не се виновни за убиство на жител од велешкото село Ореше, причината за долгите судски процеси ја гледа во, како што вели, неедуцираните судии.

„Има судии кои не ги знаат законите, или ако ги знаат не ги применуваат. Едноставно не се способни, ниту имаат храброст да пресечат. Конкретно случајот Ореше се води веќе шест години и по четврти пат е вратен на повторно судење. Апелацискиот суд никако да одлучи, па предметот само го враќа на повторно судење. Поретко, но сум имал и случаи за кражба или за разбојништво кои по одржани три рочишта, биле завршени. Дел од вината за непочитувањето на роковите носи и обвинителството кое во одредени случаи знае и по неколкупати да го измени или да го дополни обвинението, да предложи или да повлече мноштво докази. Тоа особено важи за случаите на организиран криминал каков што беше ʼКалдрмаʻ, во кој имаше 86 обвинети“, вели Давидовиќ.

И за обвинителите важат рокови

Во јавноста преовладува мислењето дека обвинителството нема рок во кој треба да заврши една истрага. Сепак, Законот за кривична постапка (ЗКП),кој почна да се применува во 2013 година, пропишува дека во предистражната постапка, јавниот обвинител е должен во рок од три месеци да одлучи по која било кривична пријава, а ако има истрага, таа треба да заврши во рок од шест месеци. Овој рок може да биде продолжен уште за шест месеци од страна на вишиот обвинител, или за уште три месеци со одлука на јавниот обвинител. За дела од областа на организираниот криминал, продолжувањето од јавниот обвинител може да биде за уште шест месеци. По завршувањето на истрагата, постои рок од 15 дена за поднесување обвинение, кој за дела од областа на организираниот криминал може да биде продолжен до 30 дена.

Инаку судењето за „Калдрма“, досега најголемиот случај во Македонија, траеше неполна година. Почна кон крајот на јули 2012 година, а заврши крајот на мај 2013 година.

Судовите во Кратово, Виница и во Радовиш веќе пет години не можат да им пресудат на обвинети за кривични дела: насилство, спречување службено лице во извршување службена должност, како и за кривичните дела: тешки дела против безбедноста во сообраќајот и предизвикување општа опасност.

Еден од поинтересните случаи кој трае веќе дванаесет години, треба да го реши Основниот суд во Струга. Судењето се одолговлекува затоа што осуденикот е во бегство. Предметот во судот е заведен во 2002 година, а по осуденикот е распишана меѓународна потерница.

Судски случај завршен за два дена

Случајот со малолетната Александра Бошњаковска е процес кој заврши во рекордно краток рок. По само два дена доби судски епилог. Таткото, дедото и бабата на Александра беа осудени на условна казна од една година затвор (во период од четири години не смеат да извршат друго кривично дело). Според пресудата, тие беа виновни за одземање на девојчето од нејзината мајка Татјана.

Уредник: Стојанка Митреска

opetceska@inbox7.mk