Денешна дата
04/04/2020

Македонија со најголем даночен јарем во Европа – ДДВ ќе плаќаме и на занаетчии, таксисти…

Македонија ќе биде земја со најнизок праг за влегување во категоријата на ДДВ обврзници во Европа. Најмалите и најслаби бизнис субјекти ќе влезат во системот на ДДВ, а тоа не е добро за виталноста на една економија, ќе се зголеми невработеноста, ќе поскапат услугите и производите и многу дуќанџии ќе бидат принудени да стават клуч на врата

Македонија е на самото европско дно според прагот потребен за воведување на ДДВ обврска. Кај нас ДДВ обврзник се станува со остварен приход од 16.000 евра, во Босна е 25.000 евра, во Хрватска 32.000, Бугарија, Словенија и Грција 35.000, додека во Германија, прагот е 100.000 евра. Оваа мерка ќе зададе сериозен удар врз најслабите правни и физички лица и ќе ги поскапи услугите.

fiskalna-smetka

Со најновите измени во законот за ДДВ, е намален прагот за вклучување во групата на задолжителни ДДВ обврзници за компаниите и за физичките лица. Со овие измени од 2015 година сите правни и физички лица кои оствариле над еден милион денари (16.000 евра), промет во претходната година стануваат ДДВ обврзници. Досега тој праг беше два милиони денари (32.000 евра).

Реакции и негодувања ги следат најавите за новите измени. Земјоделецот Михаил С., преку чија сметка минатата година поминале над 16.000 евра како остварен обрт на пари според измените на законот за ДДВ, станува обврзник на овој данок:

„Мислам да ја затворам земјоделската фирма, бидејќи треба да пресметувам и да плаќам ДДВ. Не можам да се расправам со инспекции“, вели Михаил.

Страв од инспекции има и кај такси возачот Столе Т. од Скопје.

„Не брка полиција, не брка сообраќаен инспектор, не брка градска инспекција, сега ни фалат уште финансиските инспекции да не малтретираат. Човек не може за леб да заработи“, се жали Столе.

Најголем страв, нашите соговорници кои наредната година ќе бидат обврзници за плаќање на ДДВ, имаат од инспекциите.

Македонија со најниска граница за ДДВ обврзници во Европа

Македонија, со најновите измени ќе биде земја со најнизок праг за влегување во категоријата на ДДВ обврзници во Европа. Оваа неславна граница земјава ја „заработува“ со поставувањето на прагот на еден милион денари 16.000 евра. Прва над нас е Црна Гора со 18.000 евра.

prag DDV drzavi

Ова значи дека во Македонија, најмали и најслаби бизнис субјекти ќе влезат во системот на ДДВ. Ова не е добро за виталноста на една економија, смета Петар Узунов, сметководител од Струмица.

„Промената на границата за ДДВ обврзниците од 2 милиони на еден милион денари не е добра за занаетчиите и за ситните услужни дејности. Влезните трошоци кај нив се многу мали, најголем дел отпаѓа на умствениот труд. Најголем дел од овие занаетчии ќе бидат секогаш поголеми плаќачи на данок, отколку што ќе користат од поврат на ДДВ. Со ова државната каса ќе се полни на сметка на занаетчиите. Услужните занаети, фризери, бербери, козметичари, автоперални, механичари и сл ќе бидат дополнително оданочени со овој закон“, вели Узунов.

Тој додава дека овие измени на законот за ДДВ, ќе придонесат за зголемување  на невработеноста. Фирмите ќе одјавуваат вработени, за да не прават промет од еден милион денари годишно.

Од Управата за јавни приходи (УЈП) велат дека законот за ДДВ е донесен во април 2000 година. Од тогаш, до 2010 година прагот за влегување во ДДВ обврзниците бил 1,3 милиони денари (околу 21.000 евра), но Владата како анти-кризна мерка го подигнала прагот на 2 милиони денари (32.000 евра) во 2010 година. Сега наместо да го зголеми, таа драстично го намалува.

inbox7 LOGO_Page_2 - Copy

Интересен е фактот што Хрватска во 2011 година го намали прагот за ДДВ обврзници од 32.000 на 11.000 евра, но од ЕУ, веднаш и посочија да ја врати границата на 32.000 евра бидејќи нејзината даночна администрација нема да има доволен капацитет да ги евидентира, квалитетно да ги спроведе повратите на ДДВ и да ги остави најмалите претпријатија и трговци поединци со помал даночен товар.

Кај нас, пак, со најновата измена, Владата ги оптоварува најслабите субјекти во економијата, а тоа се занаетчиите и услужните дејности.

