Денешна дата
17/12/2017

Ќе тонеме или ќе испливаме?

Сега сме на историски крстопат. Ќе ја задржиме постојната катастрофа или ќе тргнеме кон нормалата. Со ваква власт загубивме многу. Груевски веќе ја носи титулата -„гробар на сегашноста и иднината“. Тој не само што ја доведе државата до економски колапс, до рекордна сиромаштија, до тотално партизирање на институциите, до пирамидално задолжување и до се живо пирамидално, туку создаде таква општа состојба во државата што веќе во релевантни аналитички светски центри се расправа за тоа – што со оваа држава, која наликува на малечко детенце што ниту расте ниту умира!

Познато е дека со конзумирање популизам и национализам, Милошевиќ ја запалил цела Југославија, создал пекол во БиХ, ги иселил Србите од Хрватска и остана без Косово. А и самиот лично заврши неславно. Оти тераше инает не само со реалноста, туку и со целиот свет. Ама тоа не влијаел поучно кај нашиот премиер. Сигурен сум дека наскоро ќе ја видиме завршницата на ваквата политика заснована врз лилипутанска мегаломанија со цел ставање под хипноза на умот и нормалноста, ама со задна цел сокривање на мегаломанскиот криминал. Овој човек кој веќе осум години лета со леталото наречено ,,ИМЕ,, наскоро ќе се урива по ѕидовите на ирационалниот лажен антички замок. Победуваше со името иако државата дебело губеше. Цело време на луѓето им велеше дека ќе ги стопли, ама до коски ги изгоре. Пред осум години бевме лидер по интеграцијата, а сега сме лидер по сиромаштијата. Нашето интегративно лидерство свесно беше дигнато во воздух со антички експлозив. А сега веќе не исполнуваме услови ни за Африканска Унија. Ваква состојба веќе со години ни ја потврдуваат бројни релевантни меѓународни институции – Фридом хаус, извештаи на Стејт департментот, Репортери без граници, Стандард и Пурс, бројни официјални изјави од Вашингтон и Брисел. Пред некој ден и шефот на наблудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Герт Аренс изјавил дека ние имаме сериозен проблем за одржување фер и демократски избори.

Режимот во континуитет го анимирал антиамериканизмот и антиевропизмот, иако тие со најдобра намера ни сугерирале да не заиграме на картата на минатото, туку да се свртиме кон иднината. А ние се уште не знаеме ни во кој правец пловиме. Ама немаме страв од пирати оти тие се качени на бродот, дури и го управуваат. Градат нивна среќа врз нашата колективна несреќа. За олку изгубени години, Кина за осум пати го зголеми животниот стандард. Индија за четири пати. Околните држави во просек за три пати. А нашите водачи, дуваат на национализмот и одгледуваат лажен патриотизам. Сееле бели лаги и жнееле црни пари. А ние во заблуда до солзи се смеевме со нивните постапки, но сега кога ни престана смеата ни преостанаа само солзите. Од ваква власт ќе ни преостанаат само историските знаменитости – „Портата на поразот“, „Иселеник на коњ“, „Музејот на бедата“ и многу други.

Сега е моментот. Ќе дозволуваме ли пак да не лажат и газат?! Или ќе сфатиме дека ни треба нешто сосема ново. Сосема спротивно од ова. Мора да престанеме да се плашиме. Мора да бидеме храбри поради самите себе. Сигурно дека храбрите не живеат вечно, но плашливците не живеат воопшто. А и меѓународната заедница не би требало да признае евентуална нивна криминална победа.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

Оставете коментар

Коментар(и)

bilali@inbox7.mk