Денешна дата
21/03/2019

Фрчкоски: Опозицијата не треба да даде бланко поддршка за името

По 8 години глупирање, власта доаѓа на позициите на опозицијата и сега им вели: вие тоа го сакавте зошто не нè поддржувате?

Професоре Фрчкоски, дали по 13 години постои можност за ревидирање на Охридскиот Рамковен договор?

-Не. Мислам дека расправите за ревидирање се всушност политички спин со кој двете најодговорни партии за него во власта се обидуваат да објаснат зошто не им оди реализирањето на договорот, а од разни причини не им оди, и да обвинат некој друг за тоа дека документот е проблем, дека е надминат и дека во некој дел не се реализира.  Всушност, двете најодговорни партии, мнозинската македонска и албанска го третираат договорот како копиле, односно несакано дете од разни причини и аспекти. Инаку, договорот го задоволува критериумот на Ангела Меркел за добар компромис и договор, двете страни се еднакво несреќни со него, како вели она, и од следниот аспект- договорот прави решение кое ја одржува Македонија како унитарна држава со што сега веќе не се задоволни Албанците. Тоа не го кажуваат отворено, туку се обидуваат тоа да го провлечат низ некакви барања за нов договор. Од друга страна, тој им дава право во делот на јазичните права на Албанците, од кои Македонците сметаат дека се премногу или дека се незаслужени. Значи и двете страни се на некој начин незадоволни. Но, проблемот е што вистински не го реализираат од различен аспект, а за тоа не можат друг да обвинат освен договорот како акт. Целиот проблем е во нивната реализација и тоа добро го констатираат во последната несреќна средба која е празна расправа околу договорот. Тие констатираат дека договорот е добар, но реализацијата е лоша. Како е тоа можно? Инаку, ВМРО-ДПМНЕ не го третира договорот ниту како нужно зло. Бидејќи нужно зло подразбира дека го реализира онаму каде е нужно. Не, ВМРО-ДПМНЕ не го реализира договорот никаде освен кога има притисок или барања од странците или партнерот за некаква конкретна причина како останување во Влада, надминување на криза наместо како мнозинска партија да има најголема одговорност за реализација на договорот. Значи, не го третира ниту како нужно зло, туку само како зло кое треба да се одбегне секаде каде е тоа можно. И поради тоа има проблеми во реализација на договорот кои не се инхерентни на договорот, туку на политиката на реализација.  ДУИ, пак, од своја причина го користи како симболично средство за инаугурација на својата политичка улога, победа, улога во Влада, како носител на договорот, иако не биле преговарачи, туку бунтовници во тоа време. Но, несериозно го третира неговото слово. Не се задоволни од него бидејќи тој ја дефинира Македонија како унитарна држава и Албанците со јазични права ги лоцира во култура и образование воглавно, освен во оној дел што е за регрутација во државната администрација и Бадинтеровото мнозинство. Нема сериозна расправа што значи тоа развој на политички систем во духот на Охридскиот договор што го повторуваат. Партијата би требало да направи студија како се развива Охридскиот договор. Прво, делот на бадинтеровите закони кои ги договорија мора да биде поддржан со гласање за буџетот на државата во делот на образование и култура со бадинтерово мнозинство. ДУИ не го поставува буџетот и неговото делумно гласање со бадинтерово мнозинство како проблем. Тоа би било во духот на Охридскиот договор. Значи, не може да ги носите законите со Бадинтер, а буџетот да го носат со мнозинство и да не предвидат пари за вашите закони и се ви пропаѓа.  Логично е буџетот во делот на образование, наука и култура, каде се поддршките за законите, оние 46, да биде исто со Бадинтер. Toa би отворило расправа, но тие тоа не го покренуваат, а знаат. Зошто, прашајте ги нив.

Второ, не го покренуваат прашањето за правото за пристап кон државната администрација, не само онаму каде Албанците се мнозинство туку секаде би можеле правото за пристап до државната администрација би можело доставката да биде на нивниот јазик. Зошто не го бараат ова право, повторно не ми е јасно. Тоа е развој на правата во вистинска насока и во духот на Охридскиот договор. Тие бараат расправа на јазикот во министерствата, тоа е надвор од Охридскиот договор. Тука би требало да се менува Охридскиот договор и Уставот. Вистински развој во корист на албанските граѓани, ДУИ не покренува. Затоа сметам дека и тие го користат како симболично знаме, но несериозно го третираат.  И затоа мислам дека двата родители во Владата го третираат како „копиле“, односно несакано дете, кое го користат, немаат што да му прават, тука е, странците и социјалните служби го третираат не може да го ишутираат во таа смисла има несреќна судбина, но истовремено е базичен документ кој ќе преживее. Документот ќе ги преживее нивните недоветности и ќе биде за среќа во корист на македонската држава докрај, до влезот на Македонија во ЕУ. Тој и понатаму ќе остане документ кој е над стандардите на ЕУ за малцински и човекови права и затоа ќе остане валиден.

