Денешна дата
01/12/2021

Странци нè лечат во Македонија, Македонците лечат во странство

Објавен е оглас за ангажман на српски лекари во Македонија, но од министерството велат дека тоа се специјалисти кои треба да ги доедуцираат нашите лекари. Сепак, огромен број македонски лекари веќе ординираат во странство, а над 60 отсто од студентите би заминале надвор

Огласот со кој министерството за здравство бара лекари од Србија го изнесе на виделина она што од одамна е јасно, дека докторите масовно си одат од Македонија со што директно се загрозува здравјето на граѓаните. Од министерството велат дека состојбата не е алармантна. Лекарите пак предупредуваат дека ова не е крај на егзодусот на македонските доктори.

 

Министерство за здравство во континуитет работи на обнова на медицинскиот кадар, особено на нивна специјализација и доедукација во реномирани центри низ светот, како и со ангажирање на пензионирани професори од земјава и од странство, тврдат во министерството по неодамна објавениот оглас во српските медиуми со кој се бараат лекари од Србија за работа во болниците во Скопје, Велес, Струмица, Охрид и Штип.

ministerstvo za zdrastvo

 

„Докторите кои ќе бидат ангажирани мора да бидат специјалисти во било која област на медицината со најмалку 10 годишно работно искуство. За ангажираните доктори ќе биде обезбедено сместување, надомест за патните трошоци како и содветна надокнада утврдена со договорот со министерството за здравство“, пишува меѓу другото во огласот објавен во српскиот дневен весник „Политика“.

 

Предност во ангажманот ќе имаат очните доктори, гинеколозите, ортопедите, уролозите, анестезиолозите како и специјалисти од областа на неонатологијата и хирурзи за васкуларни, ендокринолошки и гинеко-онколошки болести.

 

Министерството не го гледа одливот на македонските лекари

 

Од Министерството за здравство не кажуваат колку лекари од Македонија заминале на работа во странство и велат дека објавувањето оглас за ангажирање на специјалисти од Србија е во рамките на воспоставената практика за престој на странски специјалисти во земјава.
„Станува збор за ангажирање специјалисти со престој во Македонија кои ќе работат заедно со нашите доктори, во насока на пренесување на своето повеќегодишно знаење и искуство, со цел воведување и примена на нови современи методи во нашиот здравствен систем. Надоместокот за исплаќање на специјалистите ќе се утврдува во договор со Министерството за здравство. За таа цел досега беа објавени огласи за соработка со доктори од Италија, Германија, Англија и други земји“, велат од министерството.

Според нивните податоци во периодот од 2012 година до 2014 година се вработени 1.000 нови доктори, медицински сестри, болничари, рендген-техничари и лаборанти во сите јавни здравствени установи (ЈЗУ) во земјава.

За дополнување на кадарот, министерството веќе обезбедило 362 нови специјализации во учебната 2013/2014 година, што е значително повеќе од претходните години, кога се доделувале само по педесетина годишно. 

„За да се обнови и зајакне здравствениот кадар во јавното здравство, министерството распиша и три огласи за преземање доктори-специјалисти вработени во приватните здравствени установи што сакаат да преминат да работат во јавните здравствени установи. Воведено е и двосменско работење во повеќе установи. Годинава првпат почна и испраќањето на 70 доктори на специјализација во Германија, Србија, Хрватска и во Словенија. годинава ќе бидат испратени на дообука уште 500 лица за дијагностички и терапевтски интервенции во реномирани медицински центри во странство“, велат од министерството.

heltgruper

Но, резултатите од истражувањето на меѓународниот истражувачки проект Хелтгруп покажуваат дека во учебната 2012/2013 година 60 отсто од испитаните студенти на Медицинскиот факултет сакале да заминат од Македонија по дипломирањето. Резултатите годинава пак, покажуваат подобрување. Така на прашањето дали студентите би сакале да останат во Македонија по дипломирањето, 45 отсто од нив одговориле дека сакаат но само доколку најдат работа. За разлика од 2012 година во 2013 година, 35 отсто од студентите сакале да заминат од земјава.

lazarevski

Владимир Лазаревиќ

„Разликите во одговорите помеѓу двете генерации студенти може делумно да се должат и на различните околности во кои се спроведени истражувањата. Така, за разлика од 2012 година кога беше актуелен штрајкот на лекарите и нивното изразено незадоволство поради воведувањето на проектот плаќање по учинок, оваа година се отворени многу нови работни места во здравствениот систем кои се чини делуваат привлечно за идните генерации лекари.  Доколку оваа претпоставка е точна, тогаш е потребно да се задржи мотивацијата на студентите во текот на целите студии“, вели д-р Владимир Лазаревиќ, раководител на проектот Хелтгруп.

