Денешна дата
25/10/2020

Тито Петковски: Македонија стана сериозен проблем на ЕУ (ВИДЕО)

Дваесет и три години по прогласувањето на самостојноста, Македонија го нема решено проблемот со Грција, кој беше истакнат уште во деведесеттите години дека без тоа нема членство во ЕУ, вели во интервју за Инбокс7, лидерот на НСДП, Тито Петковски, тогашниот потпретседател на македонското собрание. „Во Берлин му беше кажано на премиерот Груевски дека Македонија станува сериозен проблем на ЕУ, делуваме антиевропски. И да се реши проблемот со името, Македонија нема да влезе во ЕУ“, вели Петковски. Според него денеска Македонија безнадежна држава, албанската заедница се противи на било каква друга варијанта освен НАТО и ЕУ ако Груевски и ВМРО – ДПМНЕ останат доследен на политиката тоа значи дека ќе ја делат Македонија. Овој начин на владеење на Груевски не може да трае долго и Хитлер мислел дека ќе завладее со светот но, не успеал, вели лидерот на НСДП.

Инбок7: Пред 23 години македонските граѓани на референдум (со излезност 95%, без Албанците) се изјаснија за независност. Со какви неизвесности беше тогаш соочена Македонија?

Петковски: Македонија беше соочена со многу неизвесности, бидејќи настана дисолуција на некогашна Југославија, некаде со стравотии, некаде со војни, некаде со протести и т.н., едноставно не беше лесно да се напушти територијата на РМ кој ја контролираше тогашната ЈНА. Македонија беше исправена пред потребата да води многу мудра политика. Ние не сакавме да има војна во Македонија како тоа што се случуваше во Босна, Хрватска, Србија… Сакавме по мирен пат да ја стекнеме независноста и успеавме во тоа. Некои критичари и денес велат дека требало на поинаков начин, па дури некои водечки личности од владеачката партија, велат дека нема независност без крв. Сепак се случи тоа, успеавме да најдеме заедничко решение и со ЈНА и со државното водство на тогашна Србија и со другите републики од некогашна Југославија. Клучното прашање беше што сакаат граѓаните на РМ и затоа се отиде на референдум.

 

Инбок7: Колку тогаш верувавте во независна Македонија, и самото референдумско прашање оставаше алтернатива за припојување кон Сојузот на Југословенските држави, што го зголеми револтот кај албанскиот кампус. Кој беше тогаш вашиот став и како сега од оваа призма гледате на историската одлука Македонија да излезе од југословенското јадро, кое веќе почна да се распаѓа?

Петковски: Јас тогаш во тоа време бев секретар на тогашната партија на власт на Централниот одбор на Сојузот на комунистите на Македонија и со распадот на Сојузот на комунистите на Југославија на последниот 13-ти Конгрес, со излегувањето на делегацијата на Словенија од СКЈ, нашиот став беше јасен и недвосмислен. Јас тогаш преку радио Скопје се обратив на македонската јавност дека макар и една делегација да го напушти Сојузот на комунистите, ние не гледаме никаква причина да останеме во смален СКЈ. Ние немавме алтернатива, јас и ден денес тврдам дека е голема грешка што се распадна Југославија ама знам и како се распадна Југославија. Порастот на национализам, на популизам, директно беа вклучени странски разузнавачки служби, пред сè германската БНД и т.н., кои едноставно сакаа да се распадне Југославија како творба на комунистите макар што многу западни земји тоа не можеа да го сфатат и прифатат како некоја константа во развојот на тогашната југословенска федерација.

Но, ние немавме друга алтернатива. Со заминувањето на Словенија и со аминувањето на западните земји дека нема друго решение нам не ни паѓаше на памет да влеземе во некоја мала федерација, како Србија и Црна Гора. За Македонија тогаш најдобрата солуција беше да се направи некоја федерација налик на Сојузна Република Германија, со полабави односи меѓу федералните единки.

 

Инбок7: Зошто мораше во референдумското прашање да се остави отворена можноста за сојуз со југословенските држави?

Петковски: Тоа ги мотивираше голем број на граѓани, кои на сите анкети се произнесуваа дека не сакаат да се распадне Југославија, освен националистичките лидери во ликот на Туѓман и Милошевиќ. Тогаш во Македонија се појави со силен националистички и популистички набој ВМРО-ДПМНЕ и се разбираа почнаа конфронтации. Вториот дел од прашањето практично ги амортизира тензиите на луѓето кои што не сакаа војна, бидејќи излегувањето од еден сојуз ако не сте осудени да водите мудра политика може да заврши со крвави сценарија.

 

Инбок7: Дали после 23 години Македонија е целосно независна и самостојна држава?

