Денешна дата
15/11/2018

Стотици граѓани останаа и без плата и без пензија

Неусогласеноста на Законот за бруто плата, Законот за парнична постапка(ЗПП), Законот за извршување како и Законот за задолжително осигурување може да остават стотици граѓани во Македонија без пензии затоа што наместо како до 2009 година кога работодавците исплатуваа посебно плати, посебно придонеси, сега тие мора да вршат интегрирана уплата на сите трошоци за еден работник. Инбокс 7 го истражуваше овој правен ќорсокак во кој сите инволвирани тврдат дека работат според законите

Заглавен помеѓу неусогласените закони и институционалните лавиринти, Данко Л. е еден од стотиците граѓани во Македонија, кој, иако ги остварил условите, никако не може да замине во пензија. Проблемите на овој шеесет и четири годишен кумановец почнале во фирмата во која работел, а која неколку години наназад не му ги исплаќала задолжителните придонеси. Кога решил да си го оствари правото на пензија, овој работник се соочил со проблем кој нема да може лесно, ниту во брзо време да го реши. Јазолот се врзал поради неусогласеност на законите и правни недоречености.

Неусогласеноста на четирите закони-Законот за бруто плата, Законот за парнична постапка(ЗПП), Законот за извршување како и Законот за задолжително осигурување може да остават стотици граѓани во Македонија без пензии затоа што наместо како до 2009 година кога работодавците исплатуваа посебно плати, посебно придонеси, сега тие мора да вршат интегрирана уплата на сите трошоци за еден работник.

Правда заглавена во судирот на закони

???????????????????????????????

Трошка надеж му се јавила кога Основниот суд во Куманово пресудил во негова корист, а извршител ги наплатил парите од фирмата во која што работел Данко. Но наместо парите да бидат уплатени на сметка на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), тие се уште стојат заглавени на сметка на извршителот од Куманово.

Ги известив и Министерството за финансии и Управата за јавни приходи(УЈП). Но од УЈП побараа да се достави табеларен преглед на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, придонес за здравствено осигурување, придонес за дополнително здравствено осигурување, придонес за вработување и персонален данок на плата за периодот од јануари до ноември 2009 година. Пресудата мора да ги содржи овие податоци за да се вклопи во концептот за интегрирана наплата согласно Законот за бруто плата кој се применува токму од 2009 година. Од регионалната дирекција во Скопје побараа да се промени пресудата која е правосилна и извршна, што е невозможно“, ја раскажува својата мака Данко

И ПИОМ и УЈП и судовите и Комората на извршители(КИРМ) се сложни дека проблем постои, но секоја од овие институции објаснува дека работи според своите закони од кои не смее да отстапи.

 

gordan-stankovik akademik

„Системот за интегрирана наплата на УЈП за пресметка и наплата на придонесите е така направен што во него мора да се внесат податоците за сите придонеси поединечно вклучувајќи ги тука платата, придонесите за здравствено осигурување и за дополнително здравствено осигурување, како и даноците што работодавците ги плаќаат за работниците. Но судовите, често и по вина на странките носат половични пресуди во кои пресудуваат наплата на придонеси само за пензиско и инвалидско осигурување, но не и за другите давачки. Постои судир помеѓу Законот за бруто плата и ЗПП“, вели Гордан Станковиќ, член на Управниот одбор на КИРМ.

 

 

Поради ова, објаснува тој, на сметка на извршителите со години стојат наплатени пари за придонеси кои не можат да ги уплатат во УЈП со што извршителите го кршат Законот за извршување. Според овој закон, на сметката на извршителот наплатените пари не смее да стојат повеќе од 15 дена.

Од УЈП објаснуваат дека врз основа на поднесено барање од страна на извршител, а врз основа на судска пресуда, тие подготвуваат пресметки и налог за плаќање според системот бруто – плата. Според овој систем, се предвидува да се изврши плаќање на сите придонеси од задолжително социјално осигурување, персоналниот данок на доход од плата и исплата на нето платата со што е невозможно придонесите да се уплатуваат поединечно.

Од Основниот суд Куманово, пак, велат дека и да сакаат да пресудат поинаку не можат, бидејќи со тоа би работеле спротивно на Законот за парнична постапка(ЗПП).

