Денешна дата
16/09/2019

Давање државјанства за политички цели

Москва им дава државјанства на украински и грузиски државјани, Софија на македонските, Белград на босанските, Скопје на албанските, Тирана на сите Албанци што сакаат. Веќе десетина години, особено Балканот, влезе во трката за обезбедување на што е можно повеќе државјани кај соседите. Аналитичарите оценуваат дека таквиот пристап е повеќе политички отколку што е израз на реална потреба

 “По телефон ми звучиш писмено, веројатно не си муслиманка, нема да има проблем, ќе ти дадат бугарско државјанство. По неколку минутниот разговор, ова беше заклучокот на човекот кој на Интернет се рекламира како посредувач за бугарски документи. Се интересиравме за тоа како и за колку пари може да стигнеме до државјанството на источниот сосед, кое веќе години е посакувано бидејќи на македонските граѓани им ги отвора вратите на Европа, не само за шетање, туку за заработувачка.

Љубезниот посредувач за бугарски документи неуморно одговораше на прашањата. Вели дека сега властите во Софија  ја направиле процедурата покомплицирана, па ако порано се ваделе документи за девет месеци, сега се потребни 2,5 години.

-Тоа е заради големиот број Косовари и санџаклии што почнаа да бараат бугарски државјанства и владата реши да крене рачна- објаснува соговорникот.

Но, со аргументот дека не сум муслиманка продолжува да ме убедува дека за мене нема да има проблеми.

paosos bugarski

-Малку е проблематично  што немаш ниту еден од семејството претходно што има бугарско државјанство. Ама ќе те однесам во Софија на нотар, ќе напишеш дека имаш бугарско потекло и дека и мајка ти и татко ти се чусвтвуваат така, после документот ќе го поднесеме во Министерството за правда и ќе чекаме да не викнат. За околу 250 евра вкупно ќе добиеш бугарски пасош- тврди агентот за посредување.

 

Соседи во битка за поголеми малцинства

Всушност, нагласувањето на етничката припадност како добра основа за добивање на пасошот открива и дека бугарските власти се заинтересирани за доделување на документи исклучиво на оние со македонска припадност кои изразуваат подготвеност да признаат дека имаат бугарско потекло.

Младата Јана која се уште нема наполнето триесет години веќе го сторила тоа.  Ја поминала процедурата пред три години и има бугарски пасош. Вели дека го има документот што ѝ ги отвора вратите во многу земји, но дека се чувствува исклучиво како Македонка.

-Пасош извадив само заради подобра економска егзистенција- тврди Јана.

Но, бугарските власти, и покрај тоа што не е тајна  дека поголемиот дел од македонските граѓани бараат нивни документи поради тоа што на нив гледаат како на виза за подобар живот во западноевропските земји, ја форсираат тезата дека сѐ повеќе Македонци се освестуваат дека се Бугари.

Според статиските објавени на почетоков на годинава на бугарската државна телевизија БНТ  во периодот од 2001 до 2013 година,  51 391 македонски граѓани добиле бугарски државјанства што ги прави далеку пред другите странци. Втори на листата се српските граѓани со 4099 пасоши, а трети со 2478 се Русите.

Во меѓувреме позасилена кампања за придобивање на што е можно повеќе заинтересирани за добивање на нивно државјанство почна да води и Србија. Во 2012 година таму стапи во сила владината одлука Србите од земјите во регионот да можат целосно бесплатно да добијат нивно државјанство. Одлуката се однесува на Србите што живеат во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Унгарија, Романија и Албанија.

Претходната година тамошните власти објавија дека во текот на 2010 година српско државјанство добиле 19 310 луѓе.  Таму предничат државјаните на Хрватска и на Босна и Херцеговина, но како што беше наведено и Македонци, Црногорци и Словенци.

И покрај обидите да добиеме официјална бројка на луѓе од Македонија што побарале и добиле српско државјанство, Амбасадата на Србија во Скопје не ни ги достави бараните информации.

