Денешна дата
05/12/2020

Азиланти: Бараат засолниште во Македонија, сонуваат за Западна Европа

Во првите шест месеци од годинава во земјата азил побарале околу 500 лица, најбројни се од Сирија 215. Македонија е дел од т.н. балканска рута која почнува од Турција, Грција, преку нашата земја и Србија води кон западна Европа. Оваа година државата им призна статус на бегалци на две семејства од Сирија кои живеат во Штип

Голем дел од мигрантите соочени со депортација назад во татковината, опцијата азил ја користат за да го легализираат престојот во Македонија, но при тоа не се откажуваат од целта – да стигнат до земјите на Европската унија. Па затоа најголем дел од нив пред да добијат одговор од институциите по нивното барање за азил успеваат да најдат начин да ја напуштат државата.

Според Марија Јаковлесканачалник во МВР, во текот на минатата 2013 година регистрирани се 1.296 баратели на азил во Република Македонија. Од нив најголем број или 320 биле од Сирија, 245 од Авганистан, 102 од Пакистан, 94 од Алжир, а помал број се лица од Бангладеш, Судан и Египет. Интересно е да се спомене дека во статистиката на МВР како азиланти се регистрирани и лица од соседните земји – тројца од Србија и еден од Бугарија побарале азил во Македонија.

Бранот баратели на азил од Сирија продолжува и во првите шест месеци од оваа година, од 511 лица баратели на азил, најбројни се од Сирија- 215, потоа од Авганистан и Сомалија, кои се сместени во Прифатниот центар во Визбегово, кој е под надлежност на Министерството за труд и социјална политика. Во Македонија има само еден Прифатен центар за баратели на азил, кој е лоциран во Визбегово, на 3 километри од центарот на Скопје. Центарот има капацитет за сместување на 150 луѓе, но вообичаено таму има околу 80-90 лица.

zdruzenie na mladi pravnici

Скоро сите лица кои доаѓаат од трети земји се без документи и нивниот идентитет се утврдува врз основа на нивниот исказ кој го дават при пополнувањето на барањето за азил. Понатаму тие се заведуваат под личните податоци кои ги навеле. Доколку пак поседуваат некој документ истиот мораат да го приложат кон барањето за азил и да го предадат во Одделението за азил при МВР, но постои можност да задржат фотокопија од сите документи кои ги предаваат. Врз основа на барањето им се издава идентификациона исправа за барател на азил со која можат слободно да се движат во земјата, а имаат право да ја поседуваат сè додека не се одлучи по нивните барања за азил. Голем дел од нив чуваат и скенирани копии од документите кои ги имале на своите меил адреси па ги користат за да го докажат своето потекло онаму каде ќе се затекнат“, објаснува за Инбокс7, Ирена Здравкова од Македонско здружение на млади правници.

Како што објаснуваат од Здружението многу е тешко да се добијат нивни документи бидејќи најчесто доаѓаат од земји како што се Авганистан, Пакистан, Сомалија, Сирија.

Најголем дел од нив велат дека документите им изгореле во војните или им се уништени во текот на нивното патување кон западна Европа. Но воедно, прибавувањето и не се препорачува бидејќи азилот е меѓународна заштита која се дава на некое лице поради проблеми со кои се соочило во својата земја, а земјата не успеала да го заштити како свој државјанин. Тоа сепак зависи од предметот, но причините за несреќен живот и заканите кон некое лице можат да продолжат и откако ќе ја напушти земјата, па затоа државата која го прифатила бегалецот не смее да ú даде информации дека бегалецот го зела под своја заштита“, вели Здравкова, проектен координатор во Македонското здружение на млади правници, кое во соработка со УНХЦР обезбедува правна помош за бегалци, лица под супсидијарна заштита, баратели на азил како и други лица од интерес на УНХЦР.

vojna sirija

Здружение во рамките на свои надлежности помага само доколку постои можност документи да се добијат од институциите во државата. Таков бил неодамнешниот случај на прибавувањето на извод на родени за новороденче на барателка на азил од Авганистан, која пред неколку месеци се породила на граничниот премин Богородица.

Во 2011 година во Република Македонија биле поднесени 744 барања за азил со што настана драстичен пресврт во однос на претходната година во која според податоците на УНХЦР биле поднесени само 180 , барања за азил. Истиот тренд на зголемување продолжи и во наредните години со тоа што во 2012 година поднесени се 636 барања за азил, а до крај на месец јуни 2013 година поднесени се 523 барања за азил. Се работи за лица кои потекнуваат од земјите од Средниот Исток и Африка, а во 2013 година поради разгорување на конфликтот во Сирија постои енормно зголемување на лица баратели на азил кои потекнуваат од Сирија, главно од градот Алепо.

