Денешна дата
04/04/2020

Граѓани бараат задолжително осигурување и за мотоциклите

Оштетени и обесправени граѓани во сообраќајни незгоди предизвикани од мотоцикли после сите поминати патешествија по судските лавиринти не успеваат да дојдат до правдата. И токму поради тоа тие, поддржани од стручњаци и адвокати предлагаат промени во законите што ја регулираат безбедноста во сообраќајот

Кога законодавецот ќе направи промашување во законите граѓаните не само што ги трпат последиците, туку тие често пати се единствените кои можат да покренат промени и да ги исправат нелогичностите. Пред таква иницијатива, како што неодамна пишуваше Инбокс 7 се исправени граѓани кои како жртви во сообраќајни незгоди предизвикани од мотоцикли не можат да наплатат обесштетување. Засегнатите се обесправени само поради тоа што во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата мотоциклите не спаѓаат во категоријата моторни возила, а тоа значи дека не подлежат под задолжително осигурување од автоодговорност. Инбокс 7, објави случаи во кои оштетени и обесправени граѓани после сите поминати патешествија по судските лавиринти не успеваат да дојдат до правдата. И токму поради ваквиот заплет тие предлагаат промени во законите, а конкретните чекори во случајов треба да тргнат од надлежните институции – Националното биро за осигурување, Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и од Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Ваквиот предлог е поддржан и од сообраќајни инженери и експерти:

 

profesor josevski
„Мотоциклите како и секое друго возило на моторен погон кое може да предизвика сериозни штети мора да биде задолжително осигурено и само така може да се реши проблемот на граѓаните кои сакаат да ја наплатат штетата што ја претрпеле во сообраќајни несреќи, вели Зоран Јошевски, професор по безбедност во сообраќајот на Техничкиот факултет во Битола.
Тој објаснува дека кога нерегистриран мотоцикл па дури и мопед предизвикал штета кон трето лице оштетената странка најчесто се обраќа или до Националното биро за осигурување или до било која осигурителна компанија бидејќи знае дека тешко ќе ја наплати штетата од возачот. Проблемот настанува во моментот кога одредени странки се одбиени со образложение дека мотоциклот не е моторно возило и не подлежи на задолжително осигурување. Тогаш штетата ја плаќаат бирото и осигурителните компании. По ова, тие бараат наплата на регрес од предизвикувачот на сообраќајната несреќа и таквите судски постапки одат во недоглед.
„Гледано од сообраќајно-технички аспект проблемот би се решил со промена и прецизирање на неколку законски решенија и налог дека секое возило на моторен погон мора задолжително да биде осигурано“, вели Јошевски.

Да се испита и одговорноста на вештаците

 

Кога се решаваат судски случаи за утврдување на вина кај предизвикувачот на сообраќајната несреќа како и за утврдување на наплата на штетата постои судир на повеќе закони, вели адвокатот Александар Наков.

aleksandar nakov 1 advokat

Александар Наков

Според него, покрај измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (ЗБСП) и Законот за задолжително осигурување (ЗОС) мора да се разгледа и можноста за измени на Законот за вештачење
„Во вакви случаи судовите своите пресуди најчесто ги темелат врз извештаите на вештаците иако тоа е само еден од доказите кој не мора да биде и клучен како таков. Затоа сметам дека треба да има измени на Законот за вештачење во делот на овластувањата на вештаците. Покрај ова измени треба да претрпат и Законот за парнична постапка (ЗПП) и Кривичниот законик во делот, кога и како се утврдува вината на предизвикувачот на несреќата и кога и како оштетениот може да бара наплата на штетата“, вели Наков.
Според постоечките законски прописи на оштетениот може да му биде досудена оштета и пред судот да утврди дали мотоциклистот е виновен или не за предизвикување на сообраќајната несреќа.
Наспроти ваквиот став на Наков, професорот Јошевски истакнува дека доколку некој предизвика сообраќајна несреќа тој подеднакво одговара пред законот, сеедно дали е тоа возач на мотоцикл, мопед или патничко возило.
Професорот Јошевски вели дека конструкциските својства и начинот на погонувањето се клучни параметри поради кои мотоциклот е изземен од категоријата на моторни возила иако и тој е возило на моторен погон. Но, и покрај ова тој е дециден дека промени во законите мора да се направат.
„Мотоциклот е возило на две тркала во однос на останатите моторни возила кои се на четири тркала и кои што развиваат брзина поголема од 25 километри на час. Токму од овие причини но и од некои други параметри мотоциклите се изземени од категоријата на моторни возила“, објаснува Јошевски.

Уредник: Стојанка Митреска

opetceska@inbox7.mk