Денешна дата
17/12/2017

Инбокс7 меѓу гурбетчиите во Италија: Од градоначалник до берач на грозје (Втор дел)

На пат кон Канели го сретнавме и поранешниот градоначалник на општина Чешиново – Облешево Орце Митров. Тој ни ја раскажа неговата животна приказна како од угледен, спортист, бизнисмен, градоначалник, како и зошто си заминал од Македонија

 

Инбокс7: Како ги изгубивте изборите во 2009 година?

Митров: На локалните избори во 2009 година бев кандидат за втор градоначалнички мандат на општината Чешиново – Облешево, и загубив со многу тесен резултат. Очекував победа на тие избори, но во околните градови се избраа градоначалници во првиот изборен круг, тие беа слободни и вршеа голем притисок врз гласачите во Чешиново – Облешево и како резултат на тоа загубив на изборите. Градоначалник станав како член на ЛДП во 2005 година. Пред да станам градоначалник држев ресторан во село Облешево. Кога веќе ги загубив изборите во 2009 година планирав да си продолжам да работам со ресторанот. Градоначалничката функција е менлива, никој не е венчан за таа фотелја, ниту пак јас. Иако бев многу успешен градоначалник и имам најмногу направено за општината од сите пет мои поранешни и сегашни колеги, кои биле на тронот во општина Чешиново – Облешево. Веднаш по престанокот на градоначалничкиот мандат во 2009 година, власта започна голема хајка против мене.

IF

 

 

Инбокс7: Што ве натера да дојдете во Италија?

Митров: Почнаа да ми вршат притисоци. За неполни 2 месеци 7 пати ме посети инспекција. Скоро преку два дена се редеа инспекции, трудова, пазарна, санитарна, финансиска инспекција и уште какви ли веќе не.

Тие инспекции ми пуштија две пријави, едната беше 4.000 евра, другата беше 3.250 евра. Првата ја плативме, и сметав дека ќе се надминат работите и ќе се средат. Но, набрзо откако ги плативме казните, во ресторанот повторно дојде инспекција. Јас не бев во ресторанот, туку мојата сопруга. По краток преглед на документацијата, инспекторката и рекла на жена ми, ај те молам покажи ми каде е тоалетот. Сопругата изнервирана веќе, само со рака и покажала каде е. Инспекторката отишла 3-4 метри кон тоалетот и повторно се вратила назад и пак ја замолила сопругата да дојде со нејзе и да и го покаже тоалетот. Сопругата тргнала пред нејзе и ја однела во тоалетот. Инспекторката веднаш и посочила на сопругата дека од Скопје имаат наредба да нè казнат и дека доколку веднаш не го затвориме ресторанот, следната казна ќе ни биде 22.000 евра. Самата раководителка на инспекторатот ми велеше дека и било наредено да ми пишуваат казни. Нашиот ресторан беше за пример во Источна Македонија и еден од ретките, ако не и единствен ресторан што функционираше во овој дел на Македонија. Но, тоа не ја интересираше власта и гледаше што поскоро да ме затвори.

Сфатив дека ова веќе е политичка хајка против мене и го затворив ресторанот. Веднаш по оваа случка против мене беа поднесени кривични пријави до кочанскиот Основен суд. Бев обвинуван дека сум правел проневери на пари и слични работи, што нема никаква врска. Од таа општина не сум зел ниту еден денар. Многу повеќе јас имам дадено пари од сопствен џеб, отколку што сум земал од таму. По неколку години судски постапки, сите кривични пријави против мене беа повлечени, од страна на подносителите.

IF

 

Инбокс7: Како ја напуштивте Македонија? Дали ви беше доведена во прашање егзистенцијата или сакавте да побегнете од политичките притисоци?

Митров: Кога осетив дека сакаат на права душа да ме затворат, решив да заминам надвор од земјата. Бев прво во Германија неколку месеци, но подоцна ми понудија работа во овој ресторан и така дојдов во Италија, во 2010 година. Работев паралелно во лозјата овде во Канели и во ресторанот вечерно време. Во декември минатата година го зедов овој ресторан под закуп и засега добро работам и со него. Имам многу гости. Поголем дел од нив се Италијани, околу 60%, но има и наши. Честопати нашите иселеници овде во Италија, прават крштевки и семејни прослави. Ресторанот се вика „Александар Македонски“, да ме потсетува на Македонија. Ресторанот има капацитет за околу 200 гости. Најполн беше за 8-ми март кога беше прославата на нашите дами кои живеат овде во Италија.

Ресторанот работи добро, вадиме по една плата за нас вработените овде. Постојано сме четири вработени, по потреба повикувам уште четворица други.

IF

 

Инбокс7: Какви се Вашите планови? Ќе  останете овде или ќе се вратите во Македонија?

Митров: Сакам да се вратам во Македонија. Македонија ми е во срцето. Таму имам куќа, таму имам имот. Таму имам се. Овде сум странец. Јас имам остварено многу резултати во сите полиња каде што сум работел. Рекордер сум по производство на тутун во Македонија. Имам предадено околу 1.000 тони едролисен зелен тутун од кои излегоа околу 200 тони сув тутун. Имам освојувано балкански медали во борење, неколку години имав и школа за борење, децата ги учев како да спортуваат и да се изградат како вистински личности со цврсти карактери. Кога сум овде постојано размислувам за Македонија.

Лобирам кај италијанските бизнисмени и гости што доаѓаат во ресторанот да инвестираат во Македонија. Но, внимавам тоа да се сериозни бизнисмени, кои ќе се занимаваат со производство. Досега на две македонски компании им најдов деловни партнери овде во Италија. Едните откупуваат печурки, другите пиперки.

Но, за да се донесат поголеми инвестиции, треба да се средат работите и во Македонија. Имав контакт со италијански бизнисмен во тутунската индустрија кој работеше на кратко во Македонија и ми пренесе многу лоши искуства од таму.

Бил казнувам од инспекции. Скоро секоја недела на врата му доаѓале разно – разни инспекции. Зел земјиште под закуп, па му го блокирале и не му давале да работи. Имало земјоделци кои земале аванс и вештачки ѓубрива да садат тутун, но тие не саделе, па ги тужел, па потоа имал уште толку поголеми притисоци од власта. Му ги блокирале машините и 10 дена не можел да си ги подигне. Сликата кај тој бизнисмен за Македонија е многу лоша. Тој е еден од првите производители на едролисен тутун од сортата Вирџинија, во Европа.

 

Инбокс7: Кога планирате да се вратите во Македонија?

Митров: Се додека не се стабилизираат работите во Македонија, да има услови за слободен бизнис без притисоци од власта, не планирам да се враќам во Македонија. Ако сега се вратам таму, очекувам да ме снајде истото тоа што ме снајде во 2009 година. Казните се превисоки во Македонија. Во Италија сум четири години, имам платено само две казни за погрешно паркирање по 40 евра. Во Македонија казните за погрешно паркирање се исто така 25 или 30 евра, но тука платата е 2.000 евра, а во Македонија е 200 евра. За една казна во Италија треба да работиш половина ден, во Македонија цела недела.

Утре: Македонците од Канели порачуваат: Државата да испрати даскал по македонски јазик

Линк до Првиот дел

Линк до Третиот дел

Линк до Четвртиот дел

Оставете коментар

Коментар(и)

lefkov@inbox7.mk