Денешна дата
14/10/2019

Ќе учат да делат со 1.000, а не знаат да бројат до 100

Ќе успее ли Македонија да изгради образовен систем во кој учениците ќе размислуваат со своја глава, ќе бидат критични и истражувачи? Тоа го нуди новата програма за основците до трето одделение работена според британски модел. Наставниците предупредуваат дека ќе биде сложена и тешка за учење

Учениците од прво до трето одделение од оваа учебна година ќе учат според иста програма како своите врсници од Велика Британија. Без претходни подготовки, на крајот од годината тие ќе треба да научат да бројат до илјада или пак да делат, иако пред тоа воопшто не учеле ниту да бројот до сто, ниту за математичките операции множење и делење. Ова се најчесто забелешките на наставниците за новата програма. Но, стручните лица задолжени да ги спроведат новините ги истакнуваат квалитетните страни на наставната програма во која ученикот ќе има централно место и ќе се насочува пред се критички да размислува.

vesna-horvat

Весна Хорватовиќ

Знаењето на македонските ученици по математика и природни науки не е на посакуваното ниво, па затоа Владата го задолжи Бирото за развој на образованието (БРО) да преземе активности за унапредување на квалитетот во образованието, вели Весна Хорватовиќ по одлуката, учениците во основното образование од оваа учебна година да учат според наставните програми подготвени од светски познатиот образовен центар Кембриџ од Велика Британија.
„Адаптирањето на наставните програми по предметите математика и природни науки е одлична основа за постојан развој на ученикот и во следните образовни периоди од образованието. Програмите содржат нов концепт на изучување на математиката и на природните науки, поголемо научно истражување од страна на наставникот и учениците. Со тоа ќе се развие самодовербата и критичкото мислење кај учениците, тие ќе можат слободно да размилсуваат и да ги користат доказите од истражувањата. Со реализирањето на овие наставни програми ученикот се става во центарот на образовниот процес“, вели Хорватовиќ, за Инбокс 7.

 

Првооделенците ќе бидат на тешка мака

 

Најтешко ќе биде со првачињата, вели Николина Настеска, наставничка во основното училиште “Мирче Ацев“ од селото Лажани, општина Долнени.
„Новата програма е премногу тешка и воопшто не е прилагодена на возраста на прводделенците. Тие немаат претходна подготовка за тоа и ќе биде навистина тешко да ги подготвиме децата за она што ги очекува
во второ и во трето одделение. Несоодветната програма ќе повлече и други последици како што е екстерното тестирање. Ние, наставниците ќе бидеме оценувани врз основа на резултатите што ќе ги покажат децата кои ќе учат по нова програма која тешко ќе ја реализираме“, вели Настеска.

cambridge
Ленче Јовановска, професорка по македонски јазик и литература во средното електро-машинско училиште „Свети Наум Охридски“ од Охрид вели дека никако не може да се споредува начинот на образование во Велика Британија и во Македонија.
„Знаењето не се стекнува само преку тестови. Конкретно кај нас, на сметка на образованието се губи на воспитниот процес на кој и тоа како треба да се обрне внимание. Смислата на воспитно-образовниот процес е да изградиме ученици кои ќе размислуваат со своја глава, а не ученици кои понекогаш на среќа ги заокружуваат еден од понудените одговори на тестовите и со тоа добиваат преодни оценки или поголеми од оние што можеби ги заслужиле“, вели Јовановска.
Хорватовиќ пак уверува дека адаптираните наставни програми по математика и природни науки и досегашните наставни програми од деветгодишното основно образование суштински не се разликуваат многу.
„Ова значи дека се посветува посебно внимание на методскиот пристап за реализацијата на наставната програма која е спирална, односно учениците учат одредена тема, на која подоцна во текот на наставта повторно се навраќаат и ја изучуваат на повисоко ниво. Наставните програми вклучуваат и истражувачка работа која треба да ги охрабри учениците да поставуваат прашања и самите или со помош на наставниците да доаѓаат до одговори. Посебен акцент се става на решавањето на проблеми, преку кои учениците преку примери треба да научат дека математиката и природните науки ќе им помогнат полесно да решаваат одредени проблеми во секојдневниот живот“, објаснува Хорватовиќ.

