Денешна дата
14/10/2019

Агенција за храна: Нема листерија во погоните на „Екстра Меин“

По сите контроли во кумановската месна индустрија „Екстра Меин“, Агенцијата за храна и ветеринарство, пред малку соопшто дека не е најдена бактеријата листерија во погоните на оваа фабрика.

Нивното соопштение го пренесуваме во целост:

 

„По минатонеделното известување од Министерството за здравство, дека е детектирано присуство на Listeria monocytogenes во производ сечкан свински врат земен од малопродажен објект во Гевгелија, инспекциските служби на  Агенцијата за храна и ветеринарство преземаа опсежни контроли во месната индустрија  „Екстра меин“ од Куманово.

Во рамки на контролите земени се вкупно 24 мостри од производи и адитиви кои се користат во производството, вклучително и од лотовите каде беше детектирано присуство на оваа бактерија, 10 брисеви од работни површини, машини како што се сецкалки, стерилизатори, комори и од други места каде евентуално може да се утврди присуство на оваа бактерија. Земени се и 2 бриса од материјали кои се користат во производството, а кои доаѓаат во контакт со храната.

Лабораториско испитување на земените мостри и брисевите, согласно препораката на Комисијата за заразни болести, паралелно се врши во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина и во Институтот за јавно здравје.

Досега, Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби  сите резултати од анализите на брисевите,материјалите кои доаѓаат во контакт со храната и мострите од суровините и готовите производи  направени во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина и сите се негативни, односно одговараат на Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна.

Од мострите и брисевите кои се испитуваат во лабораториите на  Институтот за јавно здравје  до Агенцијата се пристигнати 9 резултати за земени брисеви од работни површини, машини како што се сецкалки, стерилизатори, комори и од други места каде евентуално може да се утврди присуство на оваа бактерија, како и за испитани две мостри од спорните лотови вакумиран сечкан свински врат и 4 мостри од адитиви. Сите анализи се негативни, односно кај досега испитаните 15 мостри и брисеви од страна на Институтот за јавно здравје, не е утврдено присуство на бактеријата. Истите одговараат на одредбите од Правилникот.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги обработува пристигнатите резултати и по нивното комплетирање ќе ги преземе сите со закон предвидени мерки и активности за информирање.“

 

Со почит,

Агенција за храна и ветеринарство на Република Македонија