 

 

Словенија рај за македонските лекари

 

Десетици кардиолози, педијатри, гинеколози, заболекари, рентгенолози и уште толку студенти на медицина се надеваат дека Словенија ќе им го пружи она што не може нивната земја. Ова особено важи за студентите на кои студирањето на некој од словенечките универзитети им е бесплатно.

celje bolnica

„Секаде среќавам Македонци специјалисти, гинеколози, забари, кардиолози. По сите клиники и здравствени домови каде што сум била. Македонскиот јазик се слуша многу, особено низ шопинг центрите. Словенија има дефицит од доктори специјалисти, а за нашите тоа е добитна комбинација. Има и многу студенти, раскажува нашинка која години на назад живее во главниот словенечки град Љубљана.

 

Освен во Словенија, најмногу македонски лекари има во Германија каде што платите се движат од 1600 до 4000 евра, во зависност од скалата на хиерархијата на која се наоѓаат а просечна плата на специјалистите е од 4,5 до 5 илјади евра.

За разлика од Министерството за здравство и Лекарската комора кои не даваат податоци за тоа колку лекари се отселиле од земјава, неодамна Здружението на приватни лекари објaви информација, според која без малку 300 лекари за две години ја напуштиле Македонија и заминале на работа во странство.

 

Ова, за министерот Никола Тодоров не претставува поголем проблем со оглед на тоа, како што вели тој, мобилноста на лекарите и медицинскиот персонал е глобален проблем, со кој земјава успешно се справува.

nikola_todorov

Источна Европа генерално обезбедува лекари за земјите од Западна Европа, коишто пак се мобилни во рамки на овие земји. Лекари од Австрија одат на работа во Германија, од таму  во Швајцарија,а  од Швајцарија во Скандинавските земји или во САД, Австралија. Тоа е практично патот, мобилноста на лекарите“, изјави неделава Тодоров.

 

 

Ги натераа да си одат, сега сакаат да ги вратат назад

 

И желбата да се работи на приватните клиники е голема.  Така 55 отсто од испитаниците на Хелтгруп одговориле дека сакаат да работат во приватна болница а на 35 отсто од нив им е сеедно каде ќе работат само да најдат работа.

Пред три месеци, Министерството за здравство по трет пат годинава објави  оглас за преминување на лекари специјалисти од приватното здравство во ЈЗУ.

„За да се обнови и зајакне здравствениот кадар во јавното здравство, министерството распиша и три огласи за преземање доктори-специјалисти вработени во приватните здравствени установи што сакаат да преминат да работат во ЈЗУ. По пат на преземање, досега се вработени над 150 готови специјалисти и се отворени поголем број нови кабинети. Воведено е двосменско работење во повеќе установи“ 

До сега во околу дваесетина ЈЗУ на работа се вратиле радиолози, офталмолози, педијатри, гинеколози, хирурзи, кожни доктори, психијатри и друг вид специјалисти.

 

Од „Мој термин“ на „Ало докторе“

 

 

Во период кога лекарите едвај успеваат да ги прегледаат сите пациенти кои закажале прегледи според проектот „Мој термин“, министерството за здравство на почетокот на неделава го промовираше проектот „Ало докторе“.

alo-doktore1

 

moj termin

Станува збор за повикувачкиот центар каде што на бројот 15-123 граѓаните секој ден од 8 до 22 часот ќе можат да се јават и да се консултираат за определена здравствена состојба или симптоми што ги чувствуваат. Телефонот е наменет за полесни случаи за да не се оптоварува секојдневната работа на Брза помош.

 

Директорите ќе работат по една смена во месецот, по четири часа.  Тоа значи дека секој ќе има по еден доктор, кој што е директор во некоја од клиниките, односно специјалист или доктор на науки со огромно искуство, кој ќе прима повици и ќе дава совети на граѓаните кои што сметаат дека имаат потреба да се јават на овој телефон“, изјави министерот Тодоров.

Љубиша Каранфиловски, претседател на Синдикатот за здравството смета дека ова е ефикасен проект кој ќе им биде само од помош на граѓаните.

karafilovski

Љубиша Каранфиловски

„Мислам дека овој проект добро функционира во скандинавските земји во насока на растоварување на итната медицинска помош како и правилно насочување на пациентите кога не е потребно да користат матичен лекар. Ефектот би бил и кај хроничните болни. Податокот дека за овие неколку дена има над 700 јавувања покажува дека проектот е прифатлив како таков. Се работи за доброволно пријавување на лекари специјалисти и лекари пензионери така што тоа нема да им преставува додатно оптоварување“, вели Каранфиловски.

Во проектот се вклучени доктори специјалисти со најмалку 10 години работно искуство, а дел од специјалистите се и пензионирани доктори. На телефонот совети ќе делат и 39 директори на скопските клиники и здравствени установи во во овој град.

opetceska@inbox7.mk