 

За ефектите и контраефектите

 
Во прилог на квалитетот на новите наставни програми работени по теркот на англиското основно образование, Хорватовиќ ги посочува, како што вели, новите и квалитетни учебници и прирачници.
Фанче Јошевска наставничка во основното училиште „Елпида Караманди“ од Битола вели дека искуството од досегашните обуки на наставниците не ветува ништо добро, дека реализацијата на новата наставна програма ќе оди тешко, а ефектите или ќе бидат многу мали или пак уште полошо, ќе има контраефекти.
„Никој од нас не е против реформи, но тоа требаше прво да се направи преку пилот проекти преку кои ќе се видат ефектите од оваа промена. За новата програма што ќе ја учат учениците во трето и четврто одделение разбравме во април годинава. Она што до сега го воочивме како недостаток во новата програма е тоа што има недоследности во учебниците. Така на пример по предметот математика учениците во трето одделение ќе треба да учат да делат со остаток, а тие во второ одделение воопшто не ја учеле операцијата делење. Или на пример истите тие ученици сега ќе треба да учат да бројат до 1.000, а во второ одделение учеле најмногу до 100. Ова важи и за другите предмети по природни науки, но и за учениците од четврто и петто одделение кои од следната учебна година ќе треба да учат по оваа програма“, вели Јошевска.

 

Што е „Кембриџ наставна програма“?

matematika cambridge
Главните карактеристики на адаптираните наставни програми по предметите математика и природни науки е таканаречената спирална наставна програма според која учениците учат одредена тема, но подоцна во наставата се навраќаат на истата и ја изучуваат на повисоко ниво и во поинаков контекст.
Другата карактеристика на новите наставни програми се научните истражувања чија цел е, учениците да се насочат како во иднина да станат научници. Програмите вклучуваат истражувања кои ги охрабруваат учениците да поставуваат прашања и самите да доаѓаат до одговори со поддршката од наставниците. Оваа метода треба да им овозможи на учениците да развијат критичко мислење, да размислуваат и да ги користат доказите до кои што доаѓаат во текот на учењето.
Уште една карактеристика на новите „Кембриџ наставни програми“ е решавањето на проблеми. Со ова, се очекува учениците многу лесно да научат дека математиката и природните науки се важни и дека тие ќе им помогнат во решавање на проблемите во секојдневниот живот.

 

За наставниците проблем ќе бидат и условите за работа.
„Дополнителен проблем за нас ќе биде како да ги обезбедиме потребните помагала за работа. На обуките што ги организираше Бирото за развој на образованието ни беше речено дека ќе мора сами да се снаоѓаме. Еве на пример ако треба да се учи множење со десет, за секој ученик ќе треба да се обезбеди по десет алатки за броење, ете на пример капачиња од шишиња кои најлесно се наоѓаат. Ако во еден клас има по околу триесет ученици тогаш само за тоа ќе ни бидат потребни 300 капачиња, за да можеме на учениците наједноставно да им ја доближиме операцијата множење“, вели Јошевска.
Во новата учебна година, учениците од прво до трето одделение ќе учат математика и запознавање на околината според наставните програми од Кембриџ.
Воведувањето на наставните програми и учебници по предметите од областа на природните науки и математика за учениците од четврто до шесто одделение е предвидено во учебната 2015/2016 година, додека целосното заокружување на реформата е предивидено со стартот на учебната 2016/2017 година, кога ќе бидат воведени наставните програми и учебници за ученициите од седмо до девето одделение. Наставните програми ќе бидат на македонски, албански, турски и српски јазик.

Уредник: Стојанка Митреска

opetceska@inbox7.mk