Денешна дата
24/10/2017

ЛУКРАТИВНИОТ БИЗНИС СО ВИЗИТЕ ЗА АЏИЛАК

Едно циркуларно писмо на Исламската верска заедница во Македонија (ИВЗМ), која ги опфаќа условите и цената на аџилакот за 2014 година, на 16 јуни годинава стигна во канцелариите на муфтиите низ целата земја. Една не толку добра вест за верниците кои планирале да ги посетат Мека и Медина во Саудиска Арабија, свети места за муслиманите. Aранжманот за аџилак оваа година ја достигна бројката од 3.200 евра. Ако во 2003 година се плаќаше 950 евра, тогаш излегува дека за 11 години аранжманите се поскапени за 2.250 евра.

„Ријасетот на ИВЗ, врз основа на член 3, точка 17 на Уставот на ИВЗ, како и секоја година и годинава организира патување за аџилак. Цената на еден аранжман за аџилак по воздушна линија е 3.200 евра, а во цената се вклучени следните услуги: излезна виза, административна процедура за земање виза за аџилак, вакцинација и здравствена заштита, билети…“, се вели, меѓу другото, во циркуларното писмо на ИВЗ.

Законот за верски заедници и религиозни групи предвидува ИВЗ да биде единствена верска заедница која може да испраќа луѓе од Македонија на аџилак, додека Министерството за внатрешни работи (МВР) треба да обезбеди излезни визи за нејзините граѓани кои патуваат кон Саудиска Арабија, но само со претходно одобрување од страна на оваа верска заедница.

 

Циркуларното писмо на ИВЗ, која ги опфаќа условите и цената на аџилакот за 2014 година

Циркуларното писмо на ИВЗ, која ги опфаќа условите и цената на аџилакот за 2014 година

ДАЛИ СЕ ПРОДАВААТ ВИЗИТЕ ЗА АЏИЛАК?

 

Наплатувањето на визите и соработката на ИВЗ со Владата предизвикаа дебата и полемики во јавноста, обвинувајќи ја ИВЗ за правење лукративен бизнис со аџилакот. Последниот извештај на американскиот Стејт Департмент, ги извади на виделина обвинувањата за продажба на визите и профитирањето од тесните врски на ИВЗ со Владата.

„Некои луѓе во Владата и на исламската заедница изјавија дека ИВЗ, исто така, има профитирано од тесните врски на ИВЗ со Владата. Како пример тие го наведоа давањето на директното овластување на ИВЗ за поврзување со конзуларните службеници на Саудиска Арабија за издавање визи за аџилак. Овие лица изјавија дека ова право им овозможи на ИВЗ да земе такса во вредност од приближно 400 евра (551 долар) за да дозволи апликации за визи за учество во аџилак, кои се исплаќаат од Саудиска Арабија“, се вели во извештајот на АСД.

Оваа информација за продажба на визи се пренесе од локалните медиуми и стигна до ушите на многу аџии.

„Ако е вистина, нека им е срам…“,рече аџијата Бајрам Зендели од Тетово, не сакајќи да коментира повеќе. Тој вели дека ја посетил Мека и Медина во 2010 година и се чувствува разочаран што на неправеден начин му се земени пари за виза која била бесплатна. Во неговиот пасош сè уште е залепена визата каде до сликата на англиски пишува „Виза за аџилак, бесплатно“.

Африм Тахири: Вистина е дека има критика за визите. Но, ИВЗ не зема пари за визи, туку за услуги. За организирањето на аџилакот, ИВЗ работи цела година, а со поголем интензитет за време на месецот Рамазан и за време на сегашниот период

Африм Тахири: Вистина е дека има критика за визите. Но, ИВЗ не зема пари за визи, туку за услуги. За организирањето на аџилакот, ИВЗ работи цела година, а со поголем интензитет за време на месецот Рамазан и за време на сегашниот период

Но, секретарот на ИВЗ, Африм Тахири, ги отфрла обвинувањата за продажба на визите како невистинити.

„Вистина е дека има критика за визите. Но, ИВЗ не зема пари за визи, туку за услуги. За организирањето на аџилакот, ИВЗ работи цела година, а со поголем интензитет за време на месецот Рамазан и за време на сегашниот период“, истакнува тој.

