Денешна дата
16/09/2019

Спортското обложување во подем – забава или надеж за егзистенција?!

Според анализите на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија, во државава се обложува околу 45 отсто од населението. Во услови кога Македонија има највисока младинска невработеност во Европа и триесет проценти од целокупното население е невработено, дали спортското обложување е само обична забава и хоби, или за многумина ова е надеж за егзистенција?

Пешачењето низ дрворедите на Партизанска се редовна релаксација за повеќето Карпошани. Деца, фамилии, велосипедисти, сите како едвај да чекале да дојде пролетта за да ги напуштат домовите, да заборават на автомобилите и да ги окупираат клупите и паркчињата. Но, се повеќе граѓани се релаксираат и во околните спортски обложувалници. Во последно време тие се никнати како печурки. Само со една мала прошетка од Универзална сала до Карпош 4, на пример, ќе забележите дека буквално на секои 50 до 100 метри има спортска обложувалница или казино.

Во секоја од обложувалниците има луѓе во било кој дел од денот. Преокупирани со пополнување ливчиња или пак загледани во телевизорите каде се емитуваат спортските натпревари, секој навива за својот тим или играч, надевајќи се дека освен славење за победа, ќе падне и заработка.

Фудбал, кошарка, ракомет, тенис, формула, хокеј, мотори, скијање…речиси секој спорт што ќе ви падне на памет е достапен за обложување во билтените. Во услови кога Македонија има највисока младинска невработеност во Европа и триесет проценти од целокупното население е невработено, дали спортското обложување е само обична забава и хоби, или за многумина ова е надеж за егзистенција?

Забрана за онлајн обложувањето преку странски сајтови

Државата го забрани обложувањето и игрите на среќа на интернет преку странските сајтови и компании. Според најавите на Владата, од април интернет игрите на среќа и спортското обложување ќе се прават преку Државната видео лотарија, нов субјект во кој државата преку Државната лотарија на Македонија ќе има 51% од сопственоста, а Австрија казино, кое беше одбрано на тендер, ќе има 49% од сопственоста. Откако ќе започне да функционира овој процес, ќе се блокираат сите странски интернет сајтови кои нудат вакви услуги. Од Владата информираа дека годишно од Македонија преку игрите на среќа и обложувањата се одлеваат околу 10 милиони евра.

Горан Т. од Скопје кој е страстен спортски обложувач вели дека со обложување почнал пред десетина години кога имал само 14 години. Според него, од спортско обложување може да се живее, но само ако се има цврсти принципи и правила по кои се игра и секако ако се има доволно познавање во сферата на спортот и обложувањето. Вели дека луѓето кои се обложуваат, а кои не го прават тоа од забава, туку имаат цел да остварат приход, мораат да сфатат дека мора многу повеќе да читаат и следат за спортот, да анализираат и темелно да ги составуват своите тикети.

За жал економската состојба во државата е лоша и обложувачите сакаат да дојдат до брзи пари и во обложувањето гледаат начин да дојдат до профит во неколку часа или во еден ден. Но, јас имам една моја теза обложувањето е маратон, а не спринт на 100 метри. Добивката зависи колку пари вложуваш и се разбира колку имаш срека. Мојата најголема добивка е 90 000 денари, инаку, во просек не може да се каже колку заработувам, имало месеци кога сум имал големи добивки, но имало месец кога не сум имал ниедна добивка ама тоа се покрива со добивката од некој друг месец“, раскажува Горан.

Спортското обложување иако е игра на среќа е различно од другите игри на среќа затоа што се обложувате на луѓе кои се натпреваруваат и се обложуваат на реални настани, а не на виртуелни, вели тој.

За да имате успех во обложувањето морате да го следите спортот, да ги следите тимовите и натпреварувачите, нивната форма, тимскиот дух и атмосферата во која се наоѓа тимот, дали имаат повредени или казнети натпреварувачи, да ја знаете традицијата на тимот или натпреварувачот против кој играат…Сите овие нешта се многу важни за да се има успех. Сепак, многу мал процент на обложувачи ги користат овие техники и начини на составување на своите тикети и затоа обложувалниците се во голем подем и се повеќе го зголемуваат приходот и се шират со нови уплатни места“, смета Горан.

