Денешна дата
25/10/2020

Виртуелно правосудство

Правосудството наше, не само што го допре дното туку продолжува да тоне многу длабоко во подземјето, каде што изгледа најприродно припаѓа. Станало виртуелна институција која постапува според виртуелни закони. Често како закон му служат укажувањата од телохранителите и возачите на важни луѓе од власта. А при такви услови, снимката не е снимка, гласот на Премиерот не е негов глас, потврдата каса прими не е доказ, а ниту потписот е вистинскиот потпис. Сè е некако виртуелно. Само нам по грешка поинаку ни се причинува. Важно е што никој не може да не обесправи до таа мера колку што ние можеме да издржиме. Зврлевски само го потврди тоа што и птиците го знаат, а тоа е дека нашиот правосуден систем има повеќе лица – едното за власта, другото за нејзините поддржувачи, третото за неутралците, четвртото за независните криминалци, петтото за опозицијата. Услугите на нашето правосудство добиле и пазарна цена (и тоа не само од црниот пазар). Ако нудите пристојна цена, ќе можете да добиете пристојна правда. Истото важи ако наместо пари имате власт. Тешко вам ако немате ниту една од нив.

И конечно дојде времето кога стана нормално и Загорац (кого власта го прогласи за криминалец за да му го намали значењето) да им одржи лекции на нашите делители на правдата. Вели „не заборавајте, дури и ако сте цврсто решени да ја одбраните и да ја прикриете од криминалот вашата министерка, тоа ќе биде само на одредено време, затоа што одговорот каков што е од страна на ОЈО е избрзан и е неприфатлив. Сепак, заборавивте да се произнесете за суштинскиот сомнеж дека Јанкулоска лично земала пари, без разлика на функцијата која ја извршувала и нејзините ингеренции. Убеден сум дека ќе има контрадикторност на вашата истрага кога ќе бидете заменети од вистински и од независен обвинител, затоа што доказите и тогаш ќе бидат достапни“. А според ОЈО, проблемот бил дали таа била или не била тогаш партиски функционер!!! А што е тоа важно? Судската власт не нашла одговорност за криминал ниту кај „Актор“, ниту кај „милионче“, ниту кај „уличното осветлување“, ниту кај становите на Бонева, ниту кај групната зграда на ДПМНЕ, ниту кај многубројните локали и станови, а ниту кај „Македонски банка“. Не нашла и кај многуте рекетирања, убиства, уривања итн. Но, нашла кај протестантите за да ги казни по три години!!! Ова чудо се нема случено во целиот универзум. Сè ми се чини дека наместо според законите, судиите работат според личните желби на врвните луѓе од власта. Во аферата „Македонска банка“, независниот јавен обвинител докажал дека е тотално независен од секоја правна или од морална норма. Те снимката не била овластена, те немал докази дека нешто земал Груевски, те делото било застарено и слични чуда.

Да бевме елементарно нормално општество, Премиерот и Јанкуловска требаше веднаш да поднесат оставки за да овозможат непристрасно судско постапување. Па ако излезат чисти, ќе се стекнат со плус кредибилитет. Вака, кај секого се остава длабоко сомнение дека власта ја водат луѓе вмешани во корупција и во криминал!?!? Каде е тука јавниот морал?! А познато е дека со ниеден закон моралот не може да застарува. Има ли воопшто кредибилитет Владата со вакви тешки сомневања и обвинувања? Тоа е далеку над правото и над нејзините процедури.

Во нормална држава, судството стои меѓу владетелите и граѓаните за да ги штити нив и нивните интереси, но и јавниот интерес од некакво неограничено право како што за несреќа имаат нашите водачи. На луѓето им треба правна сигурност, а тоа не е можно со вакво правосудство, кое не е способно да се заштити самото себе. Нема демократија без правна држава и владеење на правото. Уставот пропишува – истрајност на судиите во одлучувањето по Уставот и применување кодекс на судска етика. А да не збориме за стандардите предвидени со Препорака II (94) 12 на Комитетот на министрите на Советот на ЕУ за независно судство. Винстон Черчил вели: „Судијата се разликува од други функционери, оти дели правда не само меѓу човек и човек туку и меѓу граѓаните и државата“.

На нашето правосудство ќе му треба сериозен ремонт каков што правеле повеќе држави. Најпрвин да се отпуштат и кривично да одговараат тие што ги прекршиле законите (непостапување, прикривање кривични дела итн.). Потоа професионална селекција на другите (со присуство на меѓународни експерти). Непрофесионалците дома. Не држи констатацијата дека обвинителите и судиите биле изложени на притисоци и биле принудени на тоа. Никој не може да биде ослободен од кривично гонење, оти други му наложиле да стори кривично дело. Од каде нивниот страв може да биде поважен од нечиј живот или од правната сигурност на два милиони луѓе!?!? Па сите ние сме подложени на разни притисоци. Многу луѓе што во континуитет се судираат со постојниот режим, можеле многу поквалитетно да живеат кога не би се спротивставиле на злоупотребите, на криминалот, на газењето по човечкото достоинство, но тие ја избрале полошата варијанта за себе, водени од важните инстинкти за чесност, праведност и за одговорност, кои бараат самопожртвување. Потребно е владетелите кои погрешиле пред законите, освен за криминал и за корупција, да одговараат и за уривање на уставниот поредок на државата. Бидејќи ова многу личи на тивок државен удар. На ним и нивните блиски врски треба да им се одземе сè материјално што е стекнато на незаконит начин (директно или индиректно). Тогаш многумина ќе сфатат дека подобро ќе им било да плачеле со чесни отколку што пееле и славеле со арамии.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk