Денешна дата
17/12/2017

Избoрна берза: ТАЈВАНСКИ ЛИЦИТАЦИИ

Домашниот телефон неделава двапати ѕвонеше…, наутро и рано попладне.

– Дали може неколку одговори…?

– О, не…!!!!

Анкетарите вртат, граѓаните сè поисплашени, ретко кој одговара на изборниот тест. Тие го знаат бројот од телефонот, фиксниот или мобилниот телефон, бидејќи адресарите на 188 се јавни и се достапни. Потоа сè е лесно, никој нема гарантирана тајност за сопственото избирачко право, да гласаш без да знае општинскиот месен комитет или партискиот штаб, уличните озборувачи, комшиските натрапници, селските „мешетари“, полициските доушници, избирачките комисии. Не може да го сокриете титуларот на телефонот, станот, зградата, локацијата на живеење, гласачкото место, редоследот во избирачкиот список. Тој ѕвони, повикува и гласа. Три во едно, како за кафе.

Вкрстеното и компаративно испрашување не запира? Приватноста одамна е јавно добро, со кое се калкулира вредноста на гласот (акцијата) на изборната берза.

Кој наддава? Главно се тие што сакаат да ја докапитализираат Македонија, како нивна дедовина.

Кој купува? Малкумина од врвот на државната корпорација кои имаат нерегистриран стекнат капитал?

Дали случајно девизните резерви во изминативе три месеци се зголемени за триесет и нешто милиони евра. Колку со приливите од островите (ќе) се легализираат најавените „странски“ инвестиции.

Третата декада од македонската посттранзиција веќе нема акционери, но ги има неформалните ваучери. На социјалците надомест, на бедните отпис на долговите, на студентите ден за јавен „петинг“ во метежот од бесплатниот јавен превоз, на земјоделците нови стотици милиони евра во наредните четири години, иако увозот на храна, покрај аграрните бенефиции и стимулации, расте во континуитет… Потоа следи прашањето дали, како за пример, на прилепските занаетчии од чаршијата ќе им бидат простени мандатните казни од 1000 до 3000 евра затоа што им нашле 100 денари вишок? Ветуваат и амнестија, простување на една третина од затворските казни?! Намалување на драконските казни, 250 евра за паркирање на недозволено место. За толку работат тие што ти ги товарат автомобилите.

Сондажа со политичка аритметика – ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, но СДСМ нема да изгуби. Ахмeти останува супериорен, благодарение на Тачи

По овој арсенал од понуди, берзите се затвораат и се отвораат волшепствата од гласачките кутии, па кој што добие.

Засега сите рангираат. Мисионерите од „Павел Шатев“, како ноќни воајери ги прашувале заспаните гледачи: – Дали Иванов бил најдобар во соочувањето со другите кандидати на МТВ. Порталот „Република“ констатира: „Претседателот си остана претседател“? Победува Пендаровски, соопштува „Рејтинг“. Од двајцата аналитичари, татко и син, помладиот вели агенцијата досега никогаш не грешела. Искусниот, од кампусот на СДСМ, со јавна корекција дека резулатите не се анкета, туку прогноза. Како во обложувалниците и тикетите, еден во два.

Типуваат и искусните креатори на јавно мислење, едниот со наслов 63, другиот дека изборните резултати ќе бидат во сооднос еден со три за владеачката коалиција. Со таква аксиома изгледаат нелогични медиумските потерници по Шеќеринска со медиокритетската квази дилема: – Зошто таа, а не Заев, би била Премиер? Зарем супериорната победничка коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, со 65 пратеници, ќе ја предаде власта на актуелните опозиционери што би формирале малцински кабинет, со заменикот-лидер на СДСМ?

Зошто лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и гласноговорниците од неговиот кампус, бараат 65 пратенички места: „за да не може да не уценува ДУИ?“ Дали Груевски мисли да владее според применетиот модел на Бојко Борисов, малцинска Влада со мнозинска поддршка во Парламентот од корумпираниот лидер на Турците во Бугарија? Можно ли е војводата од ДПА повторно да биде партнер на ВМРО-ДПМНЕ? Како ќе се суспендира мајскиот договор меѓу Ахмети и Груевски, кога тој не е само „беса“ од двајцата? Има и други деловни тајни и непишани правила во шестгодишното владеење на актуелниот тандем Груевски и Ахмети. Да не заборавиме дека резултатите од референдумот за Илирида од 92 година никогаш не се суспендирани. Ни претстои уште едно непосредно изјаснување. За да се распише треба и Бадентер, но како, без поддршката на Албанците во Македонија, може да се стигне до рефендумско мнозинство за решението околу името. Можеме ли без НАТО, во новото и стратегиско прегрупирање на светската карта и интересните сфери? Македонија, без „патернализмот“ од Алијансата, тешко ќе го сочува својот суверенитет и територијален интегритет, по цена и на многу внатрешни политички и етнички компромиси. Без тоа, нема ни битка за националниот идентитет, освен ако некој сака македонскиот јазик да го сведе на еден од европските лингвистички дијалекти. Да не ја отвораме натаму пандорината кутија со прашањето: – Па што и ако имаме ваква (моно) етничка Влада, со 65 пратеници на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ?

Кампањата започнува со реализација на кинеските кредитни линии и експанзија на повласувања за странските инвеститори во слободните зони. По 14 години, некој ги враќа тајванскиот економски модел и милијардата на Циле? Овој пат со Кина и со Русија, без САД. Сè погласни се приврзаниците за пат кон БРИКС. Дел од податоците за економските параметри се: над две третини од македонскиот извоз е на европските пазари, повеќе од 80 проценти од 5 милијарди долг кон странските кредитори и деловни банки, треба да се вратат на западните финансиери. Потребни се најмалку пет до десет години да се освојат нетрадиционалните пазари, со нивната нова потрошувачка традиција, стандарди и навики!?

Затоа овие избори не се само автохтон демократски процес во Македонија.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

Оставете коментар

Коментар(и)

comovski@inbox7.mk
Фото: Кире Гелевски (Глобус)