Денешна дата
25/10/2020

И ПО МЕРКЕЛ – МАКЕДОНИЈА ОФ ШОР ДРЖАВА

Гледам и неверувам. – ТВ профил на млада и атрактивна девојка во вести на ТВ Сител со апел за парична помош. Девојката имала “РАК НА ГЕНИТАЛИИ“. Замислете ја атрактивната дама по десет години како одговара – што стана со твојот рак на половите органи – вулва, клиториус, вагинални усни?!? А ќе можеш ли да раѓаш – би ја прашал идниот вереник и свекор…? На девојката и недостигале 4000 евра, но ваквата медиумска обесчестеност ќе ја следи наредните 40 години. Од каде ваквата медиумска моќ до бескрупулозност?

Одговорот стигна истата вечер. Од едно друго студио, министерот за здравство предложи формирање на слободно здравствени зони со лоцирање на светски познати болници. Во нив не смеат да се лекуваат пациенти од Македонија и Косово?!! Но, зошто би можело од Прешево и Бујановац во Србија или од Албанија и Бугарија? Случаи, како на кутрата девојка од Сителовата информација за нејзиниот РАК на ГЕНИТАЛИИ, во иднина, наместо во странство, би се (из)лекува во затворениот болнички кампус на територијата на Македонија. Можеби ограден со бодликава жица, небаре тоа е Пентагон капм, од кризните воени подрачја? Дали Министерот за здравство, овие оф-шор болници го видел при неодамнешните посети на Лондонски Харли стрит, улицатасиноним за врвното светско здравство, или Харли хоспитал, или Велингтон центар, па Портланд хоспитал, или на Кралската детска клиника на Грејт Ормон болницата, каде е опериран еден од младите британските принцови. Тоа се дел од светски здравствени установи, каде, на првите три ката од  клиниките се лекуваат домашните пациенти, со минимум здравствен пакет, а на следните три ката се апартманите за приватните пациенти од светот. Наспроти овие стандардно, се нудат искуствата од Турција и Абу Даби, земји далеку од Унијата и светските доктринарни и фармацевстки стандарди.

Оваа идеја на Министерот за здравство за фри-шоп здравство, очигледно е дел од покомплексен план на Владата – од Македонија да направат оф-шор држава. Формирани се десетината слободни економски зони, каде почнаа да доминираат компаниите од Германија, со умешна регионална лоцираност и максимална потенција од даночните олеснување,  царинските бенифити,  се до Владините стимулации и искористеност на потенцијалите на шраф-индустријата.

Извозот од зоните во првото полугодие изнесува 550 милиони евра, а докрајот од годината над една милјарда евра. Но, и контролираните весници во Македонија пишуваа дека најголемиот извозник е и најголем увозник, што доволно укажува на нето-ефектот. Капиталот завршува надвор, а дома главно остануваат парите за плати на вработените, кои исто така во дел ги субвенционира државата.  

Стратегијата за економско-политичка кантонизaција на Македонија продолжува со уставниот амандман за формирање на Меѓународната финансиска зона, во која би требало да се привлечат инвестициските фондови, осигурителните компании, банките со департмантите за ризични депозити и пласмани. Овој Центар за сомнителен финасиски инжињеринг во Македонија ќе биде екс-територија во државата. Во него нема да владеат законите на државата, даночното, комерцијално деловното и граѓанското право на РМ, каде нема да важи судската власт. Во неа нема да се има увид во перењето пари од дрога, тероризам, илегална продажба на оружје, неможе да се спроведе супервизија на Народна Банка.

Оаза за легализација на 110 милјарди долари што од Балканот, во декадата од 2001 се одлееа во финасиските островски рајеви низ светот. Според студијата на Институтот Адријатик Македонија изгубила 4,6 милјарди долари во истиот период, преку“облици на криминал, корупција и даночно затајување, мито, има илегално одлевање на пари во различни банки.  Мора да се стори нешто за ова.  Бројките се шокантни.  Тоа значи, помалку пари за образование, здравствена заштита, инфраструктура, пензии,”изјави претседателката Наташа Срдоч.