Петковски: Јас лично мислам денес дека Македонија е држава без перспектива. Ние сме банкрот држава по сите основи. Денес да имате 640.000 луѓе вработени, според Заводот за статистика, да имате 170.000 вработени во јавниот сектор, 290-300.000 пензионери. Ако од вработените ги извадиме пензионерите, остануваат 340.000 илјади. Да ги земеме 170.000 вработени во јавниот сектор, тогаш остануваат 170.000 луѓе кои издржуваат една огромна популација. Значи држава која што е осудена да се задолжува и никогаш да нема крај. А од власта се фалат дека Македонија е средно задолжена држава. Македонија може да банкротира и за 500 евра ако не успее да си ги сервисира долговите. А Македонија објективно ќе се најде во таква ситуација, бидејќи 40% од  БДП е надворешниот долг на Македонија. Затоа е денес огромно разочарувањето кај македонските граѓани кои очекуваа сека самостојно ќе развиваме, во 90-тите години стандардот на граѓаните беше 30% поголем отколку сега. Значи или се работи за погрешна политика или за страшна манипулација или едноставно ние нема потенцијали, кадровски, човечки ресурси…

 

Инбок7:  Под притисок на Грција Македонија реши да го промени и знамето- по предлог на Грчев, прифатен од тогашниот претседател Киро Глигоров…

Петковски: Грчев направи само технички го изработи, одлуката беше наша, бидејќи проблемот со Грција се наметна. Ние во сите контакти со меѓународната заедница за осамостојувањето на Македонија и градењето на нашата независност моравме да водиме балансирана меѓународна политика во односите со соседите и тогаш силно се наметна прашањето од страна на Грција за кое што застана Европската комисија и ЕУ дека треба да се направата промени во знамето. Тогаш технички Грчев и една група архитекти со симболот на Виргина.

 

Инбок7: Но, во МАНУ започна да се дешифрира средниот текст од каменот на Розета. Дали и тогаш се носеле антиквизаторски одлуки и со која цел?

Петковски: Не. Тоа е трагично што ú се случува на Македонија со промена на нејзиниот идентитет.

 

Инбок7:  Дали сега кога го имаме на плоштад Александар Македонски можеби е би било логично и знамето од Виргина да биде наш државен симбол. Што мислите?

Петковски: Денес нема никаква логика. Ова сега е трагично, ние ја имавме најсилната карта во словенските просветители, кои што на огромен дел од Европа ú донесоа цивилизација, тоа беше нашата најсилна карта. Зошто се откажаа и зошто тргнаа кон антиквизација, не знам. Можеби се навистина оригинални чувствата на семејството  Груевски кое потекнува од егејскиот дел на Македонија и можеби затоа е тоа е нивни императив. Но мислам дека е тоа злосторство кон Македонската нација. Прво, за старите Словени има научен фундамент, за антиквизацијата во Македонија нема ниту еден научен доказ, не се отвори ниту една тркалезна маса, не се направи ниту една дебата. Од каде ние од еднаш потомци на Александар Македонски и поголеми Грци од Грците. Тоа е ненаучно, волонтаристички, крајно политички неодговорно и за да се гради еден таков идентитет вас ви требаат манифестациони симболи. Што повеќе докажуваме дека сме потомци на силниот војсководец, толку посиромашни стануваме.

 

Инбок7: Но факт е дека актуелното знаме не го одсликува националниот идентитет, кој што го гради власти, а го  прифаќа голем дел од народот

Петковски: Знамето ги одликува само боите. А со симнување на петокраката од грбот се направи само дезидеологизација и се друго остана исто. Па ако сме со Александар Македонски зошто не го отсликаат него во грбот.

 

Инбок7: Дали во ваква ситуација може да се очекува и промена на државните симболи, во собранието веќе се на дневен ред уставните измени.

Петковски: Да но, ќе треба да има орел врз Александар Македонски. Невозможно е.

 

Инбок7: Дел од предизвиците по осамостојувањето Македонија ги надминати. Но, останаа отворени многу прашања кои денеска ни стојат на патот за ЕУ и НАТО. Владеачките партии се на различни страни: ДУИ бара брзо решение за името, ВМРО-ДПМНЕ смета дека прашањето задира во македонскиот идентитет. Можно ли е решение?

Петковски: Ова што денес и се случува на Македонија беше предочено на самиот старт на нашето осамостојување. Со промената на симболите имаше цврст став на ЕУ дека ние мора да градиме добрососедски односи. Ни беше предочено дека нема шанса Македонија да биде самостојна држава доколку не направи компромис со Грција околу името, уште во 90-тите годни. И покарај тоа што е јасно дека не се разговара за идентитетот после 23 години тоа некој го злоупотребува.

 

Инбок7: Еве ДУИ притиска можат ли тие да го забрзаат процесот?

Петковски: Мислам дека не. Не верувам бидејќи Груевски направи политичка кариера на тема на името. Национализмот и популизмот практично им го сервираше секојдневно на граѓаните преку голем број медиуми кои ги контролира и денес е невозможно да направите таков компромис. Груевски вели глава даваме име не даваме ако е така ние никогаш нема да дојдеме до решени и сега која е другата варијанта. Зошто луѓето гласаа за суверена држава ама да одлучуваме за сите прашања? Ако не можеме да одлучуваме за сите прашања која е смислата за самостојноста? Дури и сега поради тоа од ЕУ пристигнуваат сосема поинакви тонови дека и да го решиме проблемот со името со ова ниво на демократија, со ова ниво на слобода на медиуми, со ова ниво на човекови права и слободи, со ова ниво на правна држава, немаме шанса да влеземе во ЕУ. Во Берлин, според наши информации му е кажано на Груевски дека Македонија е сериозен проблем на ЕУ и да го решите проблемот со Грција вие сте веќе сериозен проблем. Од причина што работиме антиевропски. Променуваме Устав, градиме финансиски зони, над кои ЕУ се згрозува, дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена, кога во Европа се почитува слободната сексуална ориентација. Ова не е предвидено во ниту еден документ на унијата.

