Денешна дата
31/05/2020

Грандиозни проекти во име на народот

Има неколку карактеристики на популистичките влади, но една од основните е тоа што тие постојано се повикуваат на народот и неговата волја, а се борат против некои елити

Вообичаено ги кажува оние работи што поголемиот дел од народот сака да ги чуе. Тие работи ги кажува и со зборови со кои би ги кажал и самиот народ така што тој нема само да ги чуе, туку и лесно ќе ги запомни па ќе ги пренесува на своите соговорници. Зборува за низа мерки и се чини дека го знае и најмалото нешто што се случува во системот на државата. Често се повикува на самиот народ и иако се повикува на законите и институциите, нема трпение во справувањето со нивните одлуки па како најдиректна демократска алатка го споменува референдумот и изборите. Можеби во ваквиот опис ќе се препознаат повеќе политичари а зборот кој го дефинира таквото однесување е популист. Начинот на владеење кој постојано се повикува на народот воопшто не е нов. Тој е специфичен за земјите од Јужна Америка, но последниве години е се поприсутен на Балканот. Но аналитичарите прогнозираат дека тој може да биде и штетен за демократските процеси на подолг рок.

Веројатно, дел македонски граѓани во овој опис ќе го препознаат премиерот Никола Груевски. Јавноста во овие осум години се навикна да го слуша како тој дава оцени за работата на Уставниот суд, за тоа каква е опозицијата, коалицискиот партнер, лекарите, експертите, професорите, а од отворените владини седници сфати и дека тој се интересира и знае за секој најмал проект.

Никола Груевски

Ајде на избори па народот нека реши

Народот гледа дека решаваме проблеми

ВМРО ДПМНЕ е партија на народот не на елитите

Но, исто така е веројатно дека и дел од српските граѓани ќе ја препознаат најновата политичка ѕвезда кај нив, Александар Вучиќ.

Александар Вучиќ

Додека народот мрзнеше некои политичари одеа во солариум

Народот треба да се определи за визија и програма

Ќе бидеме секогаш со народот

Србија сака мир ама  нема да го заборавиме својот народ

Да ја провериме волјата на народот

Народот никој не го победил

Ќе се спротиставиме на оние кои го ограбуваат народот

Народот е заслужен за промените

Тамошните аналитичари констатираат дека од него се прави полубог па тој успева да биде секаде, да знае се и да има мислење за се. Тој постојано влече нови чекори и истакнува дека се жртвува за Србија. Поведе и кампања против политичката и финансиската елита која некогаш ја нарекува и олигархија иако како што се оценува има и парадокс бидејќи и самиот е дел од таа елита. Вучиќ всушност и не е политичар од вчера. Во деведесетите години тој беше министер за информации а претходно и пратеник во српското собрание од редовите на Српската радикална странка.

Таквиот однос кон јавноста, медиумите и политиката воопшто го обележа мандатот и на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.

Реџеп Таип Ердоган

Државниот совет, судиите и адвокатите направиле „кривично дело“, нагласувајќи дека „турскиот народ ќе им суди за тоа“.

Суверенитетот не му припаѓа ниту на судтсвото ниту на Владата. Му припаѓа на народот.

 

Во име на народот

 

Дефиницијата за ваквиот тип на политичари вусшност нив ги сместува во графата-популисти. Популизмот е политичка доктрина која од една страна е со народот а против елитите.

И Груевски, Вучиќ и Ердоган постојано во своите изјави сакаат да се повикуваат на народот. Па така македонскиот премиер еднаш оцени дека “ народот не е виновен што имаме ваква расштимана опозиција”, потоа забележа дека “народот гледа дека решаваме проблеми” а и директно кажа дека “ВМРО ДПМНЕ е партија на народот не на елитите”.

Неговиот колега од северот, Вучиќ пак дистикцијата меѓу неговата партија и опонентите ја направи со изјавата “додека народот мрзнеше некои политичари одеа во солариум” со што се обиде да сугерира дека тие се оние што се со народот. Тој нагласува и дека ќе се спротиставале  на оние кои го ограбувале народот а на избори повика со објавата “да ја провериме волјата на народот” слично како и Груевски кој побара “ајде на избори па народот нека реши”.

zname 3

Ердоган кој и подолго е на власт пак оцени дека државниот совет, судиите и адвокатите направиле „кривично дело“, нагласувајќи дека „турскиот народ ќе им суди за тоа“. И тој сака да го потенцира народот како носител на суверенитетот па оцени дека тој не му припаѓа ниту на судтсвото ниту на Владата туку на на народот.