Слушам и занемувам. Уставнитепромени се иницираат напрасито, во време на отсуство на опозицијата од законодавниот дом, што во досегашната парламентарна и демократска пракса е незабележано. Дури и кога Албанците не го гласаа сегашниот највисок акт на самостојна Македонија, нивните пратеници активно учествуваа во сите јавни расправи и дебатите во Уставната комисија. Затоа и се попритаени, а можеби погласни се шепотењата, за проценките дека експресно регулирање и формирањето на финасиската зона е обид на политичко-бизнис олигархијата да ги легализира своите пари изнесени во атлантските архипелази.Две третини од хеџ фондовите се регистрирани на Кајманските острови.

Целиот концепт базира врз оптимално искористување на времето додека Македонија останува во чекалницата на ЕУ. Со влез во Унијата престануваат даночните бенефиции, се затвораат економските зони, финасиската екс-територија мора да подлежи на контрола на домицилните ревизорски и банкарски институции.

Пратеничките перјаници на Владата се обидоа да ја оправдаат оваа избрзана уставна реформа. Особено реторично-празна беше пратеничката на социјалистите. Таа во Парламентот прва и здушно го бранеше концептот на финасискиот оф-шор во Македонија. Веројатно врз искуството на нејзиниот партиски лидер кој во раните деведесети, го испроба рецептот на неконтролиран финасиски рај и од Кратово-стан направи вистинска оф-шор општина во која наместо денарот важеа Силекс-овите бонови?

За одбраната на амандманот за финасиската зона со паралелата дека е позната таа во Даблин, само информацијата дека Ирското економско чудо, пред осум години, се распадна за само 90 денови, откако и тогашниот министер за финасии Брајан Ленихан 2010 изјави дека и препорачува на Владата да побара заем (неколку десетици милјарди евра) и да отпочне отворени формални преговори со меѓународни кредитори за излез од должничката криза во која се наоѓа Ирска. Требаше да се спасуваат банките со кои менаџираа главно американско-ирските ризични фондови.

Никогаш не ја проверувајте длабочината на реката со двете нозе – Ворен Бафет еден од светските могули на инвесициските трансакции.

Замислете ги фаците на мејнстрим политичарите и новинари во Македонија кои се опседнати со филанторпот Џорџ Сорос, само ако мал дел од неговиот Хеџ фонд  од 24, 5 милјарди долари можеше да биде стациониран и оперативен во идната Македонска финасиска екстериторија. Дали тогаш би здивнале нивните противници од таборот на македонските “соросоиди”. Или тогаш Власта ќе ја промовира својата реална и прагматична профи позиција-парите немаат идеологија? Но нека не се нервираат! Сорос својот богат фонд мораше да го претвори во семејна компанија, според новите и строги правила во САД за контрола на тековните трансакции на хеџ-фондовите, се регулирани соправила (Dodd-Frank). Тие мораа да се регистрираат кај Комисијата за хартии од вредност во Вашингтон најдоцна до март 2012 година. Услов беше да изготват програми според стандарди пропишани со законот, да учествуваат во системско известување за ризикот, што значи дека ќе треба да дадат повеќе податоци за нивната стратегија и тргување на долг рок до американската Влада. Оваа мерка е последица на финансиската криза која ги зафати САД во 2008 година и ја предизвика хипотекарната криза, за која Рубини и натами тврди дека има следен бран како девалвација на тргувањата со хартиите од вредност.

Македонија сака да стане нов Луксембург! Сета срека што нема море. Од Девствените острови се најзначајниот дел од странските инвестиции дојдени преку Народна Банка. Толку за регуларноста на финасиските текови на домашниот илегален капитал. Зарем ова не е формализирање на идеата за негова АМНЕСТИЈА?

По четири години Германија, можеби и Меркел, ќе оценува како се одвиваат реалните реформи во Западен Балкан. Зарем заборавивме дека германската финасиска полиција ги откри најголемите и затајувачи на даноци, елитни спортисти, бизнисмени, естрадни звезди, политичари, локални инвеститори, кои имаа свои тајни конта во Швајцарија и Луксембург.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)