 

Според вас, дали дојде до извитоперување на Рамковниот договор во однос на рамковните вработувања, каде што, според перцепцијата во јавноста, се оди кон задоволување на процентите, а не и на квалитетот во администрацијата. До кога ќе оди таа трка кон процентите?

-Рамковниот договор добро го поставува тоа прашање, односно се обидува да регрутира во државната администрација преку политички договор интензивно и да ги подобри процентите на припадниците на заедниците кои се во малцинство. И тоа е во ред, тоа е стандард. Тие плаќаат данок и сакаат да бидат присутни во државната администрација која самите ја плаќаат. Она што е проблем е извршувањето од страна на партиите на власт.  Немојте да барате други виновници за договорот. Тие го партизираат процесот на регрутација, нивните филтри се клучни за прием наместо квалитетот на луѓето. Мене албанските студенти со осмици и деветки просек од правни и политички науки ми се жалат дека не можат нормално да конкурираат ако не влезат преку партискиот филтер.  Дека ги исфрлаат иако се најдобри. Тоа е проблемот. Но, тоа е типично партиска злоупотреба на одредбата од Охридскиот договор. Тоа не ги овластува Охридскиот договор. Тоа не е проблем на процентите, проблем е на квалитетот на луѓето што ги вработувате, посебно Албанците. Исто и Македонците немаат таков проблем, но на ист начин се вработуваат за жал. Значи, партизацијата на регрутскиот процес е проблем, но тоа е проблем типично на злоупотреба на партиите на власт на одредбите од Охридскиот рамковен договор. Не може да имате проблем при вработувањата со тоа дека треба соодветно да има присуство на припадниците на малцинските заедници во државната администрација.  Тоа било ок и секогаш ќе биде ок. Таа одредба не е проблематична. Проблематична е партизацијата, при тоа квалитетот на луѓето е послаб и интензитетот се злоупотребува. Се снимаат приемот само на албанските кандидати, а не на вмровските кандидати, а тие се три пати повеќе. И сега што се случува? Процентот на Албанците во администрацијата, иако има интензивен прием, останува ист или на некои точки се намалува зошто приемот на Македонците е три пати поголем во државната администрација. Таа бројка е зголемена од 90.000 на 160.000. Албанските приеми се пред камери, македонските приеми се зад камери. Но, процентот останува ист. Повторно никој не е задоволен. Зошто? Зошто Албанците ги примаат, но процентот нивен останал низок. Зошто? Зошто Македонците ги примаат три пати повеќе. Наместо тој процес да се запре, ако треба поинтензивно да се примаат само припадници на малцинските заедници. Тоа е тешко ама Владата мора да го издржи. Тоа е договор затоа што Македонците се преприсатни. Тоа е незгодно. Порано не ги примале, ама сега ги примаат повеќе ама така е. И приемот мора да биде со критериуми. Лекот е комисиите за прием мора да имаат меѓународен експерт или приемот да се врши под контрола на меѓународната заедница. Тука ќе настане паника во Владата. Ако има внатре странци тие ќе инсистираат на квалитет, ако не се корумпирани странци. Тогаш ќе ги примаат Албанците, но по квалитет, а не по партиска линија. Лесно е да се корегира ако постои политичка волја, но во овој случај политичка волја не постои и затоа тој процес е деформиран.

 

Што сакате да кажете со тоа пред и зад камери?

-Не го знаеме бројот на примени вмровци во државната администрација, а го знаеме бројот на примени Албанци. А тој број е огромен на вмровците, тој е три пати поголем од Албанците, а треба да биде помал од Албанците за да се зголеми корекцијата на процентот на Албанци во државната администрација. Треба да примат само Албанци. На пример, од конкурс од 200 луѓе треба да примат 120 Албанци, а само 80 Македонци. Треба да се зголеми бројката.

 

Кога веќе ја спомнавме меѓународната заедница, уште ли сметате дека е потребна странска помош за формирање техничка Влада?