ИЛЕГАЛНИТЕ МИГРАНТИ – БАРАТЕЛИ НА АЗИЛ

Македонската полиција знае дека дел од илегалните мигранти одлучуваат да бараат статус на азилант само за да бидат префрлени од Шелтер центарот на Гази Баба, кој е од затворен тип и во Прифатниот центар во Визбегово, за да го легализираат престојот во земјава и да добијат привремена заштита.

Многу често барателите на азил се изедначуваат со миграните кои ги напуштаат своите земји од економски причини односно заради подобар живот пребегнуваат во други земји. При миграциските движења се испреплетуваат овие групи на луѓе кои патуваат заедно.

Всушност разликата е во причините поради кои се одлучиле да заминат од своите земји, и само тоа е она што барателот на азил, односно бегалецот го прави поинаков од еден економски мигрант. Барателите на азил, односно бегалците се принудени да ги напуштат своите земји, а мигрантите сакаат да ги напуштат бидејќи нивниот мотив е желба за подобар живот. Ние практикуваме да ги нарекуваме ирегуларни мигранти бидејќи не направиле ништо нелегално освен што оствариле нелегален влез во земјата, за да избегаат од војни и несреќен живот“, велат од Македонското здружение на правници.

Според последните проценки на Високиот комесаријат за бегалци (УНХЦР) бројот на сириските бегалци надминува 3.000.000, тие во најголем број живеат во камповите во Либан (1.100.000), Јордан (600.000) и во Турција (847.000).

siriski begalci

Целата меѓународна заедница повикува дека тоа се бегалци чии основни потреби мора да се задоволат. Но, само што ќе ги преминат границите на пат кон западна Европа стануваат илегални мигранти кои се држат затворени како да извршиле најтешки кривични дела. Загрижува и фактот што најчесто во миграциските групи патуваат и голем број самохрани мајки и деца кои го бараат спасот во некоја од земјите во западна Европа.

 

ДВЕ ФАМИЛИИ ОД СИРИЈА ЖИВЕАТ ВО ШТИП

Постапката за добивање на азилантски статус мора да заврши во рок од шест месеци по поднесување на барањето. За тој период барателите на азил престојуваат во Прифатен Центар во Визбегово.

Правниците кои ги консултираше Инбокс 7 сметаат дека според сегашната ситуација која произлегува од зголемениот број на миграциски движења во западен Балкан најдобро би било да се најдат механизми за да се избегне ситуацијата секој што ќе транзитира низ земјата да мора да помине низ постапката за азил. Најдобра пракса би се воспоставила доколку се најдат механизми за рано профилирање на потребите на сите кои транзитираат по т.н балканска рута која преку Турција, Грција, Македонија и Србија води кон западна Европа, сметаат од Здружението на млади правници.

migranti24.11.2013

Според законски норми државјанство по основ на азил се добива само доколку признаениот бегалец престојува на територијата на Република Македонија, шест години од добивањето на неговиот статус. Такви случаи има само кај косовските бегалци со кои здружението работи и помага во процесот на нивна натурализација.

Оваа година државата им призна статус на бегалец на две фамилии од Сирија кои живеат во Штип. Нашето здружение е во контакт со фамилиите, комуницираме на англискиот јазик, а станува збор за образовани луѓе со завршено високо образование во Сирија. Подоцна, за време на нашата средба ни стана јасно и зошто толку многу инсистираа нивните деца да почнат да го изучуваат македонски јазик“, објаснува Здравкова.

ТУРЦИЈА ПОГОДЕНА ОД БРАН БЕГАЛЦИ ОД СОСЕДНА СИРИЈА

Војната во Сирија предизвика огромен бегалски бран кон Турција. Официјална Анкара, откако за време на викендот 100.000 курдски бегалци влегоа во земјата, реши да затвори дел од граничните премини.

turcija begalci

Како што соопшти Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации, Турција е соочена со досега најголемиот бран бегалци од соседна Сирија од почетокот на војната пред повеќе од три години.

Цивилите ја напуштаат земјата и бегаат од судирите меѓу борците од „Исламска држава“ и курдските сили, посебно по преземањето на десетици села во близина на границата со Турција од страна на ИД.

Во Турција во моментов се наоѓаат 1,3 милиони сириски бегалци.

Уредник: Стојанка Митреска

stavrova@inbox7.mk