 

Се обложува половина од населението

Според анализите на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија, во државава се обложува околу 45 отсто од населението. Овие бројки се слични со истражувањето на Центарот за истражување и креирање политики од 2008 година, според кое 37% од граѓаните се обложуваат во спортски кладилници, а дури 71,5% велат дека тоа го прават поради економски причини.

gorgi tonovski

Ѓорѓи Тоновски

Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека иако обложувањето треба да се третира како забава и во светот на играта, за жал, во многу случаи тоа не е така.

Во услови на криза се појачуваат ваквите појави и таа стара вистина се повторува и кај нас, со тоа што многумина се обложуваат надевајќи се дека преку тоа ќе се извлечат од финансиска криза. Мал е забавниот дел, поголема е надежта за заработка“, вели Тоновски.

Луѓето вклучени во овој бизнис,  пак, со различен став. Според нив, обложувањето за поголемиот дел од населението е само забава. Претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија, Филип Филиповски, вели дека треба да се прави разлика од играчите кои гледаат на обложувањето низ егзистенцијалната призма, кои, според него, се мал процент.

Сметаме дека најголемиот процент од нив го гледаат низ призма на забава каде нормално играчот најчесто е фан на некој спортски клуб или играч каде се предвидува иден спортски настан со потенцијална можна добивка“, вели Филиповски.

Маркетинг менаџерот на спортската обложувалница „Моцарт“, Васко Илиевски, вели дека нивните досегашни искуства покажуваат дека најчесто луѓето се обложуваат два до три пати неделно.

Имаме голем број на мали уплати, ретки се оние кои прават поголеми влогови. Нашата политика се стреми кон тоа обложувањето да остане во доменот на забавата и не верувам дека постои класичен егзистенцијален момент. Најчесто луѓето уплаќаат пари бидејќи поинтересно е гледањето на омилениот тим и адреналинот е поголем кога има и влог во прашање“, вели Илиевски.

Оданочувањето на сите добивки ќе го намали обложувањето

Со последните измени на Законот за персонален данок на доход се оданочува секое добитно ливче со 10%, со што се очекува да се намали интересот кај спортските обложувачи. Во  стариот закон постоеше праг на оданочување на добивка од 10.000,00 денари.

Играчите веќе се разочарани од кратењето на нивните добивки и сметаат дека последните измени лошо ќе влијаат на спортското обложување.

Данокот е голем и државата крати значајни пари од секоја добивка. Новите измени на законот направија голем револт кај обложувачите. Помладата популација и луѓето кои користат интернет, се повеќе ќе се префрлуваат на он лајн обложувалниците на интернет“, вели спортскиот обложувач Горан Т.

betsiti

Според Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија, иако е рано да се дадат конечни бројки, голем број на играчи во блиска иднина би се откажале од игрите во спортските обложувалници поради новиот данок кој треба да го платат. Ова ќе има и негативно влијание врз работата на обложувалниците преку намален профит или отпуштање на работници.

Реакциите од терен според нашите истражувања се негативни од страна на играчите бидејќи демотивирачки делува фактот што при секоја добивка треба да им биде одземено 10 % и притоа при подигнување на средствата треба да бидат идентификувани со запишување на нивниот матичен број“, вели претседателот на АСОМ, Филип Филиповски.

Според нив, измените се некомпатибилни со европското законодавство и начелата за заштита од монополска позиција. Во оние земји каде се оданочува добивката, најчесто тоа се прави над одредена сума која се движи од 500 евра па нагоре, а најчест праг за оданочување на добивката е меѓу 3.000 и 4.000 евра.

Предложените измени во член 54 и член 55 согласно Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход претставува негативен преседан во европската правна пракса и истовремено кршење на основните правила на Лисабонскиот договор кој е неофицијален устав на Европската унија, како и многуте директиви на ЕУ кои изразито забрануваат двојно оданочување и нерамноправна – монополска позиција на една група во однос на друга, истакнаа од Асоцијацијата на прес конференцијата посветена на измените.

Уредник: Тамара Чаусидис