„Согласно законот, судот не сме да излегува од рамките на барањата што странките ги побарале во тужбата. Што се однесува до тужбените барања од работните односи, односно наплата на придонесите, согласно начелниот став на Врховниот суд, работникот може да поднесува тужби исклучиво само за придонесите од пензиското и инвалидското осигурување, но не и за останатите придонеси. Па така, доколку се случи работникот и да побара наплата на другите придонеси, судот во тој дел го одбива тужбеното барање затоа што право да поднесуваат тужба за неплатени придонеси од здравствено осигурување има Фондот за здравствено осигурување(ФЗОМ), за неплатен персонален данок тоа е Управата за јавни приходи(УЈП)“, велат од кумановскиот суд.

 

Кој смее, а кој не смее да ги тужи работодавците?

fond_penzisko

 

Од ПИОМ објаснуваат дека тие немаат никаква законска надлежност да ги тужат неплаќачите, па затоа ако наплатата на придонеси не е доброволна тогаш тие можат само да ја блокираат сметката на работодавачите.

„Ниту со поранешниот Закон за ПИО, ниту со постојниот, ниту пак со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, ПИОМ немал и нема законска можност да поднесува тужби против работодавачите кои не го плаќаат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Единствена можност е фондот да изрши блокирање на жиро-сметката на обврзникот доколку истите навремено  не ги плаќаат придонесите и тоа само за придонесите заклучно со крајот на 2008 година“, вели Занија Асаноски, началник на одделението за контрола на податоци од придонеси во ПИОМ.

И од Управата за јавни приходи велат дека според нивните правила за работа управата е должна само да утврдува придонеси и даноци и истите да ги наплатува доброволно или присилно.

Единствено Фондот за здравствено осигурување(ФЗОМ) води судски битки со работодавачите кои не ги плаќаат придонесите за работниците.

ФЗОМ пред надлежните судови води неколку видови постапки како што се постапки за побарувања за ненаплатени придонеси од должници за кои е отворена стечајна или ликвидациона постапка. Потоа, имаме тужби против обврзници за неплатен придонес како и постапки за надомест на штета за трошоците направени за здравствена заштита и надоместок на плата во случај на спреченост за работа и тоа во повеќе околности. Во 2013 година водени се 646 постапки. Вкупните побарувања на фондот изнесувале 140,4 милиони денари а наплатени се околу 4,6 милиони денари“, велат од ФЗОМ.

 

Од 646 постапки, најмногу (200) се воделе против тужени обврзници (работодавци) од кои ФЗОМ побарува нешто повеќе од 5,5 милиони денари, а успеал да наплати двојно помалку (2,5 милиони денари). Против фирмите за кои се води стечајна постапка или постапка за ликвидација, а кои на работниците не им платиле придонеси се воделе вкупно 247 постапки во кои биле побарани околу 133 милиони денари, а наплатени се околу 520 илјади денари.

Решение има, треба само добра волја

Сите надлежни институции признаваат дека проблемот е во неусогласеноста на законите и дека токму поради тоа сите заедно одржале средби на кои било заклучено дека проблемите со наплата на придонесите мора да бидат решени.       

„Има неколку случаи во кои што извршители, адвокати и осигуреници дошле кај мене да разговараме и да побараат помош за разрешување на овој проблем. Покрај другото, од моја страна им беше укажано дека системот за наплата го презеде УЈП, а во системот постои можност за изработка на налози по судска пресуда. Таа можност Фондот се уште ја користи за наплата на придонеси до крајот на 2008 година. Не би можел да одговорам зошто УЈП не постапува така. Истовремено им укажав дека од неспроведувањето на судските пресуди штета има и Фондот, бидејќи и ние како институција не можеме да ги наплатиме придонесите“, вели Асаноски.

Извршителот Станковиќ одговорноста ја лоцира во Владата и Собранието затоа што, како што вели тој, чекаат многу долго додека да ги отстранат неправилностите во законите. Според него, најдобро решение за правните недоследности во остварувањето на правото на пензија е  работниците сами да ги плаќаат придонесите.

„Зошто да не може да им се дозволи на работниците сами да ги уплатат парите за придонесите што не им се платени? Подоцна работникот може да го тужи работодавецот и да си ги бара парите назад. Но, до тогаш парите за придонеси ќе бидат платени, а работниците нема да имаат проблем да го остварат правото на пензија“, предлага Станковиќ.  

Уредник: Стојанка Митреска

opetceska@inbox7.mk