Денешна дата
22/09/2020

Професори во трка за претседател

Ѓорге Иванов: Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов е првиот на избирачкото ливче. Тој ќе трча за втор мандат, подржан од голем број интелектуалци и спортисти, не само од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Роден е во Валандово на 2 мај 1960 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, но кариерата ја започнал како новинар во Македонската радиотелевизија, поточно Радио телевизија Скопје како што се нарекувала во 1988 година. Таму работел седум години стигајќи до позиција уредник на Третата програма  на МРТВ. Уште тогаш се залагал за реформи во политичкиот систем.

111-George Ivanov

Иванов важи за мошне разумен човек, а во неговиот изминат мандат ќе остане запаметен токму по изјава за разумноста – „Разумен компромис е разумен компромис“, беше неговиот коментар на новинарско прашање за тоа како ќе се реши спорот за името. Важи и за добар познавач и љубител на македонската средовековна и античка историја. Во 1995 година, Иванов ја започнал неговата универзитетска кариера на Правниот факултет. Магистрирал политички науки на темата „Цивилно општество – новите контрадикторности на старата расправа“. Докторатот му е насочен кон градењето демократија во поделени општества, конкретно обработувајќи го примерот на Република Македонија. Во 1999 година станува визитинг-професор на Програмата за Југоисточна Европа на Универзитетот во Атина. Како професор престојувал и држел предавања на повеќе странски универзитети и учествувал во меѓународни проекти. Бил раководител на политичките студии и продекан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

 

Стево Пендаровски: Пендаровски меѓу новинарите е познат по својата елоквенција, брзина и квалитет на информацијата, но воедно е познат и по „шарматното мафтање“ на новинарите кога не сака да им одговори на некое незгодно прашање. Пендаровски ја има и способноста многу да зборува, а притоа ништо да каже. Сепак, неговата интелегнција и исцрпно познавање на материјата е неспорна. Роден е на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје.

222-Stevo pendarovski

 

Тој е доцент по меѓународна безбедност, надворешна политика и глобализација, на Факултетот за политички науки на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Набрзо откако Љубомир Фрчкоски, станува министер за внатрешни работи во јануари 1992 година, Пендаровски е поставен за шеф на одделението за аналитика на МВР, а потоа и заменик министер за внатрешни работи задолжен за односи со јавноста. Ова го работи три години, се до избивањето на конфликтот во 2001 година. Тогаш, Пендаровски е назначен за шеф за национална безбедност и главен советник за надворешна политика во кабинетот на претседателот Борис Трајковски, повторно по препорака на Фрчкоски, кој исто така е советник на Трајковски. Во 2004 година, Пендаровски е избран за претседател на Државната изборна комисија, каде ги организира претседателските избори на кои Бранко Црвенковски го победи Сашко Кедев. Во 2005 година, повторно се враќа во претседателскиот кабинет, каде ја има истата функција како во времето на Трајковски – шеф за национална безбедност и главен советник за надворешна политика.

 

 

Иљаз Хаљими: Кандидатот за претседател на Демократската партија на Албанците (ДПА), Иљаз Хаљими,  зад себе има бујна политичка кариера. 60-годишниот искусен политичар бил носител на неколку државни функции. Во моментов е раководител на сектор во Општина Тетово а во неговата ДПА ја држи позицијата на потпретседател на партија. Роден е во село Сушиќе во Косово во 1954. Кога имал една и пол година неговите родители се преселиле во Тетово, со намера да продолжат кон Турција, како крајна дестинација на нивната миграција. Меѓутоа, останале во Тетово заради неможноста да добијат дозвола за преселба.

333-Iljaz Halimi

Завршил Филозофски факултет во Приштина, по што се вработил како професор во гимназијата во Тетово. Хаљими е женет и е татко на еден син. Во 2002 година Хаљими на избори добива уште еден четиригодишен пратенички мандат. За време на овој период неговата партија ДПА не е дел од власта. На парламентарните избори во 2006 година Халими не се наоѓа на листата на кандидати за пратеници на ДПА. Но, по изборите неговата партија станува дел од извршната власт  а Хаљими е избран од Собранието за заменик-министер за Одбрана. Ова функција ја извршува до 2008, кога се прогласуваат предвремени парламентарни избори.

 

Зоран Поповски: Неговото име стои во редот на членовите на Централниот одбор на партијата која ја предводи Стевчо Јакимовски, а во неговата биографија се вбројува податокот дека е еден од основачите на партијата. Во моментов е член на Советот на општина Карпош од редовите на ГРОМ. Поповски во пошироката јавност е препознатлив повеќе според неговиот научен отколку по политичкиот бекграунд. Пошироката јавност го памети како државен секретар во Министерството за образование и наука, каде оваа функција ја извршуваше како кадар на СДСМ во периодот од 2002-2006 година. Роден е во Скопје на 08.09.1962 год. Науката му била пренесена од мали нозе. Татко му  бил градежен техничар, а мајка му медицински лаборант. Растел со својот постар брат кој е архитект по професија.

444-Zoran Popovski

Дипломирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје со просечна оцена  9.8 и се стекнал со звањето дипломиран професор по биологија. Магистерско звање по биохемија добива на истиот факултет, а во 2002 година докторира на примена на современи ДНК методи во анималната биотехнологија на ФЗНХ. Вработен е како редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Специјалност му се областите: биохемија, молекуларна биологија и генетско инженерство за што објавил над 100 научни и стручни публикации.