-Кога велам странска помош не мислам дека тие треба да ја формираат техничката Влада туку треба да констатираат дека со нивни пари, со нивни фондови, со нивната негрижа и нивното незнаење во рамките на нивното дипломатско присуство во земјава, во Македонија се изгради еден авторитарен популистички систем целосно се заокружи. Тие тоа не го разбираат. Тие тоа не го согледуваат, односно го согледуваат како проблем на државата во оваа или онаа област, на парче го гледаат. Не ја гледаат големата слика, дека системот е сериозно моќен, во целина е заокружен во Македонија. Во Србија се гради ист таков систем, но не е заокружен во целина.

Се заокружи еден авторитарен систем, кој многу тешко може да го менуваат и кој нив ги мами и сериозно го манипулира странците. Тие се многу субмисивни кон таков систем. Нешто малку ќе напишат во некој извештај поостро, но ништо надвор од тоа. Има исклучок амбасади кои се навистина коректни, но најголем дел молчат и не прават проблеми во однос на власта, мирни се, а при тоа целиот систем се одвива во прилично тоталитарен правец. Страдаат граѓанските права, слободата на информирање, институциите кои се тотално партизирани и тука доаѓаме до проблемот техничка Влада. Опозицијата има голем проблем-дали да ги легитимира таквите институции кои се целосно партиски узурпирани и да им даде легитимитет на сите нивни идни одлуки или да се обиде држејќи се надвор од тие институции да покаже каде е проблемот.  Таа политика е ризична, може да се случи слабеење на опозицијата, осиромашување на опозицијата, потоа обидување таа да се направи нерелевантна. Но, тиквата е пукната, има сериозна криза во државата. Затоа опозицијата мора да издржи заедно со целиот блок на невладини организации во посочување дека имаме работа со еден систем на заокружена диктатура која не мисли лесно да се поттргне и каде политичката криза мора да отвори пукнатина во овој тоталитарен систем. Првата пукнатина ќе биде проблемот со името. Тие ќе имаат проблем да го решат сами, ќе бараат поддршка од опозицијата. Опозицијата тоа мора да го одигра добро. Тие не смеат да дадат бланко поддршка. По 8 години глупирање, власта доаѓа на позициите на опозицијата и сега им вели: вие тоа го сакавте зошто не не поддржувате? Опозицијата мора да изрази сомнеж во способноста на лидерството на ВМРО-ДПМНЕ да го води тој процес на преговарање, кој не знаеше да го води осум години и не доведе до степен дури и за идентитетот да почнеме да расправаме во јавноста. Тоа е првата точка и тука треба да преговараат со нив како тоа ќе се организира тоа сенационално „единство“ околу позициите за името што сега ќе дојдат.

Второ е целокупниот колапс на економијата. Кога ќе ги погледнете Путин или Ердоган, Путин за 15 години, Ердоган за 7-8 години директно владеење имаат зголемено просечната руска плата на просечен русин за 50 пати, од 500 рубљи на 20.000 рубљи. Не можам да ги прифатам ама можам да ги разберам. Нашиот не има осиромашено по сите основи сите, ја нема зголемено, туку има намалено платата на сите што примаат буџетска плата по сите основи. Тоа ќе кризира, нема пари државата. Тој елемент е втора позиција на опозицијата, тие мора да го постават тој елемент-дека ние пропаѓаме без допирање на дното. Тоа не може мирно да оди. Сите осиромашуваме по сите основи. Ние бевме најдобри пред Хрватска, а сега сме под Косово и Албанија. Тоа е скандал. Тој елемент опозицијата мора да го претвори во политика на промена. Средството за излез и влез во Парламентот е инструмент за таа политика. Мора да се борат без комплекси до крај.

 

Правилни ли се потезите на опозицијата, која уличниот бојкот претходно го замени со кабинетски бојкот?

-Не знам. Тоа да го повторат-Отпорот со таа масовност сега не можат и затоа не се ни обидуваат. Но, мора да истраат околу принцип на негација на легитимација на институциите. Можат да преговараат, но не можат да водат дијалог со власта. Дијалог водиш со некој со кој имаш основа за разбирање. Тие мора да преговараат за да ги спасат нашите острови на слобода, нешто од медиумската слобода, но не можат да водат дијалог со диктаторска власт. Тоа е тежок процес на преговарање. Им посакувам среќа. Институциите не смеат да ги третираат како вистински, сериозни. Веројатно се во процес на консолидација во партијата во база. Веројатно ќе почнат поинтензивно од септември, октомври, но тешко е. На опозицијата не и е лесно. Судирот ќе биде жесток.

zafirova.zafirova@gmail.com