 

Инбок7: Во Кардиф во тек е Самитот на НАТО, Македонија не ја очекува ништо ново. Без решение за името, државата останува надвор од Алијансата, и покрај тоа што ги исполнува критериумите за членство. До кога може да биде одржлива оваа ситуација?

Петковски: Македонија во овој момент е безнадежна држава. Безизлезна е ситуацијата во државата. Втората по големина етничка заедница Албанците страшно се противат на каква било друга варијанта освен НАТО и ЕУ. Ако Груевски и ВМРО – ДПМНЕ останат доследен на политиката тоа значи дека ќе ја делат Македонија. Тоа е повеќе од сигурно, бидејќи Албанците на сакаат да одат во други сојузи како со Русија. Голем дел од Албанците и работат во европските земји, што не е случај и со Македонците.

 

Инбок7: Сметате дека бидејќи е неодржлива оваа ситуација влегуваме во нов конфликт?

Петковски: Апсолутно, тие го форсираат тој конфликт, Груевски владее во Македонија на антиалбанска основа, што зборуваше за време на изборната кампања- дајте ми 62 пратеника да не ме уценува ДУИ

 

Инбок7: И Ахмети возврати со иста конотација

Петковски: Да тие така манипулираат со овој напатен сиромашен народ, тој се врзува групно за еден етникум. Тоа е страшно невидена манипулација.

 

Инбок7: Меѓутоа ако дојде до конфликт тоа би било поразително не само за народот, туку и за власта.

Петковски: Не знам дали тие размислуваат во та насока. Нив ги интересира власта, тие постојано прават предвремени избори, свесни се дека со купување гласови со вработување, да стигна една држава до 2 милиони жители и не сакаат попис да направат, да се види кој е лекторатот во оваа држава, значи дека се свесни дека можат на тој начин да манипулираат и што подолго да останат на власт. Јас не знам дали е точно но, мислам дека е блиску до вистината ако еден од најмоќните луѓе во врвот на ВМРО – ДПМНЕ ја славел заработката на првата милијарда на македонска почва од македонските граѓани со специјален авион бил во Дубаи со одбрано друштво. Дали тие воопшто сакаат Македонија да опстои како држава? Ако постојано иритираат меѓуетнички тензии на секои избори. Не знам дали сакаат хармоничен живот меѓу Македонците и Албанците. Не сум сигурен дека следбениците на Љупчо Георгиевски за поделба на Македонија и денес не ја прифаќаат таа политика.

 

Инбок7: Најновата епизода на судски процеси за клевета, заврши во полза на премиерот, Заев треба да му плати 50.000 евра за нанесена душевна болка. Вие решивте, за пресудата според која треба на премиерот му платите 10.000 евра отштета, предметот да го предадете пред Уставен суд. Каква одлука очекувате?

Петковски: Јас за правдата ќе се борам, по вокација сум правник и ќе се борам до крај дури постојат формално правни  можности. Ова е последната инстанца на домашното законодавство, по што ќе одам во Стразбур. Точно дека одлуката на тој суд не влијае врз одлуката донесена од домашните судови. Но ако сте аспирант за ЕУ мора да ги почитувате европските стандарди. Јас ги информирав сите за мојот случај. Сите знаат дека 2008 на пред Самитот на НАТО во Букурешт имаше договор за промена за името. Јас предложив на судот и Буш да се сослуша, потоа Бранко Црвенковски, тогашниот министер за одбрана Лазе Еленовски кои биле присутни на разговорот. Но како сега што го отфрлија Ден Дончев, така и Црвенковски го отфрли судот како сведок. Ова што го прави Груевски во Македонија е страшна злоупотреба на судството, страшна манипулација со граѓаните, но тоа не може да трае долго и Хитлер мислел дека ќе завладее со светот но, не му успеа.

 

Инбок7: Ги вративте трите освоени мандати, (досегашните парламентарци Горан Мисовски и Соња Мираковска, како и бизнисменот Љубомир Јосифовски) на последните парламентарни избори. Кои се вашите идни чекори?

Петковски: Ќе делуваме вонпарламентарно, бидејќи ние немаме друга шанса освен да се бојкотира сè, сите институции за да се увери домашната и меѓународната јавност дека во Македонија нема демократија, нема слобода, не функционираат институциите на системот. Мислам дека среќна околност е што и албанската политичка опозиција го напушти парламентот. Така што Македонија е исправена пред предизвикот за нови избори, но не да ги организира Груевски.

stavrova@inbox7.mk