Денешна дата
16/07/2020

Граѓаните ги плаќаат грешките на администрацијата

Неколку луѓе од различни места од Македонија велат дека имаат проблеми со вадењето на документи за сопственост и тоа, како што тврдат, не по нивна вина, но за да се исправат грешките, морале да плаќаат сами

Коавтор: Горан Лефков, lefkov@inbox7.mk

Два пати згрешено презиме во имотниот лист  го чинело Љупчо Ѓошевски многу денови поминати од шалтер до шалтер, многу нервози и секако пари. Неговите проблеми почнале лани кога отишол во Агенцијата за катастар  да извади документ за имотот кој во далечната 1985 година судски го разделиле со татко му, брат му, сестрите и мајка му.

Кога побарав имотен лист за да извршам трансформација на земјиштето  имаше што да видам, наместо Ѓошевски Љупчо, мојата парцела е запишана на име Јошевска Љупче. Брат ми го напишале два пати и Јошевски Радојко и Ѓошевски Радојко. Во рок од три недели поднесував четири барања за исправка на документи што се направени по грешка на Катастарот. Само за барања и документи кои се направени со нивна грешка дадов, повеќе од 2.000 денари– вели Ѓошевски.

Тој е еден од неколкумината со кои разговараме, а кои тврдат дека имаат проблеми со вадењето на имотни листови поради  грешки на администрацијата,  за кои сега плаќаат тие. И покрај тоа што испративме прашања до Агенцијата за катастар, за конкретните примери оттаму не добивме одговори.  Од Канцеларијата на Народниот правобранител пак, велат дека бројот граѓани кои имаат поплаки од работата на Агенцијата за катастар сепак се намалува.

1212-greski administracija2

Љупчо Ѓошевски грешката го чинела многу нервоза и потрошени пари

Но, Ѓошевски работата не ја завршува на катастарскиот шалтер. Од Агенцијата му одговориле дека има непотполни документи, па го пратиле да ги исправи во Министерството за правда. Од таму пак му рекле исправка да бара во Матичната служба при Министeрството за внатрешни работи, но и таа не била вистинската дестинација, па го упатиле во Суд. Откога се прошетал од шалтер до шалтер, судските службеници му рекле дека тие не може да му помогнат туку дека мора да оди на нотар. Но, откако на службеничките им раскажал дека веќе има документи од нотар кои не му ги признаваат, го пратиле во Канцеларијата на Народниот правобранител, каде што и отишол.

-Наредниот ден повторно имав закажано соочување во Катастар за увид на документите што ги имаат таму и ги прашав по кој документ е направена промената на мојата имотна состојба. Службеничката ми одговори дека тоа е направено по судска пресуда од 1985 година според која е извршена поделбата на имотот. Јас ја имам истата таа пресуда и во нејзе нашите имиња се внесени точни, а им реков како може кај вас да бидат згрешени. Таа ми рече дека било нивна грешка, а е направена во 90-тите години кога ги внесувале податоците во компјутери, па бидејќи буквата Ѓ демек ја немало во латиничното писмо ме завеле како Јошевски, наместо Ѓошевски-објаснува скопјанецот.

Конечно од службеничката добил конкретни упаства. Му било советувано да поднесе барање со таксена марка и  фотокопија од пресудата од 1985 година со која е поделен имотот и дека тие ќе го сменеле презимето во имотниот лист.

По една недела одам да го земам најновиот имотен лист, и има што да видам, повторно ми го згрешиле презимето и ме запишале Ѓошевска Љупчо– вели соговорникот, кој за исправање на грешката потрошил 8 дена од шалтер на шалтер, а сето тоа го чинело и околу 200 евра.

Избришан имот- стотици потрошени евра

Ибрахим Неази од тетовски Теарце до пред пет години мислел дека поседува имот кој никој не може да му го одземе. Но, во 2009 година кога во Катастарот побарал имотен лист, непријатно се изненадил.

Во имотниот лист не фигурираше моето име и презиме, туку пишуваше дека е сопственост на Република Македонија. Откога го прашав службеникот зошто е тоа така, бидејќи јас сум сопственик, а имам и скица според која земјиштето гласи на мое име, тој ми рече работата да ја средам со приватни геодези– тврди Неази.