И Македонија дава државјанства на баратели од соседните земји, но во далеку помал број од источниот и северниот сосед . Според официјалните податоци што ги добивме од Министерството за внатрешни работи во текот на 2013 година  2.120 лица побарале државјанство, а тоа им било дадено на 1.270 лица.

-Најголем број на лица кои се стекнале со државјанство на Република Македонија се државјани на Република Косово, Република Албанија и Република Србија-велат од МВР.

 

Средство за уцена

Според поранешниот дипломат Благој Зашов за разлика од порано сега доминира појавата на масовно издавање држвјанства во политички цели.

– Порано се даваа државјанства најчесто поради некои привилегии што државата ги добива ако привлече некој познат странец да биде дел од нивната држава, како на пример познат фудбалер, научник или писател или пак некој богат бизнисмен за да го привлече неговиот капитал. Премногу политика сега се внесе во целиот тој процес- тврди Зашов.

Зборувајќи конкретно за случајот со Бугарија тој тврди дека крајната цел на источниот сосед е историски да се покажело дека на оваа територија не живеат Македонци туку Бугари.

-Но таква иста политика водат сите земји и заради свои внатрешни интереси лесно даваат државјанства онаму каде што имаат интерес- вели Зашов.

Мирче Адамчевски долгогодишен новинар, кој ги следеше надворешно политичките случувања, а беше и дописник од Москва вели дека преку давањето на државјанства,  државите се обидуваат да креираат непријатности меѓу официјалните политики, но и тие им служат како средство за уцена.

-Македонија им дава државјанства на Македонците од Пустец за да покаже дека има македонски државјани што живеат во Албанија. Бугарија дава државјанства веќе неколку години на македонските граѓани и утре може да побара заштита на нејзините државјани што живеат тука, па може да сакаат да влезат и во Уставот како народ. Грците викаат дека имаат свои државјани во битолско, засега кај нив не постои тренд за помасовно издавање на пасоши но можно е и тие да почнат со таква процедура- вели Адамчевски.

ПРОВЕРЕН РЕЦЕПТ

Обидот за влијание во внатрешно политичките прашања преку давање на државјанства на луѓе од соседни земји не е исклучиво балкански, туку е стар и проверен рецепт.

Рускиот премиер Дмитриј Медведев неодамна објави дека Русија ја поедноставува процедурата за стекнување на руско државјанство за говорителите на руски јазик кои живееле во Русија или во поранешниот СССР.

Официјална Москва, како што јавија руските медиуми почна да им дели пасоши на жителите на Крим.

– Процесот веќе почна. Веќе врачивме еден дел од пасошите и тоа секој ден ќе биде се поинтензивно- изјави шефот на руската имиграциска служба Константин Ромодановски.

Адамчевски, пак, потсетува и на случувањата од летото 2008 година во Грузија.

-Во кратката војна Русија влезе во Грузија со оправдување дека ги заштитува своите државјани во Абхазија и јужна Осетија на кои претходно им беше дадено руско државјанство- вели Адамчевски.

Зашов, пак,потстетува и на други примери подалечни примери. 

-Португалија одамна им даваше масовно пасоши на Бразилци, но тоа не ѝ се допадна на Европската Унија па им укажа дека пристапот не е добар. Романија слично правеше и со Молдавците и според некои информации досега има дадено околу 800 илјади пасоши на молдавски државјани- вели Зашов.

Инаку, пред да ја загуби власта и поранешниот прв човек на владата во Тирана,  Сали Бериша најави дека тие ќе им дадат државјанство на сите Албанци што живеат во шенген зоната. Тој појасни дека таа одлука се однесувало на постапките за признавање и добивање албанско државјанство за лица со албанско потекло со исклучок на граѓаните на Р. Косово, кои се државјани на независна земја и за кои Владата на Албанија нема и не може да има авторитет без договор помеѓу двете влади. Сепак, засега според познавачите на состојбите бројот на Албанци од Македонија што побарале албанско државјанство е мал бидејќи пасошот не им дава посебни привилегии различни од оние што веќе ги имаат како македонски државјани.

 

Уредник: Тамара Чаусидис

dimeska@inbox7.mk