УЈП: Оданочувањето е поради лојална конкуренција

goran-trajkovski

Управата за јавни приходи (УЈП) ги оправдува измените на овој закон со објаснување дека се работи за зголемување на конкурентската способност на малите компании.

„Намалувањето на прагот за регистрација, кое ќе стартува од почетокот на идната година, не се прави да се полни буџетот на државата, бидејќи малите ДДВ обврзници создаваат негативен ДДВ-ефект. Целта е да се создадат фер и еднакви услови на пазарот за сите, како и да се зголеми лојалната конкуренција. Мерката е по барање на самите фирми, тврди“, смета Горан Трајковски, директор на УЈП.

 

Со ова не се согласуваат експертите и познавачите на состојбите во економијата.

Арбен Халили, извршен директор на Комората на Северозападна Македонија има спротивно мислење од Трајковски.

arben_halilli

Арбен Халили

„Сметам дека намалувањето на лимитот на обврзници за ДДВ, од 2 милиони на еден милион денари промет во годината, е избрзан чекор и не сум сигурен дека е добро осмислен. Мерката за намалувањето на прагот кој ги обврзува компаниите да станат ДДВ обврзници, е лоша“, вели Халили.

Тој додава дека Владата е контрадикторна, од една страна вели дека ги подржува малите бизниси, но од друга страна со ваквите одлуки им го отежнува делувањето на пазарот.

Спротивно мислење од Трајковски има и поранешниот заменик министер за економија, Зоран Витанов.

„Намалувањето на прагот на задолжителни ДДВ обврзници од 2.000.000 на 1.000.000 денари остварен промет во претходната година, е мерка со која Владата ќе собере пари од стопанството, а не дека со тоа ќе му олесни на стопанството “, вели Витанов.

Zoran Vitanov

Зоран Витанов

Тој додава дека ова е очаен потег на администрацијата на Никола Груевски, за пополнување на државната каса. Жално е што оваа влада си го гледа личниот интерес, а не интересот на претпријатијата. Зборот „министер“, вели Витанов, на латински значи слуга – министерот треба да му служи на граѓанинот, а кај нас е обратно, граѓаните му служат на министерот.

Сосема спротивно мислење има и Панче Трпкоски, регионален претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.

„Правото на ДДВ обврзник секој правен субјект во РМ сега и во минатото можел да го оствари при самото регистрирање или по негова проценка во понатамошното работење преку поднесување  барање до УЈП за станување на ДДВ обврзник, прагот под 2.000.000,00 денари никогаш не бил пречка за правниот субјект да стане ДДВ обврзник“, вели Трпковски и додава дека за жал со многу поголеми проблеми се соочуваа компаниите кои остваруваа приход под 2.000.000,00 денари, регистрирани ДДВ обврзници.

Ќе има поскапување на производите и на услугите 

Овој закон ќе доведе до поскапување на услугите на занаетчиите.

* Во Македонија годинава има 17.700 ДДВ обврзници

* За наредната година се очекуваат нови 10.305 обврзници (9.060 правни лица и 1.245 трговци)

* Наредната година околу 40% од вкупниот број на фирми во земјава ќе бидат ДДВ обврзници

„Услугите дополнително ќе бидат зголемени за 18%, износ кој ќе ја зголеми цената на нивниот производ или услуга а од друга страна ќе ја намали нивната конкурентност на пазарот и истите ќе се соочат со ликвидносни проблеми“, вели Панче Трпковски од Тетово.

Нелојална конкуренција очекува и сметководителот Узунов.Тој дава една логична состојба која ќе настане, помеѓу ДДВ обврзник и занаетчија кој не влегува во групата на ДДВ обврзници.

Да земеме за пример еден фризерски салон кој има 1.100.000 денари годишен промет и еден кој има 900.000 денари. Првиот ќе биде влезен во системот на ДДВ обврзници, вториот нема.

ДДВ обврзникот за потстрижување кое чини 200 денари треба да плати и ДДВ од 18%, додека вториот нема таква обврска. За да биде се како порано, првиот мора да ја зголеми услугата на 236 денари (200 денари за неговиот труд и трошоци + 36 денари за ДДВ), кај вториот истата услуга ќе чини 200 денари.

ДДВ обврзникот е принуден, за да не ги изгуби клиентите, да ја намали услугата на 200 денари, но во тој случај услугата на ДДВ обврзникот ќе биде поевтина (168 денари ќе чини услугата +32 денари ќе чини данокот на додадена врадност)

 

Уредник: Стојанка Митреска

lefkov@yahoo.com