Денешна дата
22/10/2020

Родителите сè почесто донатори во училиштата

Родителите купуваат школски прибор, средства за лична хигиена, телевизори, шкафчиња, закачалки, ролетни…. Образoванието е бесплатно, а родителите немаат законска обврска да купуваат и да донираат во училиштата. Може да донираат само по своја иницијатива, но никој не смее да им бара, велат во Министерството за образование

Колку е бесплатно македонското образование, кога освен учебниците, сè друго мораат да набават родителите. Почнувајќи од школскиот прибор, преку другите помагала, средствата за лична хигиена па сè до делови од инвентарот (телевизори, шкафчиња, закачалки, ролетни, па дури и надворешни огради) училиштата во голем број случаи ги добиваат како донација од родителите. Свесни за лошите услови во училиштата, родителите доброволно прифаќаат да издвојат дел од сопствениот буџет за доброто на своите деца, велат наставниците.

Во одредени случаи родителите се иницијатори за да помогнат, а ние ако добиеме зелено светло од општината, им дозволуваме да направат на пример, закачалки или шкафчиња, објаснуваат просветните работници.

Родителите со кои разговараше Инбокс7, велат дека тоа го прават затоа што децата во дневен престој носат многу материјали со себе кои не може да се сместат под клупа па затоа е потребен дополнителен инвентар, како фиоки или шкафчиња.

ОУ_„Љубен_Лапе“

Јас за моите две деца досега сум давала во два наврати еднаш 600 денари, другпат 800 за шкафчиња“, вели еден родител чии деца учат во основното училиште „Љубен Лапе“ во скопската населба Аеродром.

Во другото одделение, вели родителот, некој донирал шкафчиња самоиницијативно, а во некои одделенија купувале пластични фиоки.

Кога моето дете беше прво одделение во училницата имаше мали масички како во градинка, што е во ред бидејќи класичните школки клупи се превисоки за 5-6 годишни деца, па ранецот и палтото му стоеја закачени на столчето. Секогаш кога детето ќе станеше столчето се превртуваше и сè му се истураше на земја. Затоа моравме да предложиме, ние како родители, да се купат, односно направат шкафчиња по мерка за да можат децата да си ги сметат работите внатре“, вели Елена чие дете учи во училиштето „Братство“ во Скопје.

Откако некој од родителите предложил дека има познаник столар кој може да ги изработи шкафчињата, целиот процес запрел околу поставувањето на закачалките. Претходно морало директорката на училиштето да побара дозвола од општината дали смее да се дупчи ѕидот. Случајот завршил со дозвола закачалките да бидат поставени на долниот дел од ѕидот кој е обложен со дрвена подлога, за да не се оштетел свежо малтерисаниот ѕид, за што претходно биле издвоени средства од општинската каса.

За ова секој од нас родителите плати по 1.000 денари на рака, кои благајникот му ги предаде на човекот кој ги направи шкафчињата“, завршува Елена со раскажување на своето искуство.

ou-toso-velkov

Ова се само дел од многуте примери во современиот школски систем каде родителите донираат за доопремување во реновирани училишта. Тука се вариолајт ролетните кои по сугестија на наставничките односно управата на училиштето се купуваат во разни бои, но потоа никој не сака да ги одржува.

Кога во Петар Поп Арсов пред три години беше пуштено во употреба реновинарото училиште прозорците беа голи и децата внатре се печеа како на ражен. Кога еднаш отидов да го земам детето од училиште сите беа стиснати во двете редици кои единствено се наоѓаа под сенка. Веднаш им реков на останатите родители дека мора да се организираме. Откако на новите прозори управата не дозволи да залепиме фолија, а предлогот за класични завеси беше отфрлен со образложение дека немало кој да ги пере, тоа не било работа на чистачките, а и немале каде, беше прифатен предлогот за вариолајт како најлесен за одржување“, вели мајката на Ана.

Покрај ролетни и шкафчиња не е редок примерот кога родителите се принудени да даваат пари во кеш и за железни огради во училишните објекти.

Ние двапати дававме пари за огради еднаш за внатрешна еднаш за надворешна“, велат родители.

