Денешна дата
16/07/2019

Листеријата ја „закла“ месната индустрија

Продажбата на сувомеснатите производи е намалена за неверојатни 70 отсто. Рафтовите на супермаркетите се празни, а производите на месната индустрија се чуваат во магацините, чекаат резултати од анализите и по 12 дена. Дневно оваа индустрија губи и до половина милион евра

Побарувачката за домашните сувомеснати производи е сведена на минимум откако беше обелоденето дека во месни преработки е пронајдена бактеријата листерија која може да предизвика и смртоносни последици. Во последниве два месеца ретко кој купува сувомеснато. Ивица Насевски, раководител на маркет во КИТ-ГО, Штип вели дека домашното сувомеснато скоро и да не се продава.

Listeria

Прометот на сувомеснати производи е драстично опаднат. Според некои наши проценки за 70 отсто е намалена продажбата во однос на истиот период минатата година. Паника од листеријата се чувствува помеѓу потрошувачите. Сега пазаруваат само некои сендвичарници и бурекџилници кои работат со тоа“, вели Насевски.

Покрај ова дополнителен проблем е и набавката на стока. Поради контролите на производите, од страна на надлежните лаборатории се направи уште поголем застој. Рафтот со домашни сувомеснати производи, буквално стои празен. За разлика од домашното, продажбата на странските сувомеснати производи исто така е намалена, но таму барем имаме стока, додава Насевски.

Дека е опаднат прометот се жали и Зоран Јованов, сопственик на колонијална продавница.

Витрината стои така, тие производи што сме ги наредиле во нејзе стојат веќе 20 дена. Само ќе ги пребришеме од прашина и пак ги враќаме назад. Никој ниту купува, ниту пак прашува за месна преработка“, се жали Јованов.

Тој вели дека секој ден фрлаат по некој пакет со сувомеснато кој е пред истекот на рокот.

И странците се исплашија од „македонската“ листерија

Месната индустрија во земјава го преживува најтешкиот период од своето постоење. Надлежните институции имаат донесено одредби, секој лот (дневно производство на еден производ) да оди на контрола. Ова го поскапува производството.

Раде Трајковски, сопственик на месната индустрија Глобус вели дека дневно само за анализи плаќаат стотици евра.

Rade Trajkovski

Раде Трајковски

Мојата фирма секој ден плаќа по 600 евра само за анализи (10 лота по 60 евра). Тоа дополнително ја оптоварува крајната цена на производот“, се жали Трајковски.

Дополнителен проблем е што премногу долго се чека за добивање на резултати, а со тоа и одобрение за пуштање во промет на испитуваните мостри.

Моментално нашите лаборатории не можат да постигнат да извршат анализа врз сите производи. Ние имаме 10 производи, тоа се 10 лота и за секој од нив секојдневно носиме по 5 производи од секој лот за анализа. Тие анализи траат и по 11 дена, а додека не добиеме резултати од анализите ние ги чуваме производите во магацини и ладилници и тоа чини пари“, вели Трајковски.

Поголемите месни индустрии во земјава испорачуваат по 60 тони месни преработки дневно, за 10 дена тоа се околу 600 тони месни преработки. Кога тие 600 тони ќе ги помножиме со 2,5 евра колку што просечно чини килограм месни преработки ќе излезе штета од над 1,5 милиони евра за 10 дена.

Слична е состојбата и при извозот, чекаме резултати и за тие производи. Дополнителна штета од оваа паника ни е нанесена во извозот. Нашите клиенти во странство ги намалија порачките бидејќи се исплашија по ова медиумска помпа што сами си ја направивме“, вели Трајковски.

Дневните загуби на ова индустрија достигнуваат и до половина милион евра. Во меѓувреме странските сувомеснати производи влегуваат на домашниот пазар, коментира  наш извор кој сакаше да остане анонимен.

Никогаш не било потешко

Во 1991 година Македонија беше увозно зависна од преработки од месо со дури 95 отсто. Србија, Хрватска и Словенија главно беа насочени кон производство на преработки од месо. Поранешните југословенски републики имаа големи залихи и резерви на живи животни. Македонија, пак, со околу 70 отсто од пазарот во поранешна Југославија го снабдуваше со јајца.

