Денешна дата
18/08/2022

Затвор за борците на странски фронтови

Во септември ќе се менува Кривичниот закон, се предвидуваат затворски казни за учесниците на странските фронтови, а не само за оние кои врбуваат и организираат наши државјани да војуваат, какво што е актуелното законско решение. Предлогот доаѓа од претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов

И македонски државјани се вклучени во фронтовите во Сирија, Ирак и Северна Африка. Тие во сè поголем број се враќаат од кризните подрачја и се врши нова регрутација. Според поранешниот прв човек на МВР, Павле Трајанов постои реална закана за Македонија и за Балканот, затоа е потребно да се делува превентивно.

Во Кривичниот закон стои дека кривично дело е тој што организира, врбува и упатува наши државјани да учествуваат во паравоени и воени формации во кризните подрачја.

Inbox Standard logo

Павле Трајанов

„Јас подготвив закон за измени и дополнувања на Кривичниот закон, во кој што предлагам тој што учествува во странска паравоена или воена формации да се казни со затвор од три месеци до три години. Овој законски проект го доставив пред еден месец на внатрешно партиско усогласување и очекувам позитивен одговор и веднаш после одморите да почне процедурата за негово донесување“, објаснува Павле Трајанов во интервју за Инбокс7, кое во целост ќе го објавиме  наскоро.

Министерката Гордана Јанкулоска вчера изјави дека актуелното законско решение треба да се промени и да предвидува санкционирање освен на организаторите на групите, и на лицата кои заминуваат да се борат во Сирија, Ирак или Авганистан.

„Лично сметам дека има простор за дополнително засилување на регулативата, односно дефинирање на ново кривично дело или проширување на актуелното во кое ќе се предвиди санкција за лицата за кои ќе биде утврдено дека учествувале во вакви дејствија“, рече Јанкуловска.

gordana-jankulovska

Гордана Јанкулоска

„Досега седуммина наши државјани загинаа во Сирија на страна на опозицијата. Проценките се дека неколку десетици, можеби над сто се вклучени во овие паравоени формации, дека тие се обучуваат за извршување на борбени активности, на терористички активности, дека можат да користат средства за масовно уништување, можат да користат експлозивни средства – направи, како и други видови оружје. Тие имаат една посебна обука, прво им го „перат мозокот“ дека за некакви виши цели можат да убиваат, вклучително и жени и деца и т.н. Извршуваат свирепи убиства, свирепи ликвидации. Независно од тоа тие се сериозна закана за безбедноста на секоја држава лоцирана на Балканот и тие се закана за нашите стратешки, национални и територијални интереси“, вели Трајанов.

Според него по интервенцијата на САД во Ирак тие во сè поголем број ќе се враќаат од кризните подрачја од Сирија и од Ирак на безбедно, а безбедно е таму од каде што потекнуваат и каде што имаат свои врски, комуникации и контакти.

„Веќе дел од нив се вратени во Косово веројатно и во Македонија и тие може сите заедно да се организираат и да почнат со напади против нашите стратешки интереси. Тоа е реална можност и објективна закана во Република Македонија“, проценува поранешниот прв човек на МВР.

Се врши нова регрутација

Првиот човек на Исламската верска заедница во Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи во изјава за Гласот на Америка на албански јазик го истакнува проблемот за кој вели не можеме да го скриеме- ИВЗ нема контрола на две џамии.

reis sulejman redzepi

Сулејман Реџепи

„Во џамиите „Јахја-паша“ и „Тутунсези“, каде иако како вработени имаме наши луѓе, имамите и нивните помошници, првиот човек не е наш, туку е наметнат. И покрај тоа, ние сме слободни и не може да ни го забрани влезот, но немаме целосна контрола во овие две џамии. Сме барале од компетентните владини органи да ни помогнат почитувајќи го законот, но тие не ја извршија својата работа, затоа доколку нешто се случи во Јахја-пашината џамија и во „Тутунзес“, за нас, тоа ќе се случи во МВР, а не во нашите објекти“, истакнува поглаварот на ИВЗ, Реџепи.

