Денешна дата
04/04/2020

Предбрачни договори: Изневеруваат, а не плаќаат „пенали“

Ако сакате да бидете сигурни дека вашиот сопружник ќе биде добар домаќин и добар брачен партнер единствено што може е да направите договор за тоа кој и колкав имот има и кој и на каков начин може со него да управува. Не постои никаква друга можност да се заштитите од неверство, неморално однесување на партнерот па дури да си го заштитите својот интегритет, објаснуваат експертите кои предлагаат измени на ваквите правила

Таа не смее да свири клавир, ако е тој во куќата. Ако таа се здебели преку 77 килограми, тој добива 100 илјади долари. Таа не смее да носи фризура како машко. Ако тој ја изневери, треба да плати отштета од 5 милиони долари. Ако пак, не излегува со неа барем два пати месечно, таа не е обврзана на секс со него. Ова се само дел од обврските кои партнерите во САД ги наведуваат додека „пресметуваат“ како да си се обезбедат во таканаречените предбрачни договори, а за кои двојките во земјава ќе мора  уште да мечтаат бидејќи ваквиот тип договори кај нас се уште не се заживеани. Иако, заинтересирани се повеќе има.

 

 micković-dejan

Според податоците на универзитетскиот професор Дејан Мицковиќ, во Македонија само 10 до 15 отсто од брачните парови потпишуваат брачни договори, а тоа се, вообичаено, побогатите луѓе.

„Брачниот договор е еден од најконтроверзните договори во правото. Противниците сметаат дека овој договор не одговара на современиот карактер на бракот, кој се склучува од љубов а приврзаниците пак мислат дека со него доаѓа до израз слободната волја на брачните партнери, а нема да мора да водат и долга, тешка и неизвесна „војна“ околу поделбата на имотот при развод на бракот“, вели Мицковиќ.

Експертите по семејно право објаснуваат дека во Македонија е невозможно да го заштитите своето богатство, но и да се заштитите себе си лично со помош на (пред)брачен договор, по примерот на американските граѓани кои како сопружници потпишуваат договор за меѓусебните права и обврски во случај на развод.

 

Македонија не е Холивуд

 

Сегашните или идни брачни партнери кај нас, немаат можност да склучат договор од типот на американските (пред)брачни договори со кои би утврдиле дека на пример, во случај на неверство или за секоја година брак, на другиот брачен партнер ќе му биде исплатена одредена сума пари, вели адвокатката Татјана Донеска.

Брачниот договор е законски регулиран во Франција, Германија, Австрија, Швајцарија, Шведска, Грција а со новите реформи на семејните законодавства тој постои и во поголем број на поранешни социјалистички држави (Русија, Бугарија, Унгарија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Република Српска). 

„Во договорот не е дозволено ниту вметнување на услови или клаузули поврзани со бракот или пак со разводот на бракот. Се надевам дека (пред)брачниот договор ќе биде дел од нашето право и ќе им овозможи на брачните и вонбрачните партнери по своја волја да ги уредуваат имотните односи додека трае нивната заедница како и правните последици поврзани со нејзиниот престанок. Сметам дека се уште не постојат услови за договор по теркот на американските, имајќи ги предвид социјално-економските услови, општествено – правните норми како и морално – етичките специфичности во нашето општество, вели Донеска.

„Македонија е далеку од Холивуд. Сепак треба да постои можност за потпишување на брачен договор. Затоа ние предлагаме тој да биде регулиран со закон, но само во делот на имотните односи меѓу сопружниците без внесување други клаузули. Во холивудскиот тип на договори на пример, може да сретнете таков услов според кој, ако сопругата се здебели пет килограми од договореното, треба да му плати отштета на сопругот од 100.000 долари“, вели Мицковиќ.

kim kardasian i kanje vest

Канје Вест и Ким Кардашијан со нивното бебе

Неодамна, светската јавност беше „бомбардирана” со деталите од предбрачниот договор на старлетата Ким Кардашијан и нејзиниот сега веќе сопруг, раперот Кание Вест. Според договорот, Кардашијан за секое родено дете ќе добие по пет милиони долари ако бракот трае најмалку три години. За секоја следна година брак, таа ќе биде побогата за еден милион долари повеќе. Ако пак раперот ја изневери својата сопруга тој ќе мора да плати отштета од 10 милиони долари.

dzordz kluni i amal alamudin

Џорџ Клуни и Амал Аламудин

Сличен договор ќе потпишат и идните сопружници, холивудскиот актер Џорџ Клуни и британската адвокатка Амал Аламудин.  Таа ќе добие еден милион долари ако се разведат за помалку од една година, а за секоја следна година износот ќе расте.

Најдалеку во оваа смисла отишол основачот на социјалната мрежа Фејсбук, Марк Цукерберг кој пред да се ожени со Присила Чан потпишал пред (пред)брачен договор кој регулира прашања од типот кој ќе мие садови, кој ќе го шета кучето, колку време треба да поминат заедно а колку време да бидат раздвоени еден од друг.

 

 

Нотарите не смеат да ги заверуваат (пред)брачните договори

 

Сè што со закон не е забрането е дозволено, вели професорот Мицковиќ но нотарите сепак ретко или воопшто не се нафаќаат да заверат (пред)брачен договор помеѓу идните сопружници.

 

Zorica Pulejkova

Зорица Пулејкова

„Бидејќи ваквиот договор не е регулиран со закон ние не смееме да ги заверуваме (пред)брачните договори. Доколку и има таков заверен договор, во случај на развод тој не би предизвикал никакви последици затоа што судот ќе го поништи таквиот договор. Доколку сопружниците не го почитуваат приватниот договор и моралните начела за кои се договориле, секој од нив правдата треба да ја бара пред суд во друга постапка, а не да се повикува на (пред)брачен договор“, вели Зорица Пулејкова, претседателка на Нотарската комора.

 

 

 

Затоа Мицковиќ и членовите на комисијата што работат на реформите на граѓанското право предлагаат измени во семејното право со што би се озаконило она што во праксата веќе постои.

„Го анализиравме постоењето на брачниот договор во повеќе земји и тоа ни дава за право да предложиме овој договор да биде вметнат и во нашиот правен систем. Најдобро ќе биде брачните договори да се заверуваат кај нотарите во форма на нотарски акт. Со ова практично би се озаконило она што веќе се случува во праксата, а тоа е заверка на договори што ги склучуваат брачните другари кај нотар. Брачниот договор би можел да се склучува и пред и по склучувањето на бракот“, вели Мицковиќ.

 

Комисијата уште предлага со овој договор да се регулираат правата и обврските во меѓусебното издржување, користењето на приходите на едниот брачен партнер од страна на другиот, намирувањето на трошоците за семејниот живот, како и прашањето на кого и колкав имот ќе му припадне во случај на развод на брак.

opetceska@inbox7.mk