Карактеристиките на популизмот  се  замислената борба на народот против некоја елита, каде лидерите се ставаат себеси “блиску до народот” и против елитата, лесни и популарни ветувања, кои се најчесто грандиозни и национални, купување социјален мир: многу субвенции, сголемен државен апарат, високи социјални трансфери и трошење за забава: споменици, згради, прослави, настани, на народот да не му биде досадно– објаснува аналитичарот Петар Арсовски.

Според професорот Здравко Савески, на Балканот вообичаено популизмот произлегува од десничарските партии поради како што вели просторот кој го оставија социјалдемократите кои како наследници на комунистите преминаа во елитисти и ја заборавија својата база.

Десничарскиот популизам најчесто е на линија на играње на националната карта и на бранање на народните интереси во етничка смисла, а не во смисла на народ како социјална категорија-оценува Савески.

Надоместување на недостигот

Според него, десничарските популистички владеења наоѓаат  поддршка во балканските земји и поради тоа што маркетиншки даваат одредени социјални мерки на луѓето.

Но, иако тие се дозирани и мали народот не ги перцепира така, тука како нешто подобри од оние што ги имале претходно– вели Савески.

Грандиозни проекти со кои претходно речиси незамисливото станува реалност. Галии во Вардар, плажи покрај скопската река, а во неа жални врби, огромни споменици и скулптури, Белград на вода, канал под Босфорот.

Ердоган и Груевски ги реализирaа своите ветувања без разлика што дел од јавноста беше сомничава за нивното спроведување.

Белград на вода пак засега е само ветување, но според испитувањата на јавното мислење таму најверојатно канидатот за премиер Александар Вучиќ ќе може и да го реализира бидејќи речиси извесна е неговата победа на изборите.

Според дел аналитичари ваквите проекти се само видлива манифестација на популистичкото владеење.

Популизмот се огледа во фактот што на граѓаните им се нуди она што го сакаат, наместо она што навистина им е потребно и тој е во конфликт со вистинското политичко водство– вели Арсовски.

zname 2

 

Ретроградни процеси

Според соговорниците популизмот на долг рок може да биде и опасен.

На среден рок, тој се блокира секогаш кога треба да се донесат непопуларни одлуки (името, кратење буџет, намалување на јавната администрација), а притоа делуваат ретроградно на политичката еманципација на гласачите– вели Арсовски.

Популизмот може да се смета и за опасен доколку се користи формата во која постојано се повикува на народот во етничка смисла особено во мулиетнички опшетства поради тоа што може да доведе со значајни поделби, сметаат соговорниците.

Дефинитивно е опасен на долг рок. Популизмот ја поткопува демократијата и низата мерки иако поединечни и мали може на подолг рок да ги загрозат основните темели на демократијата– вели Савески.

Минатата година настана пресврт во соседна Бугарија. Таму неприкосновен на власт беше Бојко Борисов кој кога дојде на премиерската функција важеше за голем борец против корупцијата и мафијата. Но, години подоцна тој остана омилен во Брисел, но не и меѓу народот.  Тој замина од власт со епитет популист а причините за тоа беа неколку негови чекори како на пример сопирањето на важните економски реформи, замрзнувањето на здравствените непопуларни реформи но ги зголеми субвенциите и пензиите. И при заминувањето од фунцкијата направи вистинска драма соопштувајќи дека до новите избори нема да ги води владините работи и оти се надева дека граѓаните тогаш побргу ќе му ги простат неговите гревови.

За популист се сметаше и поранешниот албански премиер Сали Бериша, кого го наследи левичарот Еди Рама. Савески правејќи ја разликата меѓу двата типа на популизмот нагласува дека левиот популизам всушност се смета дека дава премногу пари на народот од гледна точка на елитите. Но овој тип на популизам се уште е далеку од Балканот. Тој е карактеристичен за земјите од Латинска Америка.

уредник: Тамара Чаусидис

dimeska@inbox7.mk