00FEgg

Пионер во создавањето на месната индустрија во земјава е Глобус.

На 14 април 1994 година, почна со работа Глобус, јас им бев идол на сите. Екстра меин почна со работа во 1996 година. За неполни 20 години успеавме да го замениме увозот со наши производи. Сега околу 90 отсто од вкупната потрошувачка на сувомеснати производи е од домашно производство“, вели Трајковски.

Тој се согласува дека ова е еден од најтешките периоди за македонската месна индустрија.

Со тврдењата на Трајковски се согласува и Драган Радосављевиќ, кој е во ова индустрија уште од самиот почеток.

Ова паника е направена да им се нанесе штета на компаниите кои добро работат. Екстра Меин од Куманово беше една од најдобрите фирми за сувомеснати производи во Македонија“, вели Радосављевиќ.

Тој се запрашува како може да се најде листерија во вакумиран свински врат кога барените производи, како што е посочениот врат, термички се обработуваат на температура повисока од 70 степени Целзиусови. И да ја имало бактеријата во свинскиот врат, таа ќе била уништена.

Само куленот и чајната не се третираат термички и кај нив доколку има бактерија во месото таа ќе продолжи да опстојува.

Факти за месната индустрија

> Во Македонија годишно се конзумираат од 30 до 40.000 тони месни преработки. До 1990 година се конзумираа околу 20.000 тони, но тогаш многу повеќе во исхраната се користеше месото кое се приготвуваше во домашни услови.

> Годишно, само во месопреработувачката индустрија се остварува промет од 100 до 130 милиони евра

> Во 2013 година од извоз на месни преработки е остварен девизен прилив од 15 милиони евра, а се извезени околу 7.000 тони месни преработки

> Во месната индустрија има околу 3.000 вработени

> 95% од месото за преработки (смрзнато месо) се увезува.

> Минатата година се увезени 60.000 тони, свинско, говедско и пилешко месо (свежо и смрзнато месо).

> Вкупната вредност на увезеното свежо и смрзнато месо е 105 милиони евра

> Најмногу пилешко месо е увезено од Бразил и Германија

> Најмногу свинско месо е увезено од Канада и Шпанија

> Најмногу говедско месо е увезено од Полска и Австрија

Но, од 2013 година се случуваат големи турбуленции во оваа индустрија, се затвори месната индустрија Римес, Мега ги затвори сите продавници во Источна Македонија а се зборува дека се затворени и други продавници во земјава. Сега на колена е и Екстра меин“, вели Ѕвонко Богатинов, поранешен раководител на продавница на Мега во Штип.

Од „Екстра меин“ побаравме изјава, но не ни одговорија на нашето барање. Побаравме изјава и од „Пекабеско“, една од поголемите компании во месопреработувачката индустрија, но сопственикот Слободан Кутревски, беше на годишен одмор и како што ни рече, не бил многу запознаен со случувањата околу листеријата и штетите врз месната индустрија.

Од МИК Свети Николе ни рекоа дека ќе чекаат официјален став на целата индустрија, преку Стопанската комора, а поединечни изјави нема да даваат.

 

Прелевманот за увоз на свинско месо ги поскапува домашните преработки

Од 1996 година е воведен прелевман и повисоки царини при увозот на свинско месо. Целта на оваа давачка е да се заштити домашната индустрија за производство на свињи. Но, досега некое поголемо производство на свинско месо нема.

Од производството на животни кај нас се задржа само свињата, иако земјава има потреба од околу 25.000 свињи на годишно ниво. Околу 90% од пазарот со свежо свинско месо е од домашно производство, но за индустриски преработки нема“, вели Раде Трајковски, сопственикот на Глобус.

Тој додава дека домашно месо за преработки има многу малку. Обично вишоци од домашно месо, и тоа само свинско на пазарот има за позначајните празници, останатото целосно доаѓа од увоз.

Домашните сувомесни производи од свинско месо, поради прелевманот што се плаќа се поскапи во однос на производите од Србија, Австрија или Словенија.

Уредник: Стојанка Митреска

 

lefkov@yahoo.com