Има случаи кога тие купуваат телевизори во училиштата кои најчесто се користат за гледање цртани филмови во пониските одделенија. Некои родители подаруваат фотокопир-машини, па сè до цд плеери.

tv ucilnica

Кога мојата ќерка беше трето одделение купивме телевизор, кој служеше децата на голем одмор да гледаат цртани филмови“, вели Надица, чија ќерка сега е прва година во средно училиште.

Сепак не е мал бројот на позитивните примери, како оној во Кавадарци во основното училиште „Тошо Влеков Пепето“:

Јас знам дека е забрането да се собираат пари“, вели една мајка чие дете е во второ одделение во „Пепето“.

Ние од собраните пари од изработките за Велигден минатата година купивме цд плеер кој им беше потребен за определени наставни содржини. Инаку по 100 денари на годишно ниво собираме за копирање на материјали и му ги даваме на наставникот“, изјави таа за Инбокс7.

Сè почесто во организација на училиштата се одржуваат таканеречени хепенинзи на кои децата продаваат рачни изработки. На пример од парите собрани за време на хепенингот во училиштето „Петар Поп Арсов“ кога беа продавани изработки по повод Велигден беше набавен разглас, раскажуваат нашите соговорници. Ваквите случаи родителите ги посочуваат како позитивни.

 

ПОМАГАЛА ЗА РАБОТА СПОРЕД КЕМБРИЏ ПРОГРАМАТА

rekviziti skolo

Јажиња, коцки, сложувалки ова се само дел од реквизитите кои им се потребни на учениците од прво, второ и од трето одделение и на наставниците за следење на нововедената програма според Кембриџ. Наставниците се оставени на себе да се снаоѓаат во импровизацијата на помошните материјали. Велат дека користат капачиња, стапчиња во боја и слично.

И повторно тука се родителите кои купуваат колку толку соодветни предмети кои би им помогнале на нивните деца да ја совладаат новата материја во која влегоа без никаква претходна подготовка, односно предзнаење.

Во Бирото за развој на образованието велат дека материјалите не се скапи и дека треба да ги набават училиштата.

 

 

РОДИТЕЛИТЕ НЕМААТ ЗАКОНСКА ОБВРСКА ДА КУПУВААТ

Дали родителите се обврзни да бидат финансиери во дел од училиштата? Дали блок-донациите кои ги добиваат од МОН се премали за покривање на овие трошоци или се несоодветно распределени?

Наставниците велат дека сè се одвива на доброволна основа зашто самите родители сакаат да ги подобрат условите во кои учат нивните деца. Според Министерството за образование, распределбата на средствата ја вршат општините во договор со училиштата.

mon

 Образoванието е бесплатно, а родителите немаат законска обврска да купуваат и да донираат за училиштата, велат од кабинетот на министерот за образование и наука.

Може да донираат само по своја иницијатива, но никој не смее да им бара. Сепак, за тоа мора да постои одлука донесена од Советот на родители, а потоа да биде информиран и директорот на училиштето“, објаснуваат оттаму.

Од Општина Аеродром потенцираат дека тие постојано инвестира во подобрување на условите во училиштата, така што комплетно ги реконструирале сите училишта.

Имаме изготвено проекти за внатрешно опремување на училиштата, кои се планира да се реализираат во понатамошниот период, а со кои ќе се реши потребата од мебел во училиштата, поточно шкафчиња, столчиња, клупи, завеси и закачалки“, најавуваат од општината.

Потоа, истакнуваат дека доколку самите родители сакаат може дополнително да обезбедат материјали за работа на учениците, но тоа не е задолжително.

На прашањето на Инбокс7, за што се трошат средствата од буџетот распределени за училиштата, кога родителите купуваат дури и средства за лична хигиена, односно тоалетна хартија и течен сапун, од општина Аеродром велат дека тие финансии се за тековно одржување.

Што се однесува до финансирањето преку блок-дотации од Министерството за образование и наука, тие предвидуваат плати за наставниците и средства за тековно одржување, во кои пред сѐ спаѓаат сметките за струја, вода, парно и слично“, се вели во одговорот од општината.

Уредник: Стојанка Митреска

stavrova@inbox7.mk