Денешна дата
26/10/2020

Измените во изборниот законик речиси невидливи во кампањата

Кога на почетокот на годинава се донесоа последните измени на изборниот законик се чинеше дека нема да има незадоволни. Сепак кампањата покажува дека промените не се доволни и реално видливи

Мастилото на десниот палец со коe ќе бидат обележани гласачите во недела можеби ќе остане и највидливата работа донесена како измена на Изборниот законик, нешто за што претставници на Владата, партиите и на ОБСЕ/ОДИХР го договораа со месеци.

Измените беа донесени кон крајот на јануари годинава. Со нив се опфатија повеќето клучни забелешки освен измените во  изборниот систем за гласање и распределба  на мандатите во дијаспората, за што партиите не постигнаа согласност и се договорија да го решаваат пред  следните парламентарни избори.

Накратко, партиите се согласија од денот на распишување на изборите до нивното одржување да не се почнуваат нови градби, да не се вршат вонредни плаќања на граѓаните, да не се исплаќаат субвенции кои не се редовни, да има позасилени контроли на избирачкиот список. Потоа, се договорија и за неколку мерки што требаа да донесат поеднакво преставување на кандидатите на јавниот радиодифузен сервис, а ограничени се и донациите за изборната кампања.

Но, упатените што го следат изборниот процес сметаат дека овие измени не донесоа видливи и големи  разлики.

Mitko Gadjovski

Митко Гаџовски

Има некаков исчекор, но тој е далеку од доволен и видлив – смета политикологот од ФОН Митко Гаџовски.

Идеален законик невозможен

На ланските локални избори пак речиси до денот на гласањето јавноста беше сведок на поставување камен темелници на училишта, спортски сали, мостови. Сега тоа не е случај оти казните се високи, но Гаџовски вели дека се наоѓаат начини кои не се забранети за да се прави слична промоција.

На пример од технички аспект нема законска одредба со која се забранува функционерите да се појавуваат на проекти што веќе се во тек и тоа се користи за избегнување на веќе донесените измени во изборниот законик – смета Гаџовски.

Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори што се одржаа лани во март  беше наведено дека “иако се водеше активна кампања, пристрасното и партиско медиумско покривање, мешањето на владините и партиските активности не секогаш овозможуваа терен за рамноправен натпревар помеѓу кандидатите”.

– Мислам дека идеално одвојување не може да се очекува никогаш. Од донесените измени на јавниот сервис се забележува разлика бидејќи повеќе простор и се остапува на опозицијата, а во поголемиот дел приватни медиуми пак се чувстува наклонетост кон владејачката партија-вели професорот Ризван Сулејмани.

Гаџовски, пак, смета дека разликата меѓу државата и партијата не е сосема видлива.

Учеството на функционерите во изборната кампања се уште не дозволува јасна поделба меѓу функционерските и партиските активности. Воспоставена е некаква поделба, но таа не се докрај јасна– вели Гаџовски.

По избори, пак измени

Аналитичарите сметаат дека најверојатно и после овие избори ќе се наметне потреба од нови измени во процесот.

Ќе бидат потребни најмногу во делот на зголемување на јасната поделба меѓу партиските и функционерските активности, а со секои наредни измени мислам дека се повеќе ќе се утврдуваат ингеренциите на учесниците во изборите. Мислам дека треба да се зголемат казните, но и да се применува законот и за оние што го прекршуваат во текот на целиот изборен процес бидејќи до сега во најчест дел од случаите се санкционирани прекршувањата случени само на денот на изборите -вели Гаџовски.

Инаку законите со кои се регулираат изборите и досега се менуваа речиси по секои избори.

Кои се клучните измени?

  • -Донациите не смеат да бидат повисоки од 50.000 евра од правно лице

  • -Видливо мастило за обележување на гласачите

  • -Сменет  состав на избирачките одбори во дипломатско-конзуларните претставништа каде претседателот на тој одбор се бира од дипломатите, а заменикот и членовите од редовите на администрацијата и партиите

И по последните измени, од кога стана јасно дека заедно со вториот круг на претседателските избори ќе се гласа и за предвремени парламентарни избори, опозицијата побара повторно измени на законикот бидејќи тие беа донесени пред да се дознае дека всушност изборите ќе бидат двојни. Од СДСМ тогаш побараа да се реши проблемот со двата различни рокови за заклучување на избирачкиот список, законско решение на проблемот со почитувањето на роковите за предизборна кампања и  прашањето за медиумското претставување, но министерот за правда Блерим Беџети одби повторни интервенции на законите и работата ја препушти на Државната изборна комисија.

Актуелниот изборен законик е донесен во 2006 година, а првите измени беа донесени по изборите во 2008  година кога во него беше вметнато и гласањето на дијаспората.

ОДИХР, пак, во својата прва оцена за кампањата дадена минатата недела вели дека има напредок во измените кои треба да осигураат раздвојување на државата од партијата, но, како спорни ги оцени рестриктивното дефинирање и времетраење на изборната кампања, нееднаквоста на гласовите во земјата и во дијаспората, високиот праг од 50 отсто за победа за претседател во првиот круг и 40 отсто во вториот и немањето ревизија и санкционирање за извештаите на политичките партии. Тие оценија и дека неколку пати  членовите на ДИК гласале по партиска линија. Според нив, речиси сите кандидати и партии го прекршиле предизборниот рок.

уредник: Тамара Чаусидис

dimeska@inbox7.mk