Денешна дата
19/06/2019

Утепани и истепани!

По кој знае кој пат се докажува дека нам злото не може да не изненади, туку само доброто. Оти доброто кај нас може да се случи само по некоја случајност.

Тепачката меѓу пратениците Албанци, во нормални околности немаше да биде некаков лош настан, оти слични инциденти имало и ќе има насекаде по парламентите ширум светот. Тие често пати се случуваат од банални причини.

Но, кај нас работите се блиску до точката на вриење, оти инцидентите не се од банални причини, туку изворот на сите зла во државата се тешките деформации кај институциите на власта и на системот како целина. Тие се плод на докрај ретардирана политика што со години ја води постојната власт, која не бира средства за јакнење на тоталитаризмот, со цел непречено да продолжи со историскиот грабеж на јавните добра. Инцидентите се само логичен исход на една опака политика која ги има суспендирано сите институции, која гази по основните вредности на демократијата, и која тотално го има демонизирано плурало-политичкиот амбиент. Ни врапчињата веќе не веруваат во приказната дека парламентот е највисок дом на граѓаните, оти тој повеќе наликува на сервис на организираниот криминал.
Немањето демократија, ред и закон во државата има создадено голема антагонистичка поделба во целото општество. Луѓето се поделени и искарани по сите основи. Веќе етничкото и верското стана второстепено во споредба со поделба на патрици и плебејци. Едни не знаат што со парите, а други не знаат што со животот. Едни ништо не работат а се имаат, а други сешто работат а ништо немаат. Едни се плашат од смртта, а други се плашат од животот. Едните се на слобода а треба да бидат во затвор, а други се во затвор а треба да се на слобода. Едни високо летат, други длабоко тонат. Што полуксузно горе, толку мизерно доле. Што побогато горе, толку победно доле. Станавме општество на омразени слоеви, општество без комуникација, без дијалог. Освен ако тепачката ја сметаме за некаков дијалог со други средства. Ние самите дозволуваме да се давиме во плитките води на власта.
Во вакви констелации, слободно може да се каже дека парламентот наликува во арена на гладијатори каде што потчинетите треба да се борат за живот или смрт, за да ја задоволат страста на владеачката класа и на нивните претпоставени. Имено, тоа што се случува надвор од парламентот неминовно се отсликува и внатре. Па нели гледаме како се понижуваат интелектуалци за да фатат некој проект?! Како се лигават писатели за да им се финансира некоја книга?! Како бизнисмените молат, ползат и лижат, уплашени да не ги зарече лошото око на власта кое носи финансиска смрт?! Многумина поаѓаат од (не)логиката дека раката што не можеш да ја собориш треба да ја бакнеш. Власта поткупува новинари, професори, наставници, лекари, банкари, пекари, земјоделци, занаетчии и кого не?! И тоа со нивни пари! Патриците за седум години префрлија надвор од државата над 4,6 милјарди евра, толку колку што беа украдени од плебејците. И сега државата која има двојно поголем буџет од пред осум години, двојно е посиромашна и двојно позадолжена. Како дефокусирање, со помош на поткупените медиуми власта систематски продуцира колективна депресија и програмирано ни нуди поларизирање, тепачки и конфликти. Оти од ненормална власт не може да се очекува нормални работи. Таа и не може да живее со нормалата. Сега парламентот не само што не е ниту микрон во тоа што се нарекува контролор на владата, туку уште полошто, тој е претворен во деформиран уличен трубачки оркестар со кој диригираат умноболни клептократи. На сето ова луѓето остануваат слепи, а на земјата на слепи луѓе едноокиот е главната личност. Таму неверојатно простите се продаваат како просто неверојатни.
Опозицијата заедно со многу други структури, треба да ја убеди внатрешната и странската јавност дека тука со самиот факт што тотално се суспендирани државните институции е извршено тивок државен удар. Дека законски ќе мора да одговарат сите структури и поединци што подржувале таков државен удар. Со тоа таа ќе се здобива со кредибилитет со сите средства да ја урива таквата власт, која поинаку и не паѓа. Опозицијата ќе мора да разбере дека таму кај што нема никаква борба не може да има ниту победа. А луѓето треба да сфатат дека храбрите умираат само еднаш, а кукавиците умираат секој ден. Утепани или истепани.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

 

 

bilali@inbox7.mk