Туристичките агенции кои продаваат аранжмани велат дека сè зависи од ИВЗ. Ако ИВЗ одлучи да не земе пари за визите, тогаш цената на аранжманот ќе падне за 400 евра, и ова намалување, според нив, ќе го зголеми интересот на граѓаните за аџилак и обемот на работа на агенциите.

Но, Tахири од ИВЗ вели дека организацијата на аџилакот е напорна и скапа работа.

„Аџилакот го организираме врз основа на Законот за верски заедници, Уставот на ИВЗ и договорот со Министерството на аџилак на Саудиска Арабија. На секои 25 аџии има по еден водич, на секои 50 по еден лекар и за секои 17 аџии имаме човек кој се грижи за нив“, истакнува тој.

Според Тахири, информациите дека ИВЗ заработува 2.000 евра на секој аџија не се вистинити.

„Ние сме транспарентни и велиме дека ИВЗ годинава аџилакот го организира за 3200 евра. Според исламот, аџилакот не е обврска на секој верник, туку само на тие што имаат материјална можност. Цените се слични како и за земјите од регионот, но има земји како Словенија каде чини 3.850 евра, или во Турција каде има аџилак за 2.700, 3.000, но и Vip аранжмани за 17.000 евра“, вели тој.

Taхири вели дека на адреса на ИВЗ немало ниту една жалба од некој верник или кој било друг поврзан со организацијата на аџилакот. „Во оваа смисла, нема никаков проблем, само некој сака вештачки да го создаде“, додава Тахири.

Од друга страна, експертот за верски прашања во Македонија, Рамадан Рамадани, рече дека оправдувањата на ИВЗ за скандалот со визите се уште поскандалозни.

„Ова бидејќи се обидуваат да го легализираат овој класичен арач, кој се потврди и од највисоко ниво – од меѓународниот извештај за верските слободи“, истакна тој.

Според него, објаснувањата го занемаруваат делот каде „некој во ИВЗ им продава визи на туристичките агенции“ и станува збор само за тие малку аџии кои одат преку директна организација на ИВЗ.

Но, бројот на тие кои одат преку туристичките агенциисекогаш е поголем. Токму затоа агенциите се тие кои ги сносат трошоците за персоналот и за дополнителните трошоци“, рече Рамадани.

 

НЕРЕАЛНИ ЦЕНИ

 

Експертот за верски прашања во Македонија, Рамадан Рамадани, рече дека оправдувањата на ИВЗ за скандалот со визите се уште поскандалозни

Експертот за верски прашања во Македонија, Рамадан Рамадани, рече дека оправдувањата на ИВЗ за скандалот со визите се уште поскандалозни

Цената на аџилакот може да биде многу пониска ако се организира индивидуално од секој аџија. Ако се земе предвид далечината, условите и времетраењето на престојот во Мека и во Медина, испаѓа дека може да се оствари поевтин аранжман преку интернет-страниците со резервации на хотели и на летови. Престојот во хотелите со 3 звезди во Мека за 21 ден, колку што трае аџилакот, се движи меѓу 900 и 1.000 евра за една соба. Ако на ова се додаде и повратниот билет со автобус до Истанбул од 60 евра и повратниот билет Истанбул – Мека од 500 евра, излегува дека патот и целокупниот престој изнесува 1.560 евра.

Во ИВЗ не сакаат да откријат колкава е заработката од процедурата за добивање виза за аџилак. Но, до приближна бројка може да се стигне ако се пресмета бројот на аџиите или издадените визи од ИВЗ. Ако Македонија испраќа 1200 аџии годишно, тогаш придобивката од визите излегува дека е 480.000 евра годишно.

Секретарот на ИВЗ, Африм Тахири, истакнува дека ИВЗ зема одредена сума само за услугите, но не и за визите. Тој е убеден дека „сите знаат дека профитот кој останува од ова организирање на аџилакот оди за потребите на учениците на Медресето „Иса бег“, кои се школуваат бесплатно во нашите образовни институции“.

Според него, ИВЗ ги обезбедува вакцините како донација од Турција и ги подарува на Бирото за лекови. Но, вели тој, „аџиите за вакцината плаќаат по 50 евра, а тоа е за услугата“.

„Ако здравствените институции наплаќаат 50 евра за услуга, зошто тогаш ИВЗ да не може да профитира од своите услуги кои им ги нуди на аџиите за цело време на аџилакот?“, се прашува Тахири додавајќи дека „залудни се обидите на некои луѓе да создадат проблеми помеѓу ИВЗ и заинтересираните за одење на аџилак“.