Според него материјалниот интерес им е главен мотив на Албанците што заминуваат за Украина, Ирак и за Сирија.

„Оние лица што го поттикнуваат заминувањето во војната во Сирија самите остануваат дома и го гледаат само материјалниот интерес. Тие не се свесни каква штета ни прават нам како муслимани и како Албанци. Имам една порака до сите што ги сакаат мирот, културата и цивилизацијата: барам да функционира правната држава“, апелира Реџепи.

Тој истакнува дека не може да биде херој (шехид) еден човек кој заминал од овде во цивилна војна меѓу власта и опозицијата, вели Реџепи и додава дека организациите што се борат во Сирија и во Ирак, како ИДИЛ, немаат никаква врска со исламот, туку се целосно терористички.

Претседателот на Демократскиот сојуз  Трајанов објаснува дека врбувањето е на верска основа, дека тоа е света војна – џихад, дека мора да се спротивстават на империјалистичките сили и се она што е врзано за САД, Англија, Германија, дека тоа е сериозна закана за нивните интереси.

„Ги мотивираат по верска основа, но сметам дека тука има и политичко влијание глобално, бидејќи тие што раководат со овие процеси располагаат со огромна финансиска моќ. На еден или на друг начин ги мотивираат, врбуваат луѓе, посебно младите се подложни на влијание“, оценува Трајанов.

„Се врши нова регрутација, така што мораме да бидеме крајно претпазливи и сите треба да бидеме одговорни и да се преземат пред сè превентивни мерки. Ако ни се случи некој настан сличен на Смиљковско езеро последиците може да бидат страшни за вкупните состојби во Република Македонија. И тогаш сигурно дека ќе се бара одговорност, бидејќи не можеме да дозволиме државните институции да тврдат дека се е мирно стабилно, а од друга страна сите влијателни центри кои што ги истражуваат безбедносните појави и прашања, политичките состојби во светот сите укажуваат дека има наши државјани кои учествуваат во воени конфликти и дека тие се сериозна закана за безбедноста на сите“, вели Трајанов.

Платените војници заработуваат 2.000 до 3.000 долари неделно

„Оние кои врбуваат српски граѓани и организираат нивно заминување на странските боишта ќе бидат казнети од две до 12 години затвор, додека поединци кои сами ќе се приклучат на воените и паравоените сили во светот ќе бидат казнети со една до пет години затвор. Тоа се измените на Кривичниот закон кој ќе биде усвоен на есен“, ијави за српските медиуми потпретседателот на српската влада, Расим Љајиќ.

Ukraine Protests

Капката која ја прелеа чашата во Србија и го забрза донесувањето на законските измени е појавата на група мажи кои себе си се нарекуваат четнички одред „Јован Шевиќ“, кои војуваат на страната на прорусите сепаратисти во Украина и јавно се фалат дека убиваат Украинци.

ivica-dacic

Ивица Дачиќ

Тие се нарекуваат уште и „Кучиња на војната“ а нивната плата неофицијално изнесува 2.000 долари, односно 3.000 долари неделно, за оние кои војуваат на страната на украинската војска. За српските доброволци министерот Ивица Дачиќ предупреди дека ги има и во Сирија и во Ирак. Во Украина во моментот имало 100 Срби. Во борбите учествуваат 45 припадници на четничкото движење, 20 доброволци, како и 20 или 30 Срби или лица со српско потекло кои порано живееле во Украина.

Македонската полицијата нема официјален податок за тоа колку македонски државјани учествуваат или биле борци во војните на Блискиот Исток и во Северна Африка. Вчера во Сирија беше убиен еден 24 –годишен Албанец, кој како што јавија албанските медиуми бил под влијание на џихадистите. Официјално, 36 етнички Албанци од регионов загинале борејќи се во редовите на екстремистичките групи во Сирија и во Ирак, од кои седуммина се од Македонија. Во последната акција на Косовската полиција неодамна беа уапсени над 90 џихадисти, еден од нив имал македонско државјанство.

Уредник: Стојанка Митреска

stavrova@inbox7.mk