Денешна дата
02/12/2020

Цел свет ни е виновен

Македонија од успешна приказна стана проблематична земја на Балканот, вели Андреас Ернст, долгогодишен известувач од Балканот за швајцарскиот „NCC“. Од први во регионот (дури пред Хрватска), стасавме до последни. Овај режим не врати 20 години назад. Сега служиме за пример како се распаѓа држава. Цел свет кон иднината, а Груевски запнал да ја зароби антиката, но таа не зароби нас. Сега антиката го собира дебелиот данок. Изјавата на идниот амбасадор на САД Бејли не е ниту случајна ниту лапсус, туку директен атак врз лажната антика, која служи како алатка за одржување на власт без резултати и за суспендирање на интеграциите. Сега секому е јасно дека проблем не е само името, туку нашироко ќе се расправа и за лажниот идентитет со кој се сакал да се негираат туѓи идентитети. Груевски од еден мал проблем направи три големи проблеми. Сега сфаќаме дека неговите политички потези биле омилено засолниште на ѓаволот, оти од неговата политика профитирале само Грците. Ние загубивме сè. Го загубивме Коридорот 8 со сите попратни компоненти во вредност од неколку десетина милијарди евра. Бројни компоненти од тој проект веќе се пренасочени кон соседите, а најмногу кон Грција. Ги загубивме евроатланските интеграции, со што тонеме во сиромаштија. Загубивме милијарди евра годишно кои ќе можевме да ги извлечеме од европските фондови. Да не беше Груевски, Македонија ќе беше членка на ЕУ во 2012 година. Просечната плата ќе беше двојна поголема, а невработеноста ќе беше исчезната. Бугарија беше 30 години зад нас, а сега личи на Европа. Но, изгледа лажната среќа ни го одзела умот, а вистинската ќе ни го врати, ама со ептен дебела казна.

Оттука „Скопје 2014“ не чинела само половина милијарда евра, туку дваесетина пати повеќе загубени пари. Башка што со користењето на тие проекти видно ќе зајакнуваше нашата геополитичка позиција. Но, тоа е веќе испарено. Грците не требаше ништо да работат. За нив целосно работела власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Веќе ни станува јасно дека „љубовта“ на власта ни станала многу поопасна од „омразата“ на Грците. Но, барем ние откривме еден нов национален спорт – фрлање празни лопати. Со толку лопати власта е на пат сите да не погребува. Оти далеку сме од водачи кои ќе разбереа дека подобро да се засрамиш поради вистината отколку да се воздигнеш со помош на лагите. Само малите луѓе имаат потреба од  голема слава. Ние сме далеку од државник на кој срцето ќе му зависи од главата.

И сега ги напаѓаме странците, дипломатите. Вмровската надворешна политика има дебело искуство во напаѓањето дипломати и важни западни функционери. Едно време нејзините мегафони, известувачот на европскиот парламент за Македонија Зоран Талер го нарекоа “Малер“. Истите му дале толкување на името „Солана“, кое според нив, во локалниот јазик наводно значел „ѓубре“. Шацимаркакис од Мешовитиот комитет за соработка меѓу ЕУ и Македонија, го идентификувале со петте последни букви од неговото име. Систематски ги напаѓаа Фуере, Орав, Рикер и кого не?! Цел свет им е виновен. Копи – паст политика на Милошевиќ, каде што законот и логиката лежат во силата и лагата. Власта со нашите стратешки партнери комуницира со устата на секакви контејнерски манифести чии работодавач е самата власт.

Познатиот американски експерт за Балканот Едвард Џозеф со право вели – “со години во Скопје не сме виделе одговорно водство“. По осум години од денот кога започна мандатот на Груевски како премиер (27 август 2006), неговото портретирање од страна на западниот печат како прогресивен реформатор, стана далеку минато. Весникот „Noje Cirher Cajtung“, објави портрет на Груевски со осврт на состојбата во Македонија и над фотографијата на премиерот стоеше наслов: „Малиот диктатор“. Си-Ен-Ен и  „Фајненшл тајмс“ објавиле дека Македонија е пета во светот по лошата економија, осма по мизерија, а меѓу првите по колективната несреќа. А угледниот “The Economist“ни предвидува висок степен на социјални немири. Изгледа ќе урламе, ама веројатно дека владините медиуми ќе објават дека сме урлале од среќа. Конечно блиску сме до тоа лошото да ни се врати во облик на сурова правда. Тука веќе не се работи за избор меѓу лошото и доброто, туку меѓу спасувањето и хаосот. Но, раните се длабоки. Цели генерации израснаа со тоа дека лажењето е снаодливост, а крадењето е способност. Блазе му на Иванов. Кај него тече мед и млеко.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

bilali@inbox7.mk