И Рамадани признава дека и во соседните држави има такси за услугите за земање визи, но за разлика од Македонија таму таксата е многу помала и секогаш е евидентирана.

„Во Македонија никој не издава документ за овие 400 евра за аџилак што ги зема некој од ИВЗ. Мислам дека оваа шема треба да се третира од државните органи, бидејќи овде имаме повреда на имотот на граѓаните на Македонија и сите следни дела што можат да произлезат од ова, какоорганизиран криминал и одбегнување данок“, оцени Рамадани.

 

ПРИХОДИТЕ НА ИВЗ

 

Колкави се вистинските годишни приходи и расходи во касата на ИВЗ?

Колкави се вистинските годишни приходи и расходи во касата на ИВЗ?

Колкави се вистинските годишни приходи и расходи во касата на ИВЗ? Верските заедници во Македонија уживаат еден вид финансиска автономија кога се зборува за вршење услуги со добивка. Многубројни финансиски афери ги треселе верските институции, но ниту една од нив не е истражена докрај. ИВЗ и Македонската православна црква (МПЦ) се јавни институции, но не и даночни обврзници.

Рамадан Рамадани не се согласува верските институции да се пуштат да работат како привилегирани од институциите, додека граѓаните и компаниите плаќаат данок за секоја трансакција или активност.

„Mислам дека и верските заедници треба да подлежат на третман од компетентните органи. ИВЗ и МПЦ веќе се спомнати во афери со милионски суми во евра, како визите за аџиите и хотелите на МПЦ. Една од функциите на државата е заштитата на граѓаните од злоупотреба на нивниот имот, па дури и ако се прави во име на верата“, истакнува тој.

Во Македонија никој не издава документ за овие 400 евра за аџилак што ги зема некој од ИВЗ

Во Македонија никој не издава документ за овие 400 евра за аџилак што ги зема некој од ИВЗ

Обидот на државата за фискализација на трансакциите на верските заедници завршија без успех.

Како институции, според Законот за сметководство на непрофитните организации, тие се обврзани на крајот на секоја фискална година да достават извештај за билансот на состојба и билансот на успех. СКУП дојде до службениот документ каде не се воочува ниту една бројка во врска со приходите и со расходите на оваа институција.

„Субјектот нема доставено годишна сметка или известување, бидејќи немал деловна активност во текот на 2013 година“, се вели во документот земен од Централниот Регистар на Македонија.

Во меѓувреме, СКУП успеа да обезбеди неколку службени документи на муфтиствата каде се планира годишниот буџет и се прави билансот. Како што се гледа од документот за 2012 година на едно од муфтиствата, изворите на приход кои се планираат се: 300 илјади денари од верските такси, 45 илјади од административни такси, 350 илјади од фитрите, 320 илјади од зеќат, 150 илјади од ќефари, 5,1 милион денари од издавање на деловните објекти на муфтиството, 135 илјади од кожата од курбаните, 16 илјади од верска литература, 1,2 милиони денари од интервенции, 200 илјади од доброволна помош, 850 илјади од паркингот, 5,5 милиони денари од спонзорите на изградбата на медресето, и 7,8 милиони денари од позитивниот биланс од 2011 година. Планираните приходи од аџилак за истата година, само за ова муфтиство биле 512 илјади денари. Но, од реализацијата се гледа дека од 101 аџија од ова муфтиство, реализиран е приход од 730 илјади денари.

Од ова произлегува дека во 2012 година документираната добивка од еден аџија била околу 7.300 денари, или 120 евра. Истото муфтиство во 2013 година од аџиите заработило близу 847 илјади денари или околу 14 илјади евра, кои се документирани.

Додека од верските институции се бара поголема транспарентност, државата ги разгледува облиците на фискализација на нивните активности. Ако се случи нивно воведување во даночниот систем на државата, сигурно ќе се расипе блискоста со Владата, која е истакната во извештајот на Стејт Департментот.

За Рамадани ова е најважниот дел од приказната: „кој дозволува во име на власта во Македонија да се овозможи кражба на илјадници аџии од Македонија, а која се повторува неколку години наназад“.

 

 Преведе од албански: Арменд Нухиу

 

Лектор: Елена Цуцулоска

Оставете коментар

Коментар(и)

neziri@inbox7.mk