Геодезите пак му рекле дека мора да му подготват елаборат за парцелата кој чини околу 600 евра, но претходно го испратиле по дополнителни документи.

Ми рекоа дека прво во општината треба да се верифицира правосилноста на одобрението за градба за што службеникот ми побара 500 денари – вели Неази.

Иако не знае како дошло до грешката во Катастарот, тој мора да плаќа дополнително ако сака имотот да биде на негово име.

И скопјанецот Атанасие Тодоровски има  проблем со имотот. Пред неколку години тој купил стан во населбата Чаир кој бил во сопственост на три сестри. Уредно, како што тврди, преку нотар, ја пријавил  промената на сопственоста на станот во скопски Катастaр.

Но, таму некако дошло до грешка и практично станот сега е пријавен како да сум сопственик само на една третина од станот. Не знам како е испадната грешка кога поднесената документација е уредна, но ми побараа сега да поднесам барање за исправка на техничка грешка, кое чини 500 денари. Се прашувам зошто да давам пари кога грешката не е моја– вели Тодоровски.

Се намалуваат поплаките за катастарот

Ова се само три примери на луѓе со кои разговаравме. На интернет-страницата uslugi.gov.mk   може да се најдат уште многу луѓе што се жалат на неправедноста која тврдат дека им била нанесена не по нивна вина.

Купив недвижен имот од продавач врз основа на доказ имотен лист од Катастарот на недвижностите. Подоцна врз дел од имотот трето лице поведе против мене спор за утврдување право на сопственост на дел од купената недвижност. Со судска одлука судот му утврди право на сопственост на третото лице, а врз основа на податоци од стариот Катастар пред 1996 година, бидејки била направена грешка во Катастарот. Побарав да се вклучи Катастарот уште во почетокот на спорот. Катастарот не се вклучи. Дали имам право на надомест на штета поради грубата грешка на Катастарот– прашува граѓанин.

На ова службеното лице му одговора дека тоа не е во нивна надлежност и оти е потребно да се обратат до адвокатска канцеларија за стручна правна помош.Стручната правна помош од адвокат – чини пари.

Од Канцеларијата на Народниот правобранител тврдат дека од 261 поплака што стигнале кај нив лани поврзани со имотно-правни односи само педесетина се за Катастарот, а најголем дел жалби имало за денационализација и за градежно земјиште што е во надлежност на Министерството за финансии.

1212-naroden pravobranitel kancelarija 1

Од Канцеларијата на Народниот правобранител велат дека бројот граѓани кои имаат поплаки на работата на Агенцијата за катастар сепак се намалува

Но, за разлика од порано сега добиваме квалитетни преставки по кои што Канцеларијата на Народниот правобранител постапува за разлика од претходно кога доаѓаа и многу неосновани преставки за кои веднаш ги известувавме граѓаните дека нема основ.Потоа се обраќаме до секторот за внатрешна контрола на Агенцијата за катастар или до нивните организациски единици низ Македонија да бараме податоци и објаснувања– велат од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Практиката на Катастарот да зема пари од граѓаните за грешки кои не е утврдено чии се ја констатира и Државниот завод за ревизија.

Во извештајот за работата на Агенцијата за катастар објавен на почетокот на март  се наведува дека за остранување на грешките направени при прибирање и обработување на податоците настанати како резултат на грешки во пресметување на површината на парцелата, грешки во означување на адресни податоци за недвижностите, лични и адресни податоци за носителите на правата на недвижностите, Агенцијата врши исправка на грешки. Овие грешки се отстрануваат по службена должност или по пријава на странка за чие отстранување Агенцијата наплатува 50 денари административна такса.

Ваквата состојба не е во согласност со членот 18 од Законот за административни такси, во кој е наведено дека не се наплаќа такса за списи и дејства во постапка на исправка на грешка во решенија, други исправи и во службени евиденции. Поради наведената состојба корисниците на услуги се обврзани да плаќаат такси кои не се утврдени со закон. Потенцираме дека наплатените административни такси се приходи во Буџетот на Република Македонија-наведуваат ревизорите.

Тие препорачуваат да се направи автетично толкување на одредбите од Законот за административни такси за услугите што ги дава Агенцијата за катастар.

Уредник: Тамара Чаусидис 

dimeska@inbox7.mk